Седмо издание на меѓународната манифестација „100 илјади поети за промена“ во Струмица

30.09.2017 03:36
Седмо издание на меѓународната манифестација „100 илјади поети за промена“ во Струмица

Седмото издание на меѓународната манифестација „100 илјади поети за промена“ ќе се одржи во сабота, 30 септември, со почеток во 20 часот во кино салата на кафе бар „Селект“ во Струмица.

Ова е настан кој е дел од глобалната манифестација „100 Thousand Poets for Change“ – меѓународна манифестација која годишно се оддржува во стотици градови во светот, со повеќе од 500 најавени настани, меѓу кои е и Република Македонија уште од самиот почеток. Глобалното движење „100 Илјади поети за промена“, во соработка со здружението „Контекст – Струмица“ го реализира седмото издание на поетската манифестација „100 Илјади поети за промена“, на кое освен поетите од Македонија кои се застапени во традиционалниот зборник кој секоја година се издава и промовира како дел од самата програма, ќе учествуваат и специјалните поети-гости: Фахредин Шеху (Косово), кој во моментот е номиниран за Пулицеровата награда за литература за 2018 година, Вилијам С. Питерс и Маргарет Сејн (САД), Сотириос Пастакас (Грција), Иван Христов (Бугарија) и осум поети од Србија меѓу кои Стефан Митиќ и Немања Стојковиќ Блеки.

Програмата на манифестацијата започнува во 20 часот со отворање на изложбата на плакати од дизајнерите кои се дел од конкурсот кој секоја година е дел од програмата, за потоа да биде промовиран зборникот со поезија во кој се застапени повеќе од 60 автори кои учествуваа на претходно објавениот конкурс на кој беа пријавени околу 300 автори, за сето тоа биде проследено со поетско читање на поетите гости и авторите од Македонија меѓу кои Никола Маџиров, Наташа Сарџоска, Тихомир Јанчовски, Д.А. Лори, Стефан Марковски, Катерина Диманова и многу други.

Темите кои се најчеста инспирација за авторите и поетите кои учествуваат на манифестацијата, обработуваат проблеми поврзани со општествениот и социјалниот живот, мирот, заштитата на природната околина, заштитата на планетата Земја, проблеми поврзани со глобалното затоплување, со ранливите општествени групи.

Настанот „100 Илјади поети за промена“ е поддржан во рамки на годишната програма на Општина Струмица.

ОкоБоли главаВицФото