Ефективно производство за поголеми субвенции, а не смрт за земјоделието

02.10.2017 00:53
Ефективно производство за поголеми субвенции, а не смрт за земјоделието

СДС најавуваше живот, а донесе смрт за македонското земјоделие. Заев јавно најави кратење на земјоделските субвенции. Заев – човекот кој од опозиција ветуваше живот, сега од позиција на премиер, јавно кажа дека нема да има субвенции за оние земјоделци кои нема да остварат поголемо производство од претходната година,

Заев во интервју за една национална телевизија јавно кажа дека во моментов финишираат плановите за ефикасно субвенционирање. Ова значи крај за македонските земјоделци! Ова значи дека некои земјоделци кои макотрпно работат во текот на целата година и нивниот род биде уништен или намален од временска непогода, истите нема да можат да прикажат раст на производство и со тоа нема да можат добијат субвенции.

[Извор: Костадиновски: СДС најавуваше живот, а донесе смрт за македонското земјоделие, Курир, датум: 18.09.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Субвенциите во земјоделието беа тема на која неделава предизборно копјата ги вкрстија власта и опозицијата, при што претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Ванчо Костадиновски го обвини премиерот Зоран Заев дека најавените промени во начинот на субвенционирање на земјоделието ќе значат буквално „смрт за македонското земјоделие“. Оваа изјава на Костадиновски ја оценуваме како невистинита и манипулативна, бидејќи не само што содржи невистинити тврдења, туку има и извртување на фактите.

Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ следеше по настапот на премиерот Зоран Заев на Телма телевизија, во емисијата Топ Тема, каде тој, одговарајќи на прашања на неколкумина новинари во студиото, зборуваше и за политиката на субвенционирање на производството, како во индустријата, така и во земјоделието. Еве што таму изјави Заев во врска со практиките на претходната влада во поглед на финансирањето на земјоделското производство (од 26:10 до 27:01):

Македонското земјоделие во последните години иако многу милиони евра отидоа на субвенции, генерално стагнира. Една Албанија почна да биде покомпетитивна од нас. Зошто немаше конечна цел и ефект? Дури и во земјоделието мора да знаеме што ќе се субвенционира. Не може било што. Значи, можеме виното да го субвенционираме, можеме градинарството да го субвениционираме, мораме житото, стратешки производ е, има работи на кои мораме да се насочиме. И однапред да им кажеме на луѓето: ќе добиеш субвенција ако го зголемиш производството за 10%. Продуктивноста мора да ја зголемиш, мора да му го кажеме тоа, ќе го прегази времето, конкуренцијата оди напред. Ние сме застанати на приноси од 3 тони жито по хектар, Србија и околните земји имаат по 6 тона жито по хектар“.

Заев се согласува со констатацијата на новинарката дека досега субвенциите биле социјална категорија повеќе одошто било важно каков ефект имале на зголемувањето на приносите, додавајќи (од 27:45 до 28:41):

Некој мора да работи со луѓето, ова мора да им се каже на луѓето во очи дури и ако тоа го чини гласови на изборите: „Субвенциите ќе ги добиете, и ќе бидат дури и поголеми, ако постигнете ефект. Мора да има резултат….Не можеш да продолжуваш секоја година да го произведуваш истото и да го фрлаш на буниште или да го продаваш за беспари. Значи, пазарот не го прима, барем не за таа цена и за таа продуктивност, значи нешто мораш да смениш. Смени ја културата!“ Министерството, аналитичарите мора да кажат што има перспективност. Да кажеме, да речеме во Македонија тоа и тоа од градинарството има перспективност и тоа до одреден датум, после влегува Турција… и не можеш веќе да влезеш на пазарите-готово. Значи, ако те бива, нафати се, државата ќе те поддржи, ако не, смени култура, оди во друга дејност…

Наведениот цитат од настапот на Заев покажува дека тврдењето на Костадиновски дека Владата ќе намалува или укинува субвенции не е точно, туку претставува извртување на вистината – не се планира намалување или укинување на субвенциите туку промена во начинот на кој тие ќе се доделуваат, поточно, ќе се субвенционира производство на оние култури кои се барани на пазарот или претставуваат продукти од стратешко значење за државата. Според најавата на Заев се планира дури и зголемување на субвенциите во однос на досегашните, под одредени услови, а тоа е критериумот на ефектно производство.

Поради ова, бомбастичните и застрашувачки реченици кои ги искажа Костадиновски, како:

СДС најавуваше живот, а донесе смрт за македонското земјоделие.

Или

Ова значи крај за македонските земјоделци!

се извртување на вистината. Такво нешто не може да се изведе како заклучок од ниту еден исказ на премиерот.

Од увидот во материјалите кои се објавени може да се заклучи дека ниту премиерот Заев во Топ Тема, ниту друг претставник на владејачкиот Социјалдемократски сојуз во друга прилика не се искажале по прашањето на идното субвенционирање на земјоделските производители така за да може да се дојде до заклучокот кој го наметнува Костадиновски во својот настап и кој гласи:

Ова значи дека некои земјоделци кои макотрпно работат во текот на целата година и нивниот род биде уништен или намален од временска непогода, истите нема да можат да прикажат раст на производство и со тоа нема да можат добијат субвенции.

Доколку се споредат предизборните ветувања на Зоран Заев и СДСМ во поглед на земјоделието и субвенциите за време на парламентарните избори со она што тој го кажува за субвенциите во земјоделството сега како премиер, најавите за идните политики на Владата од страна на Заев кореспондираат со она што беше најавувано пред изборите:

Вкупните субвенции ќе бидат 160 милиони евра годишно. Тие ќе доаѓаат до вистинските земјоделци и преку тоа ќе можат да добиваат субвенции навремено, тогаш кога им треба и со конечни цели за ефекти којшто сакаме да ги постигнеме со земјоделството. Пример, ако 3 тона се вади од 1 хектар жито, секој оној којшто ќе произведе 10% повеќе или 3,3 тона повеќе за 10% за вкупната количина ќе добие повеќе субвенции, целта е да мотивираме зголемена продукција на земјоделското производство, а со тоа и да останат повеќе пари кај земјоделските производители.

Од ова произлегува дека алармирачките вести за земјоделците за кои зборува Костадиновски не само што не се темелат на конкретни факти, туку можат да се оценат како манипулација со вистината во пресрет на локалните избори, на кои темите од областа на земјоделството ќе бидат едни од приоритетните.

ИЗВОРИ:
• Курир, 18.09.2017: Костадиновски: СДС најавуваше живот, а донесе смрт за македонското земјоделие (пристапено на 20.09.2017)
• Телма ТВ, 15.09.2017, Разговор на премиерот на РМ Зоран Заев со новинари (пристапено на 20.09.2017)
• Либертас, 1.12.2016: (ВИДЕО)Заев: Силно ќе ги поддржиме земјоделците, доаѓа живот за сите! (пристапено на 20.09.2017)
________________________________________
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор:http://vistinomer.mk/