Денес сите сме Каталонци

02.10.2017 14:41
 Денес сите сме Каталонци

Ретко кој има сосема конзистентен став кон сепаратизмот. Дотолку, прашањето за отцепување е едно од оние каде што на крајот сите завршуваат како лицемери, зашто кој е тој што ги поддржувал сите сепаратисти или сите унитаристи?! Тоа не се случува заради комплексноста на светот во кој живееме. Така што не e изненадувачки што поединци, лидери и земји го поддржуваат сепаратизмот „од случај до случај“, честопати истовремено поддржувајќи едно отцепување и критикувајќи некое друго.

Најпосле, кој може да каже со сигурност каде почнува легитимното барање на еден народ или малцинство, а кога нивните аспирации се политичка фантазија, опструкција или петоколонаштво? Тогаш почнува приказната за сите фактори што се поврзуваат со сепаратизмот – историја, историска правда, економија, етничка припадност, религија, идеологија... Може уште многу да набројуваме.

На крајот работите се сведуваат на неколку многу едноставни прашања на кои одговара народот што негува сепаратистички тенденции: дали е „за“ или „против“?

Ако еден народ се изјасни за отцепување, ако мнозинството така одлучило и тоа на начин што го сметаме за цивилизиран, користејќи гласачки кутии, тогаш кој може на тој народ да му каже дека „нема право“ да го живее својот политички став, својот сон?


Во одредени случаи може да се каже дека тој избор е погрешен, дека народот е „заведен“, дека „исполнува туѓи интереси“, но со никаква критика или предупредување не може да се побегне од фактот дека тоа е волјата на тој народ кој со својата одлука ја пишува својата иднина, каква и да е таа.

Во други случаи може целосно да го поддржуваме сепаратизмот, верувајќи дека се работи за праведен исход, можеби дури и геополитички квалитетен исход што ќе придонесе за поголема рамнотежа во регионот или во светот.

Како и да е, сепаратизмот често се третира како бауч, како нешто што може да донесе хаос, но вистина е дека сепаратизмот е секаде околу нас и дека постојните граници на мапата на светот, каков што го знаеме, стануваат полабави од што ни се чини. Сепаратизмот во поголемо или помало издание тлее речиси во секоја држава што ја знаеме. Можеме во концентрични кругови да ја студираме Европа и насекаде ќе го најдеме духот на сепаратизмот.

Сепаратизмот имаа тенденција на поспаност, а одредени настани одеднаш го будат од сон. Иако сепаратистите сакаат својата кампања да ја обојат со националниот идентитет, историските правдини или со реваншизам, факт е дека речиси зад секој сепаратизам стојат економски причини и токму тие го будат сепаратизмот.


Во економска смисла Европа не стои добро и привидот за стабилизација би можел лесно да исчезне при идната голема криза која, според некои, е веќе зад аголот. Таквите ситуации го будат сепаратизмот. Некој вид отцепување веќе видовме со одвојувањето на Британија од Европската Унија, односно Брегзит, а денс гледаме уште еден поконкретен пример – Каталонија.

Би можеле уште еднаш да ја раскажуваме приказната за каталонската историја и причините што доведоа до сепаратизам., како и за очигледниот еконмски фактор, но сето тоа повеќепати е кажано. Затоа да се фокусираме на она што е актуелно, самиот чин на сепаратистичкиот отпор кој кулминираше со организацијата на референдумот на 1 октомври 2017 година.

Имено, ако ова е приказна за создавање на нова држава, тогаш ова е само една од оние навистина трогателни приказни за херојството на еден народ. И не, не е важно нивното минато, ниту нивната иднина. Денес зборуваме само за сегашноста на тој народ, за херојството на тој народ.


Иако се надевавме дека, како дел од развиена и модерна Европа, ќе излезат на гласачките места и ќе си го кажат својот став за прашањето за останување или излез од Шпанија, на улиците ги дочека брутална репресија, каква што досега гледавме само кога полицијата се пресметуваше со антикапиталистичките протести што пред неколку години ја потресоа Шпанија, зафатена од економската криза.

На 1 октомври сето тоа беше уште подиректно, пред очите на целиот свет. Власта во Мадрид, откако референдумот го прогласи за нелегален и неуставен, наместо да се обиде да го оспори на цивилизиран и правен начин, тргна со физички напад врз гласачките места и врз самите гласачи.

Последните информации говорат дека во полициските напади страдале повеќе од 800 луѓе, а бројката на повредени и ранети веројатно и натаму ќе се зголемува.

На тие напади каталонскиот народ регираше навистина херојски, со своите тела бранејќи ги гласачките места и кутии како нешто што претставува симбол на нивната колективна свест и заедничка иднина.

Сцените во кои цивилите, заедно со жените и старците грчевито не ги пуштаат гласачките кутии во кои се наоѓа нивното право да го изразат својот став, додека се тепани со полициски палки, навистина претставуваат слики што долго ќе се паметат. И Европа да не беше толку збунета од целата ситуација, за херојството на каталонскиот народ ќе зборувавме многу повеќе отколку што сега зборуваме, а овие слики ќе кружеа многу поинтензивно.


Ако на држава во настанување нешто може да ѝ се пожелува и даде како подарок за подобра иднина, тоа е приказната за херојството во моментот на нејзиното создавање. Репресивната, лицемерна и отворено насилничка Влада на шпанскиот премиер Маријано Рахој, на Каталонија ѝ ја подари токму таа приказна за херојството на Каталонците.

Можеби некои ќе се прашуваат што сè се крие зад каталонскиот сепаратизам, кој ја претставува каталонската елита и какви се нивните политички цели. Но, по крвавите сцени на улиците на Барселона и другите градови, Рахој успеа да ги натера сите да ги заборават тие прашања – денес речиси сите сме солидарни со Каталонците, денес сите сме Каталонци.

Извор: advance.hr

ОкоБоли главаВицФото