Почина театрологот и театарскиот критичар Иван Ивановски

02.10.2017 16:31
Почина театрологот и театарски критичар Иван Ивановски

Ивановски (Дебар, 1930 год.) беше истакнат новинар и писател кој на пошироката културна јавност и е познат како долгогодишен проследувач на театарскиот живот во Македонија и надвор од неа.Тој целиот свој работен век го помина во Радио Скопје како театарски рецензент, коментатор и уредник на Културната рубрика.

Ивановски е автор на околу 50 книги од областа на поезијата, патописната литература, литературата за деца и театрологијата. Најголем број наслови (повеќе од 40) се однесуваат на книги со портрети на актери, на монографии на одделни театри, на избори на прикази и театарски рецензии и слично. За импозантната театролошка дејност на Иван Ивановски говори и податокот што тој досега има објавено преку 2.500 единици - рецензии, студии, разговори и слично, од кои некои се преведени и публикувани во низа театарски весници и книги во поранешна Југославија, во Полска, Русија, Турција итн.

Во својата кариера бил прв селектор на Театарските игри „Војдан Чернодрински“-Прилеп, претседател на Сојузот на театарските критичари и театролози на Југославија, на Меѓуфестивалскиот одбор на професионалните театри во Југославија, на Комисијата за драмска програма на „Охридско лето“, селектор и член на Советот на ФААТ (Фестивал на аматерски и алтернативни театри на Македонија-Кочани, денес Драмски аматерски фестивал на Македонија-Кочани)...

Ивановски е добитник на поголем број признанија како: „13 Ноември“, „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, „Крсте Мисирков“,„Димитар Митрев“, и државните награди „Св. Климент Охридски“ и „11 Октомври“.

Комеморативна седница по повод смртта на Иван Ивановски ќе се одржи утре во 11,30 часот во Друштвото на писателите на Македонија. Посмртните останки ќе бидат изложени во Капелата на Градските гробишета-Бутел од 13 до 14 часот, а погребот ќе биде извршен во 14 часот.

Иван Ивановски е добитник на поголем број признанија, добиени исклучиво за театролошка дејност: на наградата на град Скопје „13 Ноември“ за книгата театарски прегледи „Плима и осека“, издание „Македонска книга“, 1981 год., на Републичката награда за новинарски трудови и публицистика „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за книгата „Незаборавни средби“, записи за гостувањата на македонските театри во Бугарија и Пиринска Македонија, издание на „Македонска ревија“, 1982 год., на годишната награда (прва награда) „Крсте Мисирков“ на Здружението на новинарите на Македонија за серија портрети на актери, на наградите за животно дело „Крсте Мисирков“ на Републичкото здружение на новинари и на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, на Републичката награда „Св. Климент Охридски“ за опус и посебен придонес, државната награда „11 Октомври“, наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критики и есеи за 2012 година.

Тој е автор на стихозбирките: „Ветки од љубов“ - издание на „Кочо Рацин”, Скопје 1957; „Водоскоци на сонот" - издание на „Култура", Скопје 1967; „Стари и нови песни“ - издание на „Македонска реч“, Скопје 2008;

Патописна литература: „Во потрага по убавината“ - издавач „Наша книга“, Скопје, 1967; „Светлини и сенки“ - издавач „Студентски збор", Скопје 1974; „Светот на дланка” - издавач „Дијалог“ 2007.

Книги-монографии: „Прличко“ - издание на МНТ, 1973; „Обласниот Македонски Народен театар во Горна Џумаја“ - издание на „Македонска ревија“, Скопје 1977; „Незаборавни средби-гостување на Македонски театри во Пиринска Македонија" - издавач „Македонска ревија“, 1982; „40 години Народен театар-Битола“, монографија- издавач НТ Битола, 1984; „Македонската театарска критика и театрологија“ - издавач „Студентски збор“, 1990; „Основоположници на актерската игра во Македонија”- издавач „Матица Македонска“ 1997; „Театарски светлини во градот под Исарот"- издавач НТ Штип 2001; „Половина век театар во Македонија“ студија - издавач „Македонска реч“ 2004; „Траги во времето" - издавач „Македонска реч“ 2008; ,,Hansima (Одгласи)“, рецензии за продукцијата на Турската драма, на турски јазик, издание на „Матусибет“ и Турски театар, 2010 година; „Меѓу минатото и сегашноста (огледи и есеи на театарски теми)“-издавач „Дијалог“, 2012 и други.

ОкоБоли главаВицФото