War Logs

03.08.2010 12:57
War Logs

Џулијан Асанж, главниот уредник на страницата ВикиЛикс (WikiLeaks), се најде на мета на жестоките критики на американските ифицијални лица и нивните сојузници поради потенцијалното загрозување на безбедноста на доушниците и војниците во Авганистан. WikiLeaks пред некое време објави илјадници доверливи документи на американските воени операции во Авганистан.

Американскиот секретар за одбрана, Роберт Гејтс, во Вашингтон изјави: „Последиците на теренот би можеле да бидат сериозни и опасни за нашата војска, нашите сојузници и нашите авганистански партнери, и можеби ќе ги загрозат нашите односи и угледот во тој важен дел од светот“.

Гејтс тврди дека чувствителните разузнавачки податоци, кои би можеле да ја загрозат безбедноста на доушниците, им се доставени на најниските нивоа на американската војска.

„Се трудиме да овозможиме пристап до информациите за состојбите на теренот на оние на кои би им биле најкорисни – луѓето во првите борбени редови – каде од практични причини забраните се поретки и каде контролата е помала отколку во заднинските штабови“, изјави Гејтс. „После овој инцидент, ќе биде голем проблем да се направи рамнотежа меѓу безбедноста и доставувањето на потребните информации на војниците на фронтот.“

Адмиралот Мајк Мален, шеф на генералштабот, вели: „Џулијан Асанж може да зборува што сака за повисоките цели од кои наводно се раководат тој и неговите извори, но вистината е тоа дека тие можеби веќе ги окрвавија рацете со некој млад војник или некое авганистанско семејство“.

Претседателот на Авганистан, Хамид Карзаи, објавувањето на имињата на Авганистанците кои соработувале со американските и НАТО силите го оцени како „шокантно“ и „неодговорно“. Тој во Кабул изјави: „Без разлика дали тие поединци во доставувањето податоци на НАТО силите делувале легитимно или не, нивните животи сега се загрозени“.

WikiLeaks задржа околу 15 000 извештаи за да ги заштити доушниците. Но во некои објавени документи има податоци за Авганистанците кои соработувале со коалицијата.

Асанж изјави дека WikiLeaks се обиделе да постапат според барањето на Белата куќа и да ги цензурираат имињата на доушниците пред објавувањето. Но американските официјални лица не сакале да им помогнат. Во својата изјава тој наведе: „Секретарот Гејтс зборува за хипотетичка крв, но ирачката и авганистанската земја се натопени со вистинска крв“.

„Илјадници деца и луѓе се убиени, и Америка најави опсежна истрага за овие убиства, но тој реши да се однесува со презир кон овие прашања“, додава Асанж. „Ваквото однесување е неприфатливо. Ќе продолжиме да ги откриваме злоделата на оваа администрација, како и на останатите.“

Во меѓувреме, ни американските ни британските власти не се изјаснија по повод податоците објавени во 92 000 воени записници за тоа дека коалициските сили убиле или раниле повеќе стотици цивили во непријавените инциденти. Британското министерство за одбрана го повлече даденото ветување дека ќе издаде официјално сооштение за обвинувањата на Американците дека две британски единици се одговорни за невообичаено големите цивилни жртви.

Извори од министерството за одбрана велат дека барем 15 од вкупно 21 пријавен случај се потврдени, но не можеа да кажат детали за понатамошната истрага, ниту за тоа кога ќе го издадат соопштението. Одредот „Колдстрим гардисти“ стигна во Кабул непосредно пред да бидат убиени невини цивили, во четири инциденти за време на октомври и ноември 2007. Неколку различни чети на кралските маринци наводно пукале на цивилите кои „премногу им се приближиле“ на конвоите или патролите во осум различни инциденти во провинцијата Хелманд, за време на шестмесечниот период со завршеток во мај 2008 г.

Извори тврдат дека тогашниот лабуристички секретар за надворешни работи, Дејвид Милибанд, бил толку загрижен поради големиот број цивилни жртви што во 2008 г. помогнал за усвојување на резолуција на ОН, со која е воспоставен систем во рамките на ОН за следење на таквите инциденти.

Но системот не функционира ефикасно, тврди независната организација Human Rights Watch. Помошната мисија на ОН во Авганистан пријави смрт на 828 цивили во 2008 г. како резултат на делување на „провладините сили“, велејќи дека тие инциденти „тековен проблем“, и дека војската во минување пука во недолжните возачи, патници во автомобилите и мотоциклистите.

Американските власти ја насочуваат својата енергија кон луѓето кои објавуваат информации и нивните помагачи. Гејтс вели дека ФБИ се вклучени за да се прошири истрагата за војникот Бредли Менинг, кој се наоѓа во воен притвор, под обвинение дека доставил доверлива видео снимка на која се гледа како американските војници од хеликоптер убиваат двајца сниматели на Ројтерс, мислејќи дека се работи за бунтовници.

Менинг го преместуваат од воениот затвор во Кувајт во Квантико во државата Мериленд, а ФБИ сега ќе може да започне истраги против цивилите како Асанж, за наводно непријателско здружување. Не е познато каде се наоѓа Асанж во моментов.

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото