Симболот на шампита

02.10.2017 23:38
Симболот на шампита

Mислам дека „шампита“ е еден од клучните симболи во симболичкиот систем на груевизмот. Како што убаво кажува и самиот корен (шамп) на тој збор, има врска со култното, пенливо вино на монах Дон Перињон, шампањец. Gâteau à la/аu chapmange, едно пенесто колаче кое, по структура, многу потсетува на пенливецот шампанско е францускиот еквивалент за „шампита“. Champagner e германскиот, a шампанское – рускиот.

Шампита сега се вика некогашната зграда на ЦК СКМ, ремек-дело на архитектот Петар Муличковски во меѓународни рамки (Г. Константиновски) која, во плурална Македонија, стана седиште на нејзините демократски влади. Не само според својот облик и структура, туку и според некои оригинални решенија на нејзината статика (сите коцки се држат на еден, централен столб) таа зграда на инженер Муличковски била прогласена за ремек-дело на нашиот градителски модернитет. Но и тоа ремек-дело (затоа што беше модернитет?) се најде под удар на безумно-бездушниот груевизам кој го „преоблече“ во шарена одежда од псевдо-класика, псевдо-барок или рококо, плус уште нешто.

Зборот псевдо (лага, привид, измама) е клучен за груевизмот и тоа на сите планови: како политика, политичка филозофија, етика, морал, архитектура итн. Што се однесува до шампитата, име кое најчесто го среќавам во колумните на ЗлаткоТеодосиевски (тој е авторот на тој назив?), лагата, измамата и привидот (псевдо) е не само во нејзината преслека-облик-украс (ornatus на лат.), туку и во материјалот од кој е направен обликот-преслика-украс.

Материјалот е, исто така, псевдо-материјал! Треба да остава впечаток на „мермер, ама не е мермер“, како што ни објасни лично пастир Груевски во една од бомбите на Зоран Заев. Тој не-мермер е снежно бел стиропор или полиуратен, погоден за лесно обликување, во споредба со тешкиот мермер. Неговата прва намина е „да остава впечаток.“ По таа намена тој не-мермер личи на шампитата која, со својата пенлива смеса од матени белки и шеќер, исто така остава впечаток на нешто обилно, масивно и солидно. Иако е лесно, воздушесто и пенливо!

Зошто груевизмот се фати, како слеп за стап, за тоа „лесно, воздушесто и пенливо?“ И тоа на сите планови: од политиката и економијата, до културата и уметноста? Затоа што беше наполно свесен, затоа што многу подобро знаеше и од неговите најостри критичари од редовите на слободоумната мисла, дека е неспособен; дека е неук; дека е трагично неупатен во многу области и вештини во кои го фрли каприцот на судбината како главен кормилар-власт. Што можеше да прави, во такви околности, тој груевизам кој се најде во небрано? А што друго освен да прибегне кон својата псевдологија фантастика? Која се сведе на тоа да ни продава мадиња за бубрези! Шуплив стиропор и полиуретан за мермер! Кој го голтна, како змија жаба, ремек-делото на инженер Муличковски, уметнички глас на европската модерна и на модерна Европа во – Македонија.

Ако треба со еден збор да се оквалификува тој безумен наум на простиот и простачки груевизам кој направи грда карикатура од ремек-дело, тоа е зборот вандализам. И тоа по неколку линии: шампитата сведочи, како прво, како силата се претвора во свирепо политичко насилство!; потоа, како насилството мора да стане многу видливо, нападно видливо, насушна самопотврда дека – постои!; најпосле, како во својата неукост и неспособност посега по привидот, измамата и лагата, лесна замена за солидноста, материјалноста и вистината. Ете затоа сметам јас дека шампитата е клучен, централен симбол на груевизмот.

Што требаше да направи, како требаше да постапи реформската влада на Заев со клучниот симбол на груевизмот? Ќе се повикам на мисла од Фридрих Енгелс во предговор кон „Граѓанската војна во Франција“ на Маркс, која упатува на тоа што треба да се прави со симболите од тој вид. Предговорот на Енгелс е напишан во чест на двасетгодишнината (1891) од Париската комуна. Во него се вели: „На 12 април 1871. Комуната реши Столбот на Победата на плоштадот Вандом кој го излеа, од заробените топови Наполеон во 1809 г., да го сруши како симбол на шовинизмот и омраза меѓу народите“ (Загреб, 1950, стр. 11.)

Се разбира, јас не очекував реформската влада на Заев да почне со елиминацијата на таа преслека која ќе им го врати оригиналниот лик на коцките на Петар Муличковски. Очекував потајно дека владата на Заев нема да влезе во таа шампита, врв на невкус и уметнички примитивизам. Очекував затоа што влезот на реформска влада во главниот симбол на насилството кое од дното на душата ja презира способностa од која се раѓаат ремек-дела, со секој изминат ден внатре му дава легитимитет на тој вандалски симболизам. Јас сè уште очекувам. Никогаш не е доцна да се стори неопходното. И – логично.

Извор: http://www.plusinfo.mk

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото