Лица со (паднати) маски, режија – Ристиќ!

02.10.2017 23:44
Лица со (паднати) маски, режија – Ристиќ!

Сѐ до смртта на Мартин Нешковски, македонскиот народ некако беше молчлив, плашлив, сеирџиски настроен…, малубројните активист(к)и кои се бореа за подобро утре, се броеа на прсти! Смртта на Нешковски, ги разбуди, ги изреволтира граѓан(к)ите, особено помладите, да го кренат својот глас против диктатурата на претходната власт. Комотното владеење на „груевизмот“, почна да се ниша… Одеднаш, ПР -службите не знаеја како да се извлечат од ситуацијата, па смислуваа разни сценарија да го забошотат случајот… Но, колку и да се обидуваа да се извлечат од ситуацијата, толку повеќе растеше револтот и гневот кај граѓан(к)ите! Следуваа протести, јавни настапи по медиуми, барање на одговорност, стоп за полициската бруталност!

Сега, за жал, македонскиот народ и активист(к)ите некако не може да се помират со фактот дека статусот на Ристиќ, направи да се разбуди (молчливиот) ромски народ! И наместо да ја осудат и да побараат одговорност, или во најмала рака, да побараат да се извини, бидејќи човечки е некогаш во афектна ситуација да напише и каже било што, за кое подоцна човек ќе се покае, многубројни луѓе на социјалните мрежи, застанаа во нејзина одбрана и се обидуваат да ја одбранат од нешто што не се брани.

Во 2013 година, Миленко Неделковски во својата колумна со наслов: „Ај се мењаме“, напиша: „Дехран Муратов, коментирајќи за (не)пуштањето во Аквапаркот на неколку Роми, прашува: „Така ли се стремиме кон ЕУ?’ Дехран момче, ако Македонија сакаше да ги имитира водечките ЕУ држави Франција и Германија во однос на Ромите, пуштањето во базен ќе беше најмал проблем на ‘Житан’ заедницата“.

Четири години подоцна, активистите со кои заедно се боревме, рамо до рамо, да падне диктатурата и да дојде „живот за сите во Македонија“, дојде време – да застанат зад Ристиќ и да ме убедуваат дека „таа е срцка“ и дека „нема лоша душа“. Па, никој не рече дека е лоша личност, туку дека згреши и дека треба да се извини, толку. Со исклучок на неколкумина, голем број на граѓан(к)и се побунија зошто Ристиќ е повикана на суд, а Миленко, Јанко, Жугиќ…, и останатите кои јавно користеа говор на омраза, се недостапни за судските ограни. И со право се лутат, особно ако некогаш и лично беа засегнати и обележани за линч!

Во последниот период, ромскиот народ, како никогаш досега, не беше толку омаловажен, понижен и исмејуван. Во „бомбите“ ја слушнавме екс-министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, како вели: „Ако треба Циган по Циган за уши ќе го носиме да гласа“. Реакции имаше еден куп, претежно од не-Роми! За жал, тогаш на прсти се броеја неколку ромски активисти кои јавно ја критикуваа на социјалните мрежи. Мене лично не ме погодија зборовите на Јанкуловска, бидејќи знаев за каква личност се работи, но ме изреволтира Амди Бајрам кога се обидуваше да ја оправда, демек, тоа го кажала во афект („во ефектна ситуација“). Тогаш, преку колумни, јас и активистката Ениса Еминовска, јавно побаравме Амди да бара извинување од Јанкуловска. За жал, другите Роми молчеа…

Денес, диктатурата е урната, дојде (со)живот, има толку многу слобода што во знак на поддршка на Ристиќ, во бранот одбрана на социјалните мрежи, Ромите се нарекуваат– Цигани, Чергари, Ѓупци…

Ми се гади од „досетките“, од типот: „Кога Здравко Чолиќ ќе пее во Македонија, да не го користи цитатот „Ако те одведу Цигани – чергари“, оти и него ќе го тужат“. Или, грозоморното: „Кучињата не користат лепак, толку“! Но, на ваквите статуси и коментари има стотина лајкчиња. Тажно!

Туку не знам (и не ме интересира) која националност е оној монструмот кој пред граѓаните на Скопје, со метална шипка го уби кучето Идриз? Ако е Македонец, треба ли сите Македонци да одговараат, ако е Албанец – сите Албанци ли се виновни? Не, нели?

Ако некој Ром згрешил пред законот, и лошо се однесувал со коњот Аурора или со некое друго животно, постојат институции и нека преземат соодветни мерки и нека го казнат. Зошто поради еден човек, мора да страдаат сите останати?

Мислев дека „пораснавме“ и не се делиме повеќе на „ние“ и „вие“. Меѓутоа, деновиве има толку поделби, што јас, едноставно, останав во средина, не знам каде припаѓам! Да, демократија против диктатура, да „Шарената“ – за човекови права, да заштита на животните, ама ете…, Ром сум. И не сторив зло на Аурора.

Не сакам судски процеси, со тоа се ограничува правото на слободно изразување и сакам Ристиќ да не добие никаква казна, бидејќи со тоа нема да се реши проблемот, напротив. Убаво е да има различни ставови и мислења, меѓутоа без навреди. Без недоветни генерализации…

Но, зошто е битно случајот на Ристиќ да има разрешница? Бидејќи така нема да се размножуваат некои „многу фини генерали по битката“, кои се обидуваат да нè замолчат, и бараат „да не правиме цигански работи“! Не бе, другар(к)и, не правиме цигански работи и не сме „мизерници и ситни души“, како што нè нарекувате. Напротив, (ќе) се бориме со секоја неправда, без разлика дали е од „нашите“ или „вашите“!

Со една ластовичка, не доаѓа пролетта, но ја најавува! Има една изрека „зборам Ти свекрво, слушни ме снао“. Ете, судот реши да почне со Ристиќ… Се надевам дека набрзо на ред ќе стигнат сите што користеа говор на омраза, сите што (не)свесно дискриминираа(т) и омаловажуваат.

Извор: Цивил медиа

Слики: Вася Ложкин