За кој идентитет нема да се преговара?!

03.10.2017 12:47
За кој идентитет нема да се преговара?!

Секој човек лесно признава дека заборава – дека има растечки проблеми со меморијата, но ретко кој признава дека има проблеми со своето мислење. Тоа е затоа што луѓето живеат во заблуда дека нивната меморија е одделен мозочен сервис што ѝ е на услуга на интелектуално и емоционално автономната свест. Оваа заблуда во науката почнала да се развива преку тажниот живот и приклученија на Хенри Молејсон, тешко болен од епилепсија, кому – 1953, на 27-годишна возраст – во Хартфордската неврохирургија му отстраниле две парчиња од мозокот – левата и десната страна на хипокампусот. Хипокампусот е сместен длабоко, може да се рече, во средиштето на мозокот, и е составен од две лимбички парчиња што заличуваат, со малку имагинација, на морско коњче – од каде што го добил и името.

Функцијата на овој дел од мозокот дотогаш ѝ била непозната за науката, па тоа незнаење им овозможило на хирурзите да претпостават дека неговото вадење ќе ги намали невообичаено тешките епилептични напади на болниот. По операцијата, меѓутоа, тој веќе не можел да се сети на ништо што се случило дури и минута претходно: секој разговор му бил за прв пат, секое лице му било ново и непознато, а му исчезнале и сите сеќавања од скорешното минато. Секоја просторија во која престојувал по операцијата била нова за него, а медицинскиот персонал што го негувал морал на секоја средба да му се претставува одново. Хенри не се препознавал ни себеси, па секогаш кога ќе се видел во огледало или на фотографија – мислел дека станува збор за некој „стар човек“.

Изгубен идентитет

Хенри Молејсон поживеал уште 55 години живот, во кој секој ден му почнувал од нула, а трагедијата на неговиот живот – за која не бил свесен, зашто не можел да ја запамети – му ја откри на светот неверојатно комплексната функција на мозочната меморија. Овие сознанија се однесуваат токму на најзагадочните аспекти од работата на човечкиот мозок и природата на нашата свест. Губењето на помнењето го направи Хенри потполно неосетлив на болка и рамнодушен кон задоволствата, зашто токму паметењето на субјективниот однос кон сопствените чувства и искуства, исто како и на сопствените релации со луѓето и околината, испадна клучно за поимањето на сопственото постоење. Меморијата испадна клучна и за интересот и за волјата, и за доживувањето на болката и среќата, практично за сè што нè прави единствени личности што комуницираат со светот што нè опкружува. Губејќи ја способноста на паметењето, Хенри Молејсон не само што го загубил односот кон просторот и времето и релациите со другите луѓе, туку и својот идентитет и човечност.

Читајќи за судбината на Хенри Молејсон и за неверојатните сознанија за функцијата на мозочната меморија, бев особено погоден од очебијната паралела што постои помеѓу невролошката и социјалната меморија – нашето колективно паметење. Огромна заблуда е дека општествената меморија е работа на институционалната историја, и дека е тоа автономна област чиишто проблеми нема да му попречат на општеството, или на нацијата, да го продолжи својот живот во потрага по колективната благосостојба. Напротив: народите што биле подложени на идеолошка и пропагандна операција со која им е отстрането паметењето на сопственото минато, страдале од истите последици по нивното идентитетско самоспознавање, нивната способност правилно да реагираат на настаните, да го спознаваат времето и просторот, и да препознаваат и чуваат хуманистичките вредности: да ги разликуваат доброто и злото, убавото и грдото.

Бришење на меморијата

Ние ова би морале најдобро да го знаеме, зашто бевме подложени на децениски третман на бришење на колективната меморија, засилен со активна пропагандна, образовна и идеолошка кретенизација од страна на вмровската државно-мафијашка мозочна хирургија! Всушност, најсилниот доказ дека ни бил изваден колективниот хипокампус, е токму општата несвесност за природата и магнитудата на злосторничката операција што беше извршена врз нас: нам секој ден ни е како да е ни е прв – како до вчера да не бевме „заробени“ од партиско-мафијашкиот режим на вмро! Одиме на избори како да ни се први, нови и „неотпакувани“ – како на нив да не учествува злосторничката партија што би морало да биде избришана од регистарот на партии!

Слушам и дека Груевски нуди нов почеток, нова вмровска ера – како да сме нација од два милиони Хенри Молејсони, што не ги паметиме лицата и настаните од вчера, а од децениското уништување на македонската држава и култура не ни останале ни молекуларни трошки меморија. И уште, вели лидерот на моќната вмровска злосторничка „опозиција“, дека за идентитетот не смеело да се преговара – како тој да не е најодговорниот за бришењето на нашето паметење и за креирањето на нашиот нов идентитет на ментално оштетена нација со шизофренично ариевско потекло!?

И, навистина: за кој тоа идентитет не смее да се преговара? Зарем за идентитетот изграден врз палеолитскиот континуитет на александровската раса и нејзините вмровски фашистички фаланги – за него не смеело да се преговара? Не, господа: единственото што треба да го направиме – ако сакаме да се оправиме од вмровската лоботомија – е токму обратното: да преговараме за нашиот психопатски идентитет, и да го трампаме за иднина во која ќе ја вратиме меморијата за нашето вистинско минато. Зашто, додека постои вмровската фашистичка штаб-квартира, нејзините фаланги во нашите собранија и институции, и нивните споменици на Злото распослани по центарот на престолнината, ние ќе живееме како и Хенри – доживувајќи се секој ден како „некоја стара будала со антички шлем на главата“!

Слики: Свирачиња

Извор: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото