Спасувањето на Морган Фримен

04.10.2017 01:15
Спасувањето на Морган Фримен

Веќе подолго време ме прогонува едно исто прашање: „Зошто холивудските ѕвезди толку замолчеа? Зошто не учествуваат во јавните дискусии за актуелните меѓународни прашања?“ Зашто американските филмски ѕвезди никогаш не се само ѕвезди или едноставно глумци. Тие се многу богати и влијателни луѓе кои се на самиот врв на светскиот бизнис вреден десетици милијарди долари.

И, ако сме искрени, тоа не се луѓе туку институции. Секој од нив го следи одредена репутација, харизма, висок општествен статус и мошне голем капитал, со придружен персонал кој ревносно го опслужува тој капитал. И затоа никој не се изненадува кога некоја американска ѕвезда ќе стане претседател на САД или гувернер на некоја од сојузните држави, а по истекот на мандатот повторно се враќа меѓу ѕвездите, како во меѓувреме да не се случило ништо посебно. Западните ѕвезди се луѓе со биографии и секој(а) од нив го краси својствена животна филозофија. Ги следат лични биографи и телохранители, а диктаторите од дивите тоталитарни земји се гордеат во нивно друштво и познанствата со нив. Можеме само да се чудиме зошто тие ѕвезди не се вовлечат во некакви нивни „западни политбироа“, туку до крајот на животот само добро ја работат својата работа. Тие станаа моќни глумејќи некакви гангстери и сиромашни луѓе, инвалиди и несреќници, работници и безработници – а, не големи началници, ленини и сталини (денес николаевци први и втори – сеедно), како што прави нашата советско-руска филмска авангарда.

Но, во последно време, особено по крахот на Демократската партија, американските ѕвезди некако овенаа и како многумина од нас се повлекоа во својата интимна, таканаречена „внатрешна емиграција“; навистина, малку повесела и поудобна од оваа нашата. И, се разбира, набрзо се појавија штрајкбрејкерите, а меѓу нив прв беше Оливер Стоун кој за хонорар од засега непозната висина побрза да му служи на победникот, и тоа директно во главната канцеларија на КГБ. А потоа, речиси ненадејно, во име на целиот холивудски еснаф на својот претседател и неговата администрација се обрати Морган Фримен.

Што кажа во своето обраќање мудриот, чесен и исклучително харизматичен старец? Смислата на неговото кратко излагање е впрочем предупредување не само до Америка, не само до целиот запад, туку и до целиот цивилизиран свет дека нè нападнала една криминално-хулиганска корпорација, нешто што наликува на банда сомалиски пирати која само со име е маркикрана како државата Русија. Фримен во својата изјава ги повика сите влијателни луѓе внимателно да го истражат и разгледаат овој факт, јавно да ја изнесат вистината за последните американски претседателски избори и врз основа на тоа да донесат одредени заклучоци. При што, тој зборува крајно едноставно, не срамејќи се од своите прости реченици кои токму заради тоа прецизно ја погодуваат секоја чакра и последниот руски депутат.

А, потоа одеднаш се создаде интересен парадокс.

Ако сето тоа случајно го кажеше некој политичар или да речеме Ходорковски, или Навални, сите во Русија само ќе слегнеа со рамениците. Белки веќе не го знаеме тоа. Кај нас буквално вчера, во самиот центар на Москва беше поставен споменик на изумителот на рускиот автомат Калашников. Го поставија бронзениот „добродушен чичко“ облечен во некаква military style јакна, со шмајзер во рацете да ги плаши туристите и останатите странски гости во нашата престолнина. Да знаат гадовите кој е нашиот главен културен бренд – вечен и единствен!

Нашите неодамна одржани големи воени маневри на западните граници од земјата имаат звучно име „Запад 2017“ – да знаат гадовите на која страна ќе одиме ако затреба.

Во нашата Дума се отвора шампањ за веста дека заради нечие хакирање и масовно пуштање компромитирачки дезинформации од непознато потекло, во американската информациска мрежа се создаде општ хаос, а сето тоа за подоцна, кога ќе дојде време, да знаеме на кое од момчињата што се занимаваат со опасна, тешка и на прв поглед невидлива работа, да им закачиме орден на градите.

Кај нас разни марковци, правејќи се крајно наивни, преку сите медиуми во целиот свет раскажуваат приказни за нашите две сили – „мека и груба“ – и тоа дека надвор од границите на земјата истите сили по потреба треба наизменично да се применуваат, додека мариите захарови директно од министерството за надворешни работи ни ги откриваат тајните планови за тоа дека на онаа злогласна „еднополарност“ имаат намера да ѝ додадат уште една „поларност“. А, како? Па, со помош на БУК-ови и веќе споменатите калашникови – се разбира.

Политичарите, едноставно по инерција, без многу размислување и примена на одамна измислената формула на власта ќе се однесуваат будалесто: „Тоа што го гледате не сум јас, а ни коњот не е мој / Я – не я, и лошадь не моя.“

А, критичарите? Еден ќе залеат со полии, друг засекогаш ќе го „замолчат“, трет (како Стоун) ќе го купат, четвртиот ќе го заплашат. Кога во Обединетите нации претседателката на Литванија го кажа истото што и Фримен, нашиот претставник гордо ѝ го заврте грбот (штета што немаше прилика за гол задник) и излезе од салата. А, за Британците имаме специјален рецепт: „Еј, ти, гледај ме во очи! Не го врти погледот!“ – така нашиот горд Волоѓа Сафронков еднаш му се обрати на британскиот претставник, повторно во Обединетите нации.

Но, во случајот на Фримен, не поминува ништо од тоа. Аудиториумот на Фримен се состои од барем стотина земји и неколку милијарди луѓе. Ако некој и ја напушти огромната публика, ќе биде безначајно. Можеби ќе најдат некого кого љубезно ќе го замолат да почека во ходникот додека не заврши Фримен. Фримен не може да се забрани како „Матилда“. Тој не може ни да се скрати, како Савели Крамаров кого советските душегрижници своевремено педантно го исекоа од сите филмови во кои глумеше. Тоа била тешка работа, зашто таа „гнида“ како врвен епизодист бил вовлечен во речиси сите советски филмови од шеесеттите и седумдесеттите. А, со Фридман би било уште потешко. Би можело да се случи како контрасанкција да се забрани цел Холивуд. Забраната на турскиот домат некако ја преживеавме, но дури ни суровиот Нерон не се осудил да му го одземе циркусот на народот од Рим.

Само така може да се разбере зошто целиот руски филмаџиски еснаф застана во заштита на Морган Фримен. За наши услови ја избраа единствената прифатлива лојалистичка линија на одбраната. Наводно, Фримен е еден истрошен старец, непресметлив чудак кого го стигнала Алцхајмеровата болест. Тој не знае што зборува, веќе не се контролира. Добри луѓе, не му обрнувајте внимание на Фримен зашто, рака на срце, сепак е само второкласен глумец. Накратко, простете му товариши чекисти.

На тој хор му се придружи и Марија Захарова (да, истата од министерството за одбрана) и додаде: „Го злоупотребиле. Кутриот, не знае каде е“. Серјожа Марков, големиот заговарач на нашата „мека и груба сила“ преку радио брановите на Ехо Москва остроумно ни предочи: „Вообичаено глумците се мошне глупави луѓе.“ Во смисла: кого го интересира тоа. А, потоа се јави и мудриот Говорухин, оној што некогаш нè учеше како треба да живееме. Овојпат нè посоветува да не му противречиме на глупакот. Знаејќи го човекот, тоа беше изјава за која добро треба да се замислиме.

Секако, некој за сите овие луѓе што ги споменав ќе рече: „Па, тоа се само марионети на куклениот театар со кој управува семоќниот Карабас Барабас“. И ќе биде во право. Но, не смее да се негира и прогресивната улога на мизерниот хор на креаторот на парадоксот што го споменав. Тие, спасувајќи го Морган Фримен на руските љубители на седмата уметност им овозможија и натаму спокојно да гледаат американски филмови.

Извор: http://www.ej.ru