Политикантски памфлет

04.10.2017 01:26
Политикантски памфлет

Нашиот (велат) „еден и единствен“ Милчо Манчевски, на затворањето на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, рече дека научил дека најважното во животот е – квалитетот. Многумна со тоа би се согласиле, особено ако истото се однесува на творештвото. Јас, се разбира, не. Односно, ама баш никако не се согласувам со таквата констатација. Дури и во/за творештвото. Или – особено во творештвото. Зашто, прво, нема нешто порастегливо односно – поконкретно – поменливо од квалитетот. Низ вековите, а денес особено. Земете го ако сакате токму филмот, како (условно) најмлада уметност. Кои и какви беа стандардите и критериумите за квалитет во филмот пред само дваесеттина години, а кои и какви се денес? Со какви очи денес ја гледаме „фамозната“ Хелене Берта Амали „Лени“ Рифенштал (не случајно ја спомнувам во овој контекст!), наспроти нејзиното место во времето на нацизмот (па и ова не е случајно спомнато!)? Да не говориме за „квалитетот“ на филмот во времето на браќата Манаки! Затоа и велам: да, квалитетот е битен во животот, особено во творештвото, ама единствена константа во обете – и во животот и во творештвото – е моралот. И честа, како негов неизоставен, постојан придружник. Нема квалитет без морал, такво нешто не постои. Историјата на уметноста, во минатото и денес, не препознава неморални / нечесни уметници. Односно – не (сака да) ги гледа, за неа не постојат. Или – постојат на некои не баш популарни и „квалитетни“ листи. Историјата на уметноста можеби прифаќа да го цени нивниот квалитет, ако воопшто го има односно ако таквата категорија може да егзистира без претходните две, но не го возвишува, не го чествува. Моралната вертикала е сепак единствената можна вертикала во животот и во творештвото!

Зошто ваков вовед? Затоа што токму ден пред „славната“ реченица на Манчевски на спомнатиот Фестивал, македонската публика имаше една – и сигурен сум дека ќе биде единствена – прилика да види токму едно неморално, нечесно „остварување“ целосно финансирано со државни пари. И тука сега можеме да разврземе приказна и за неморална / нечесна држава, за неморални / нечесни учесници кои во името на таа држава одобриле пари за таков филм итн. И ќе бидеме во право, во се’, зашто сето тоа е – точно! Но и не е никаква новост зашто она што речиси до вчера го знаевме како македонска култура и (особено) филмот како дел од истата, беше неморал во континуитет, нечесност и непрофесионализам во најчист вид, а често и идиотштина, памфлет, скарадност, зло. А ова што го видовме не платното во Битола е сето тоа – заедно!

Зашто филмот „Кога денот немаше име“ е политикантски памфлет без преседан во македонската култура, зло кумулирано во деведесетина минути кое што свири на тенките националистички и етнички жици, подметнува, обвинува, се затскрива зад група млади луѓе за да шири омраза и невистини … Тоа е неговата основна и крајна цел и тука нема ама баш никакви дилеми. Зашто, прво, еден филм со сериозно обмислен творечки концепт, никогаш не би се концентрирал на тема каква што е случајот „Монструм“ тоест „Смилковско езеро“. Зошто? Затоа што тоа е политички и судски – незавршен случај! Со што тогаш се бави филмот, со која и каква приказна, и врз основа на што директно и неотповикливо обвинува? Што, во случајов, се сценаристите, режисерката, продуцентката: полиција, обвинители и судии, во едно? Плус – филмаџии? И кому му го поттураат тоа кукавичко политикантско јајце, овде вообличено во типичен памфлет од нацистички (Рифеншталовски) происход? На македонската јавност, на албанската јавност, на обете? И со каква нечесна намера?

И не е никаква тајна во кое време беше смислено ова „остварување“ – иако останува тајна од кого, и зошто, но и тоа ќе се утврди – и целосно исфинансирано како божем врвен производ на македонската кинематографија. И, барем за потписникот на овие редови, не е никаква тајна зошто беше смислено ова „остварување“. Како и начинот на неговата реализација, токму во стилот на груевизмот: извади ги на улица, донеси камери, прогласи ги за виновни! The end. И кој тука смее да ти противречи? И не се сомневам дека сите во „остварувањето“ се изманипулирани. Некои свесно, некои несвесно; некои дебело платени, некои потенко. За жал, групата млади актери-натуршчици е целосно и беспоговорно изманипулирана. Или, можеби и тие мислат дека „Смилковско езеро“ е албанско сценарио за предизвикување меѓуетнички судир? Не знам, можеби е дури и така, ама уметноста, ако е навистина уметност, а овде се пледира за такво нешто, не може, не смее да се бави со омрази и предрасуди од такви размери, со неаргументирани обвинувања, со подметнувања … додека трае судски процес за утврдување на вистината. И вината! Што воопшто не е мала работа. Згора на се’, уште пред безмалу две години, лидерот на опозицијата, сегашен премиер, отворено и безрезервно кажа дека за случајот „Монструм“ постојат цврсти докази дека обвинетите не се вистинските извршители. Ама тоа не ги интересираше инволвираните во филмот, нели? Или тие одработуваа односно добиваа наредби и одлуки од повисоки (политички) инстанци? Од министерката за култура, од премиерот, директно, како папет-мајстори за такви намештаљки?

Некој мора да одговори на овие прашања. Не директните инволвирани – тие веќе кажале што и како имале да кажат. Мислам на оние кои одлучувале, оние кои на едно вакво сценарио му дале едно чудо државни пари да биде реализирано токму на овој начин. И кои што продолжуваа(т) да им даваат државни пари на вакви политиканти! Наспроти се’, наспроти здравиот разум, наспроти промените во општеството, наспроти општата културна клима во државава.

Не знам кога ќе бидеме подготвени сериозно да разговараме за културата. Ако и денес не сме – а изгледа не сме – прашање е кога ќе дојде тој ден. Иако, ако цените по тоа кој се’ почна да соли памет и полека повторно да се инфилтрира во (демек) првите редови, никогаш и нема да бидеме. Нема да бидеме се’ дури не почнеме отворено да говориме за луѓе и појави, за парадигматични ситуации, за состојби што не смеат понатаму да се толерираат. Ние мора да кажеме дека македонски рифеншталки не ни требаат. Точка. Инаку, ги губиме сите шанси за сериозно идно промислување на културата, но и за шансите што би им ги понудиле на младите како некаква нивна творечка иднина во оваа земја.

А она за квалитетот од почетокот, тоа, за среќа, и нема никаква врска со ова „оствараување“. Во тој поглед тоа е само еден лош, бескрајно лош и крајно неморален филм!

Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото