Историја на писмото

04.10.2017 17:44
Историја на писмото

ХРОНИКА

Вистината ѕвони гола на вратата.
Ти си облечен, но се чувствуваш
погол
и од неа.

Таа вреска
не толку со гласот, колку со телото.
Ти молчиш
не толку без глас, колку без тело.

 

БУЛЕВАР БУГАРИЈА

Крикот на лудата ги заглушува колите
во четири насоки.
Таа стои среде раскрсницата
и го регулира движењето.


МАКАР И ДОЦНА

Знам дека на крајот
ќе се дознае
(макар и доцна):
многу поопасни од цигарите
(хлорот и Чернобил и така натаму)
беа зборовите (невидливи)
со кои нè отруја.
Кога ќе станат видливи,
ќе се расплачете
затоа што место леб
сме јаделе камен.
Но, камо ножевите да ви расцутат
во денот на гнев (и оние понатаму)
и да ја побркаат целата историја.
Право на одмазда имаат
цвеќињата.
Тие, се разбира, не знаат што е
одмазда.
Просто никнат и цутат
за инает на сè.

 

ПТИЦИТЕ НА НЕЈЗИНИОТ ФУСТАН

Не знам што е љубовта
но отстрана не изгледа лошо.
Мажот фрла во воздухот
рака трошки
и малку потоа убава жена
се појавува до него.
Минувам на прсти
за да не ги уплашам птиците
на нејзиниот фустан.

 

ИСТОРИЈА НА ПИСМОТО

Бидејќи душата е вечна
нема апсолутно никакво значење
кога точно е испратено писмото -
вчера, оној ден,
пред петстотини години
или утре.
Вљубениот секогаш
ќе го добие.

 

ВЛЕЗ

Во спомен на Игор Исаковски

Во најдлабоката река
не можеш да се удавиш.
Се давиш ако не влезеш во неа,
заплеткан во плитката.


ПЕПЕРУГИТЕ КОИ НЕ ЛЕТААТ

Пеперугите кои не летаат
го сонуваат
патот на свилата.

 

ТОЛКУ МНОГУ АНГЕЛИ

Толку многу ангели
со отсечени крила.
А како летаат!

 

ПОСЛЕДНАТА ТОРБА ПЕСОК

Страшно е да заборавиш
од каде си тргнал.
Еден ден паѓа и последната торба песок од тебе
и тогаш сакал или не ќе полеташ
натаму, каде
песочните замоци од детството
сѐ уште се цели,
а ти не знаеш,
дека веќе немаш раширени вени
дека духот нема потреба од огледало.

 

ДРАМА

Нема драма -
сите сме смртни.
Има драма -
Не сите сме живи.

 

Превод од бугарски: Иван Шопов
Слики: Amy Crehore

Људмила Миндова е родена 1974 година во Русе. Завршила математичка гимназија во родниот град и словенска филологија на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Авторка е на поетските книги „Блуз во ниедно време“ (2010), „Тамбос“ (2014) и „Живот без музика“ (2016), монографијата „Гласот на барокот. Иван Гундулиќ и хрватската барокна норма“ (2011) и книгата есеи „Другата Итака“ (2016), посветена главно на писатели од поранешна Југославија. На бугарски јазик превела книги од Данило Киш, Дубравка Угрешиќ, Јосип Ости, Алеш Дебељак, Томаж Шаламун и други.

ОкоБоли главаВицФото