Тоалетна шолја без дупка

05.10.2017 01:27
Тоалетна шолја без дупка

Не знам зошто во студијата за националните карактери Жижек не го споменува македонскиот модел на тоалетна шолја. Дупката кај германскиот модел, вели славниот филозоф, е многу напред така што говното му се нуди на сераторот што си го брише газот да го помириса, да го проанализа, да види каква му е бојата, вискозитетот и другите елементи од кои може да дознае нешто за своето здравје. Кај француската шолја отворот е одзади и говната бргу пропаѓаат во лавиринтите на канализацијата. Англоамериканскиот модел, пак, ги остава говната да пливаат во вода, која полека истекува повлекувајќи го со себе и смрдливиот плен.

Како хегелијанец, Жижек ги толкува овие разлики како израз на три различни егзистенцијални става: германската мисловна темелност, француската револуционерна импулсивност и англискиот умерен утилитарен прагматизам. Културата на овие нации ги произвела шолјите такви какви што се, така што врз основа на шолјите, може да се суди и за културите.

Македонската без дупка

Добро, но, зошто ја нема македонската шолја!? Можеби затоа што нема дупка, ќе рече некој, или затоа што нашата култура на серење не ѝ е интереснa на светската филозофија!? Мислам дека тоа е грешка на филозофите кои, всушност, пропуштаат да се позанимаваат со многу интересните искуства на овдешната култура на физичката и менталната дефекација. Македонците серат во шолји без дупка, ги оставаат говната малку да се засушат, па ги покриваат со ново купче. Кога шолјата ќе се наполни - инсталираат нова, а кога вецето ќе го наполнат со полни веце-шолји - градат нов тоалет во дел од спалната соба, односно градат нова куќа. Тоа е културата на менталното празнење.

Така се случува еден ужасно смрдлив исерок, една неподносливо смрдлива национална дефекација, наместо во историската канализација да оди на митинзи и на избори. За вмро-дпмне зборуваме, нормално.

Ако врз основа на дизајнот на тоалетните шолји можеме да заклучиме дека Германците се конзервативни, Французите револуционерни, а Британците и Американците либерални и прагматични, какви сме ние!? Ние сме запуштени, заостанати, смрдливи, нација која дострелите на светската цивилизација ги интерпретира и применува сакато, нација која сере во тоалетни шолји без дупка и го чува своето историско, политичко и културно срање дома, го рециклира во нови функции надвор од шолјите, го става на изборни листи и му оди на митинзи.

И говорот на омразата го исфрливме како говно во шолјата без дупка. Никој не е во состојба да ги избанализира и испосере благородните теми, идеи и иницијативи како Македонецот кој се обидува да излезе од гробната јама во која го остави режимот со кој се солидираше над сите очекувања. Јас така го разбрав Фити. А и Чом. Во темата Ристиќ/Циганите, тој (народот) не се занимава со говорот на омраза, зашто говор на омраза таму нема, ниту има нешто што се шири, туку се занимава со себе, преку тоа што му се чини сомнително кај актерката, за да ја пополни огромната празнина што му ја остави крахот на режимот на чипираните идиоти. Во која, просто, не знае што да прави со себе.

Како некое селанче што судбината го вселила во некаков огромен пентхаус на слободата. Дури му се чини дека отсекогаш бил вака принципиелен. Врвот на ова самолага, кој можеме да го замислиме и кој веројатно си го замислува и тој, е да се легитимира низ нешто европско, модерно, инклузивно, мултиетнично и сл. Да ја покаже својата критичност што толку време ја потиснувал за да може во ништожноста да се доближи до мерката на идиотот од власт. На темата за говорот на омразата е лажен, како и во сè друго, се однесува како да е Груевски на граничен премин дента кога Судот објави дека нема да му го врати пасошот.

Говор на омраза

Говорот на омразата е институционализиран по тешките трауми на светот, идејата е да не се шири омраза преку говор во кој има омраза на верска или национална и сексуална основа, за да се спречи повторувањето на драмите од минатото, особено за да се заштитат малцинските групации. Идејата не е да се пружи основа за истерување ќефови и за лечење лични фрустрации, таа не е измислена за да ја ограничи слободата на говорот, а во демократски и правно неконсолидирани општества да се претвори во карикатура. Инкриминацијата не е палка со која Циганите или Шиптарите или Славомакедонците ќе стојат зад аголот и ќе маваат по тие што сомнително шушкаат или прдат високо це.

„Циганите (поради некоја политичка, или не знам каква, коректност нарекувани Роми, како со тоа нивните злодела да добиваат на легитимитет или нивниот живот на квалитет) ја претоварувале, константно ја тормозеле Аурора и во даден момент нејзината нога пука, не може да додржи… паѓа! Циганите собираат сè што до претходно било на нејзиниот грб и ја оставаат така, падната и во бессознание… Од тука па натака, следевте низ нашите објави… Коњот не е куче, нема да може да преживее со три нозе.“

Потпрено на ваква основа, обвинението паѓа пред аргументите како голубово говно пред дејствието на гравитацијата.

Одиме по ред, врзете се, полетуваме надвор од зоната на хистеријата. Тоа што на почетокот на овој статус Циганите ги става во релација со називот Роми и тоа во остар критички контекст („легитимитет на злоделата и квалитет на животот“), јасно ја покажува интенцијата на авторката Циганите да не ги споменува во функција на ширење омраза, туку во функција на расправа со лицемерниот свет што ја смисли оваа заебанција со името за да ја измие својата нечиста совест, а не за да ги реши проблемите на Циганите. Тој свет ги пикна Циганите под своето магионичарско марамче и оттаму ги извлече како Роми. Со тој трик не го реши проблемот на Циганите/Ромите, туку мислеше дека го решава својот проблем.

Второ, Ромите тука не се споменати како општа именка, односно обраќањето не е кон нивната етничка и културна заедница, туку кон Циганите што го користеле коњот, кон газдите на коњот, за кои имала информации дека се Цигани, значи конкретни луѓе се означени, не Циганите/Ромите како целина. Тој факт исто така го побива обвинението за ширење говор на омраза во смисла на законот и работите ги сведува на нивната реална димензија, односно на остра реакција на однесувањето на конкретни личности односно на газдите на коњот.

Трето, мора да се земе предвид емоционалната состојба на Ирена, која кон газдите на коњот се формулира во услови на крајна возбуденост поради страдањата и смртта на животното за што оправдано ги обвинила сопствениците.

Четврто, личното, општествено и културно портфолио на обвинетата, го легитимира нејзиниот гест во сосема спротивна светлина од таа на која инсистира обвинението: благородноста, страста, солидарноста, посветеноста, ангажираноста, сè се тоа елементи од тоа портфолио, околу кои во ниту најголемата имагинација на оние што ја тужат, не може да се открие говор на омраза, освен во форма на вулгарен конструкт.

Слики: Свирачиња

Извор: Слободен печат