Правдата и одмаздата - за новиот филм на Фатих Акин „Од ништо“

05.10.2017 01:34
Правдата и одмаздата - за новиот филм на Фатих Акин „Од ништо“

Еден од подобрите филмови што публиката во Битола, на програмата на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ имаше можност да ги види на годинашново 38. издание е филмот Од Ништо/In The Fade на Фатих Акин. Се работи за трилер инспириран од серијата ксенофобични убиства во Германија кои ги извршија неонацистите врз луѓе од негереманско потекло.

Од тензичнот почеток каде ја гледаме експлозијата во која гинат еден посветен татко од курдско потекло и неговиот мал син, па сè до неочекуваниот крај на оваа приказна во која режисерот Германец со турско потекло ги внел сета тага и гнев за попусто изгубените животи, жртви на бесмислената омраза на неонацистите, тој дејствието го води без ниту еден непотребен гест, без патетика, иако заради темата, тоа можело да биде вистинска стапица, а сепак на крајот останувате стаписани. Затоа што овде не станува збор само за политичка порака против злосторствата од омраза толку актуелни во Германија и во светот, туку и за мајсторски изведена драма во која централен лик е мајката Катја, која останува жива и мора да се справува со сите последици од смртта на најблиските, но и со своите неконвенционални животни избори. Маестралната во овој филм Дајан Кругер, која овде игра на својот мајчин, германски јазик е вистинскиот стожер на приказната. Таа преживува цел спектар на емоции, но успева да ги пренесе реалистично, речиси документаристички.

„Овде во Германија имаме нацистичка организација која уби повеќе луѓе, сакав некако да го возвратам ударот и оттаму дојде идејата да ја раскажам приказната за една мајка што го губи своето семејство. Ја имате правдата на државата, на општеството, а наспроти тоа е чувството за правда на поединецот и понекогаш тие се судираат, а каде што има судир има и драма. Овој филм е за тој судир. Не знам што би направил да се најдам во таква ситуација, никој што немал такво искуство не знае како би постапил, но кога ќе почнете да размислувате и како родител за смртта на вашето дете, тоа е ноќна мора и како автор преку филмот имав можност за дијалог со таа ноќна мора. Исто така, сакав да проговорам за вистинскиот скандал што се случи во германското општество. Не беше скандал тоа што за 10 години, неонацистите убија повеќе од 10 луѓе, вистинскиот скандал беше што германската полиција, општеството и медиумите мислеа дека овие луѓе, Турци и Курди се убиени во меѓусебни пресметки, дека тие не се жртви, дека тоа мора да има врска со некаква трговија со дрога и тоа навистина ме налути и ме натера да кажам нешто“, вели режисерот Акин.

Во воведот гледаме една брзо скицирана романса на ариевски русокосата, Германка Катја со курдскиот дилер на дрога Нури (Нуман Акар). Се запознаваат кога таа од него купува трева на факултет; таа се мажи за него додека тој е сè уште во затвор. Во следната сцена, тие имаат син, Роко, кого го обожуваат и имаат канцеларија за даночни пријави и туристичка агенција во срцето на турскиот кварт во Хамбург. Дознаваме дека маалото е опасно кога Катја предупредува една девојка да го врзе велосипедот...

Сè што се случува понатаму е мрачно и интензивно; моментот кога мајката дознава дека нејзиното дете и сопругот се убиени, дека телата им се разнесени, кога мора да одбере ковчези за нив, кога на полицијата ѝ објаснува дека нејзиниот сопруг веќе не се занимава со дрога, туку од затворот излегол со диплома и водел мирен живот и конечно, нејзината убеденост дека не се работи за мафијашка пресметка туку за убиство од омраза извршено од неонацисти и никој не е подготвен да ѝ поверува...

И бидејќи ова е и моќен политички филм гледаме како во навидум бескомпромисното германско правосудство има место и за еден циничен нео-наци адвокат (Јоханес Крич), па и покрај тоа што таткото го пријавува својот син неонацист и покрај тоа што постојат несоборливи докази за злосторството, Катја заради употребата на дрога, уште еднаш станува жртва, овојпат на предрасудите и правдата не е задоволена. А тука читаме и уште една порака: лажното сведочење на еден хотелиер од Грција, инаку припадник на организацијата „Златна зора“, директно ни укажува на брзото ширење на неонацизмот во целата Европа.

Следното прашање што го поставува овој филм е: каде е границата помеѓу одмаздата и правдата? Во последната третина од филмот гледаме како Катја студено одлучна (пред да тргне на пат ја завршува незавршената тетоважа на самурај), но истовремено и избезумена од неможноста, но и од стравот и сопственаите дилеми дали треба самата да се избори за казна за убијците на нејзиното семејство, единственото нешто што ја држи во живот, заминува во Грција каде што се крие парот неонацисти под закрила на пријателите од „Златна зора“.

Во тој момент, режисерот не’ наведува да мислиме дека може да ја предвидиме разврската. Таа ќе ја земе правдата во свои раце, зашто општеството и државата не се способни да ги казнат виновниците, зашто и таа се чувствува неправедно обвинета и конечно ќе ги казни оние што треба да бидат казнети. И потоа, уште еден неочекуван пресврт пред крајот и повторно прашањето: дали одмаздата, око за око, заб за заб е вистинскиот одговор. Не, ништо во животот како и во овој филм не е толку едноствано.

Таа не е убиец. Крајот на филмот секако остава отворена врата за дебата и многу прашања и критики.

Инаку, директорот на фотографија Рајнер Клаусман заслужено ја освои Сребрената Камера 300 на фестивалот во Битола, неговата камера е ненаметлива, а сепак ефикасна, придонесувајќи кон емоционалната рамнотежа на приказната.

А Фатих Акин мора да го погодил нервот, не само заради тоа што овој филм е номиниран за германски кандидат за Оскар, туку и затоа што што успеал да направи непретенциозно дело со толку ужасно реална тема на нашето време.

ОкоБоли главаВицФото