Како „Роман на годината“ да продолжи без „Утрински весник“

05.10.2017 16:05
Како „Роман на годината“ да продолжи без „Утрински весник“

Долгогодишниот новинар, колумнист и писател Ѕвездан Георгиевски за Радио МОФ потсетува дека како уредник на културната рубрика на „Утрински весник“ од самиот почеток размислувал дека рубриката треба да излезе надвор од голото следење на настаните, односно да биде способна самата да продуцира култура и да го збогатува културното живеење.

Првичната идеја била наградата да биде за книга на годината, но набргу сфатиле дека е невозможно да се споредуваат жанровите и никој не може да процени дали една книга есеи е поквалитетна на пример од книга поезија.

„Со оглед на фактот дека во Македонија немаше награда специјализирана за роман (другите книжевни награди беа за проза) и со оглед на искуствата од регионот вакви награди да доделуваат весници ‘Романот на годината’ како форма речиси се наметна самиот од себе. Морам да кажам дека Редакцијата сесрдно ја прифати идејатa и дека во реализацијата на наградата, особено првите години, комплетно посветено учествуваше комплетниот тим, особено раководството на весникот“, нагласува тој.

Според Георгиевски, ги пресретнале сите можности наградата да се компромитира. Одбиле финансиско учество од државата за да немаме никакво влијание од Министерството за култура. Жирито било составено од пет члена, секогаш од различни генерации и со различни афинитети, така што, вели тој, било невозможно наградата да се „намести“ или да добие некакви „клановски“ епитети.

„Од друга страна, ‘Утрински’ не беше книжевен издавач, така што немаше никаков парцијален интерес од наградата, освен таа да добие имиџ на важно признание. Ниту јас, ниту било кој што беше инволвиран во организирањето на наградата не пишувавме или објавувавме литература ниту се занимававме со литературна критика, па така и нам не можеше да ни се префрли било каква пристрасност“, потенцира Георгиевски.

Тој напоменува дека десет години беше член на жири-комисијата како претставник на Редакцијата и одговорно тврди дека таа награда направи повеќе за развојот на романот во Македонија, па и општо за литературата, отколку што направила целата држава од 1945 година наваму. 

„Основачите на ‘Утрински весник’, Бранко Тричковски, Ерол Ризаов, Манчо Митевски и Љупчо Поповски, плус јас како прв уредник на културната рубрика и иницијатор за доделување на наградата, веќе направивме неформален одбор, кој работи на формирање непрофитна фондација, чија основна улога ќе биде токму продолжување на оваа традиција. Фондацијата уште сега има нескриена поддршка од издавачите, досегашните лауреати, но и од поголем број битни личности од културата. Се надевам дека формалностите и начинот на финансирање ќе ги завршиме на време, така што навремено ќе го распишеме конкурсот и наградата ‘Роман на годината’ ќе биде доделена и врачена по 19-ти пат“, вели Георгиевски.

Академикот и писател Митко Маџунков, пак, не гледа начин да постои „Роман на годината“ без да постои и „Утрински весник“. Тоа за него е како „да има признание на ‘Нин’ без самиот ‘Нин’“.

„Тоа е слична ситуација. На некој начин, треба да биде врзана за ‘Утрински весник’. Не е природно без ‘Утрински’. Се’ друго е крпеж, накалемено. Просто, медиумот е секогаш централен. Иницијативата треба да оди на тоа да се обнови весникот, а со тоа да се обнови и наградата“, смета Маџунков.

Истовремено, потенцира дека се работи за изразено угледна награда. „Кога се однесува на романот, имаше статус на најпрестижна награда, се разбира заедно во линија со Рациновото признание, со ‘Струшките вечери на поезијата’… Некако се издвојуваше и ќе биде голема штета да не се најде начин да продолжи“, потенцира Маџунков, кој во 2012 ја доби оваа награда за „Птиците од ланските гнезда“.

И Ненад Стевовиќ од издавачката куќа „Или-Или“ го потврдува нејзиното огромното значење. Се стекна доверба дека вистински се вреднуваат делата, вели тој, а од аспект на издаваштвото, во нивниот случај, голем дел млади автори дебитираа преку „Или-Или“ и доаѓаа до финалниот круг на „Утрински весник“. „Во последните шест години имаме и тројца добитници, што значи и како издавач, наградава многу ни значи. За понатаму, штета ако остане празнина. ‘Роман на годината’ има и длабока општествена и културна функција. Би сакал да се изнајде некоја форма, да продолжи оваа награда. ‘Утрински’ очигледно го нема. Сепак, спонзори мислам дека не е тешко да се најдат, тоа е најмалиот проблем“, смета Стевовиќ.

Според него, идејата за фондација е легитимна, особено ако се вклучени луѓе кои ја подигнаа оваа награда заедно со весникот.

„Многу е поедноставно кога медиум ја води таа награда. Од практични причини, прво, книгите треба да се достават на некаква адреса каде има вработени. Второ, рекламирањето и сите придружни елементи. Но, ако нема друго чаре, фондацијата можеби и не е лоша идеја. Би била голема штета воопшто да го нема ‘Роман’“, вели Стевовиќ.

Писателот Петар Андоновски во 2015 беше добитник на „Роман на годината“ за „Телото во кое треба да се живее“. Смета дека во ова време кога книжевноста се помалку е присутна во медиумите, кога не постои критичка мисла, а книжевната критика е мртва, „Роман на годината“ е многу важна за афирмацијата не само на македонскиот роман, туку и на нашата култура.

„Тоа дека ‘Роман на годината’ беше една од највлијателните книжевни награди покажува фактот дека наградените романи доживуваа по неколку изданија, интересот на читателската публика беше голем, дури и за странските издавачи наградата беше важна референца“, смета Андоновски. За влијанието на дел од романите надвор од националните граници, но и за мешовитото генерациско учество зборува Оливера Николова. Писателката за возрасни и деца за Радио МОФ вели дека наградата одеше во раце на луѓе од разни возрасти, некои и за прв пат кои објавиле дело. На пример, вели таа, еклатантен е примерот со Гоце Смилевски кој во 2002 беше награден за „Разговор со Спиноза“.

„Тоа му беше втор роман, меѓутоа првиот помина безгласно, како во некоја магла на минатото, а ова делуваше како прво создадено дело. Веднаш привлече внимание и за авторот и делото. После знаеме каков беше патот на тоа дело низ светот, што зборува за заслугите на наградата, за активирање на интересот за делата“, се присетува Николова.

Нема некој конкретен предлог како да се одржи континуитет на традицијата и кои би биле понатамошните факелносци на „Роман на годината“. Сепак, потенцира таа, без разлика на формата во која би продолжила, се работи за признание кое овозможува поширока перцепција на најнови дела, во и надвор од потесниот круг на наградите.

„Тоа е од несомнено значење бидејќи сме сведоци дека се помалку се чита и интересот кон литературата паѓа, особено со електронските можности парцијално или целосно да се читаат дела поставени на интернет. Ако го тргнеме моментот со делата, воопшто, наградата ја раздвижува културната јавност, додека се решава за кој ќе биде добитник, луѓето се интересираат, следат како тече гласањето и сл. Многу малку работи, признанија и настани го покренуваат тој колективен интерес за литературата и уметноста“, смета Николова, лауреат за 2004 година за „Куклите на Росица“.

Кога новинарите на „Утрински“ за последен пат испратија текстови за печетница, уредник беше Катерина Богоева. Изминативе пет години таа беше во жири-комисијата на Утрински и присуствуваше на поделбата на стручните оценки.

„Сметам дека ќе биде погрешно наградата ‘Роман на годината’ да не продолжи. Иако, со оглед на моменталната ситуација, ‘Утрински’ не излегува, но не гледам причина да не се даде можност наградата да не опстојува и во иднина. Ако погледнете во биографиите на наградените автори, на самиот почеток стои ‘Роман на годината’. Издавачите од странство знаат за наградата. Дел од делата се преведувани и во Србија, Бугарија, пошироко…“, вели таа.

Малку од весниците на Балканот имаа награда која ги радува и авторите. Напоменува, 150.000 денари не беа мала сума, особено за младите автори.

Според Богоева, има време за решение и до декември да се објави нов конкурс за „Романот“.

„Гледав по реакциите дека наградата овозможува да се шири моќта на литературата, без разлика низ какви периоди и премрежја поминува државата, без разлика и на се’ што се случува во издаваштвото, книжарниците и саемите на книга. Во државата постои награда која е референтна, значајна, обединува творци, издавачи и читатели истовремено внесува и оптимизам дека книгата е вредна. И дека ќе постои во хартиена форма, бидејќи до последното издание на ‘Роман’, книгите се доставуваа во класична пишана форма во хартија. Ќе ми биде драго да продолжи и на доделувањето на гледаме многу млади луѓе“, потенцира Богоева.

Досегашни добитници на наградата (со издавачи):

 Роман на годината за 2016 Давор Стојановски, „Собирачи на пепел“ („Или-Или“)
 Роман на годината за 2015 Петар Андоновски, „Телото во кое треба да се живее“ („Или-Или“)
 Роман на годината за 2014 Луан Старова, „Балканвавилонци“. (МАНУ)
 Роман на годината за 2013 Владимир Плавевски, „Јадица“ („Силсонс“)
 Роман на годината за 2012 Митко Маџунков, „Птиците од ланските гнезда“ („Три“)
 Роман на годината за 2011 Снежана Младеновска- Анѓелков, „Единаесет жени“ („Или-Или“)
 Роман на годината за 2010 Душко Родев, „Човекот што ги сакаше калинките“ („Македонска реч“)
 Роман на годината за 2009 Томислав Османли, „Дваесет и првиот“ („Блесок“)
 Роман на годината за 2008 Јагода Михајловска, „Индиго Бомбај“ („Три“)
 Роман на годината за 2007 Блаже Миневски, „Нишан“ („Макавеј“)
 Роман на годината за 2006 Кица Колбе, „Снегот во Казабланка“ („Три“)
 Роман на годината за 2005 Пајо Авировиќ, „Џахиз и истребувачите на кучиња“ („Детска радост“)
 Роман на годината за 2004 Оливера Николова, „Куклите на Росица“ („Култура“)
 Роман на годината за 2003 Милован Стефановски, „Изгубен жегол“ („Сигмапрес“)
 Роман на годината за 2002 Гоце Смилевски, „Разговор со Спиноза“ („Дијалог“)
 Роман на годината за 2001 Димитар Башевски, „Бунар“ („Слово“)
 Роман на годината за 2000 Венко Андоновски, „Папокот на светот“ („Три“)
 Роман на годината за 1999 Слободан Мицковиќ, „Куќата на Мазарена“ („Самиздат“)

Извор: http://www.radiomof.mk

ОкоБоли главаВицФото