Минато и сегашност

06.10.2017 14:14
Минато и сегашност

Сега, со право, можам да се вратам на прашањето на Ќосето и симболизмот на „спуштената глава“ и „исукана кама“, како што вели проф. Вангелов. Односно, подобро речено, на потенцијалниот симболизам (во сите негови можни „манифестации“) на еден споменик – од бронза, камен или што и да е’ друго – визави конкретните, живи, чекоречки „споменици“ на бившиот режим околу нас, сите оние клиенти кои така здушно го поддржуваа, работеа според нивните наредби и желби, коленичеа за грст сребреници. Или, ако сакате, сакам да ја согледам сличноста, но и разликата помеѓу овие и нивната штетност за општеството, во сите нивни можни манифестации. На пример, токму Ќосето и и симболизмот на неговата „спуштена глава“ и „исукана кама“, за односно против кој што меѓу првите со одбивност пишував, сега ми заличува на детска играчка, на чиста заебанција – со неговото име и презиме и со нас – поставена таму од некои празни глави кои мислеле дека луѓето ќе ги исплашат со бронзени човечиња. Па нека се вооружени и со двојно повеќе ками, пишчоли и берданки! Тоа бедно човече искачено на толкав поостамент беше само тест за смелоста на граѓаните на овој град. Тие, ние, паднавме на тој тест зашто, реално, ни требаше само она детсконо „мечка страв, мене не страв“ и да фрлиме по некој камен, боја или што и да е’ врз „ликот и делото“ на тој масовен убиец. И првиот кој тоа ќе го направеше веројатно ќе го апсеа, ама ако перформаност на отпорот продолжеше, како што впрочем и продолжи во времето на „Шарената“, не ќе ни можеа ништо! Мене тоа (да простите) гомно од споменик веќе и не ми пречи. Зошто? Затоа што му помина времето, кратко траеше, само неколку години. И во овој миг е минато, само што уште не знае. Тој и неговата братија. А ќе дознае, кога-тогаш, според закон и процедура.

И бившиот режим остави многу такви споменици низ државава, некои посмешни од другите, ама сите со еднакво траење – во минато свршено време, сите со иста (идна) судбина. Тие се смешни и од културолошка, можеби урбанистичка, естетска, граѓанска, па и од историска перспектива. Ама и кај нив ме теши фактот што се – отстранливи! Според закон и процедура, ќе им дојде редот. Веќе се минато.

Она што денес малку повеќе загрижува се оние другине „споменици“ што ни ги остави режимот, оние што не се вбројуваат ни во вербални ниту во материјални (повторно Вангелов), а секојдневно ни се моткаат меѓу нозете, ѕиркаат од разноразни ќошиња, пишуваат писма, понекогаш плачат и реват дека се обесправени, а всушност само демнат да ви збрцаат нож во вратот. Тоа се оние двоножни суштества, се’ уште меѓу нас, кои така грижливо беа полевани од фашизоидните им бивши газди за да пораснат до големината на еден споменик на Ќосето и во живо да ги плашат луѓето, на сите можни начини. Секој во својата средина, се разбира, во милјето каде што можел да вирее: во образованието, здравството, културата итн. Секој со својата „специјалност“, овие чекоречки „споменици“ беа оној прв, најважен фронт контра вкупното здраво и слободномислечко ткиво во македонското општество, оние гаулајтери кои секогаш беа подготвени да излезат на улица и да демонстрираат против тогашната опозиција, или да и ги носат чантите на министерката – пуфлата, некогаш оваа да им возврати со чување на нивните деца, но и со полнење на нивните куфери со евра и долари, за заеднички потреби. И, се разбира, за потребите на режимот. А овие потреби беа богами гооолеми. Како и апетитите. Едни, низ нивните творечки испрдоци, ја пропагираа славната ни антиквизација и ликовите на Ацета и семејството му, други држеа огнени говори пред тврдокорните пред Собранието, трети како луди пишуваа сценарија и снимаа „филмови“ нудејќи на линч цели народи, четврти издаваа тони книги за потребите на својот неук фирер и сопартијците … И сите ги имаа на брзо бирање смартфоните на газдите, секогаш подготовени за рапорт, за нови задачи, за нови подвизи!

Е, мене, признавам, овие почнуваат повеќе да ми пречат од Ќосето и остала бронзена боранија. Првите се барем молчаливи, знаат дека го отпеале своето и чекаат да бидат решени. Како – така, кој со претопување, кој со преместување, некој можеби и ќе преживее. Којзнае? Ама вториве се гласни, и бесни, и се’ уште наакани, мислат дека имаат право да држат и предавања дури со двата грама „вечерни школи“ што ги завршиле во животот, повторно и повторно притискаат врз бројчаниците на своите телефони барајќи ги газдите кои веќе не им се јавуваат. Ги пуштиле низ вода, свесни за тоа, ама свесни се и дека не умеат, не знаат да живеат без цврста политичка рака што ќе ги води низ животот. И ќе им обезбедува кариера, лагодност, пари – се разбира – се нудат секому кој е подготвен да ги поттурне нанапред, бараат приклучок со новата власт.

Минатото ни е решливо, сегашноста повеќе нè притиска. Ама иднината никако нема да ја дочекаме со ваква сегашност, и со вакви „споменици“!

П.С.

Ме интересира, многу, дали на претстојната „фамозна“ премиера на 12 декември, македонскиот нов – ама и оној стар, режимскиот, без тој не ќе може – политички естаблишмент ќе ја види неретушираната верзија на најфамозното „остварување“? Онаа што беше прикажана во Берлин, каде во последната сцена, се слуша албански говор додека убијците кружат околу возилото? Или повторно, како во Битола, ќе им ја поттурат новата верзија – без тие гласови?

Слики: Свирачиња

Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com

Слични содржини

Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото