За претставата „Фауст“ на Битолскиот театар

06.10.2017 15:06
За претставата „Фауст“ на Битолскиот театар

Текстот „Фауст“ од Кристофер Марлоу овде е само отскочна штица, возило преку кое унгарскиот режисер Урбан ја гради својата оригинална, авторска драма, чиј главен лајтмотив се гревовите на општеството, цинично и саркастично разгледани преку седумте смртни гревови.

Ова е втора соработка меѓу Урбан и Битолскиот народен театар, како и драматургот Билјана Трајчевска – истата екипа пред неколку години ја постави и претставата Хамлетмашина, која исто така играше и на репертоарот на МОТ.

Тие кои ја имале шансата да ја проследат Хамлетмашина, ќе препознаат неколку типични наративни елементи и стилскиот потпис на авторите и во „Фауст“ – потсмевање со авторитетите, подбивањето со публиката, четвртиот ѕид кој почнува затворен за полека, парче по парче, да биде скршен. Еднакво типично за Урбан и екипата е движењето на наративот од типичен, драмски театарски модел во кој секој ја следи својата улога, барем на кратко, до момент на прекршување, за потоа многу брзо да се излезе од рамката и целиот перформанс да се претвори во еден едвај контролиран хаос.

Урбан таа игра со очекувањата ја прави намерно и вешто. Овој впечаток дополнително го помага вкусната употреба на сценско светло, кое секогаш суптилно и со нежна рака ја преуредува инаку релативно празната сцена, како и музичката поддршка, која е доволно внимателно вградена за на моменти да заборавите дека всушност се изведува во живо, пред вас.

Жарот со кој играат актерите на Битолскиот народен театар и енергијата која не спласнува ни во еден момент од оваа, очигледно физички и психолошки истоштувачка претстава, се навистина за почит. Оваа испраксираност, која успева во ниту еден момент да не прерасне во рутинска, укажува на високото ниво на кое актерите и режисерот успеале да комуницираат, но и на искрената увереност во ставовите кои ги презентира Фауст како претстава и како порака.

Крешендото на претставата, во типичиниот панк/хардкор стил на Урбан, одлично ја истура врз публиката целата енергија која се гради во текот на целата претстава. Токму тука се „најгласни“ Урбан и Крајчевска, успевајќи на моменти со своето невидливо присуство да ги надвикаат и гласовите и сценската игра на актерите, кои се движат во некој меѓупростор измеѓу еуфорија и кататонија. Ако може нешто да им се замери на авторите, тоа би било единствено фактот што токму во овие последни моменти на претставата, премногу долго го истегнуваат крајот, како да сакаат да се осигураат дека апсолутно на сите во публиката ќе им стане јасна пораката за општествениот распад, дека мора сите да чувствуваат апсолутна гроза и срам за тоа каде одиме како цивилизација и да ѝ погледнат на вистината во очи, откако мнозинството тоа веќе го имаат направено. Или, можеби тоа е и намерата на Урбан и компанија, кои повторно си играат со нашите очекувања. Таму е и убавината на нивните претстави.

Извор: radiomof.mk