Новиот европски наратив

07.10.2017 12:54
Новиот европски наратив

Приказ на книгите: 1. „The great regression / Големата регресија”, уредник. Heinrich Geiselberger, Polity; 2. „The end of Europe: Dictators, demagogues, and the coming dark age / Крајот на Европа: диктатори, демагози и доаѓањето на мрачното доба”, James Kirchick, Yale University Press; 3. „After Europe / По Европа”, Ivan Krastev, University of Pennsylvania Press; 4. „Slippery slope: Brexit and Europe’s troubled future / Маѓепсан круг: брегзит и проблемот на европската иднина”, Giles Merritt, Oxford University Press; 5. „Russia and the western far right: Tango noir /Русија и радикалната десница на запад: црн танго”, Anton Shekhovtsov, Routledge; 6. „In defence of Europe: Can the European project be saved? / Во одбрана на Европа: дали европскиот проект може да биде спасен?”, Loukas Tsoukalis, Oxford University Press

Дамнешната 2013 година, во последното затишје пред бурта, тогашниот претседател на Европската комисија, Жозе Мигуел Баросо најави нов проект. Тоа беше пред бегалската криза, пред руската инвазија на Украина, пред Брегзит, пред терористичките напади во Париз, Брисел, Лондон и Барселона. Како и многу други луѓе, Баросо беше свесен за проблемите во Европската унија: нејзините лидери се недопирливи технократи, а на нејзините институции не им се верува. Кај многу Европјани кризата на еврото предизвикува гнев и огорченост. Исто така, се чинеше дека младите Европјани повеќе ја разбираат целта на Унијата. Баросо тогаш го изнесе следниов предлог:

„Верувам дека на почетокот на 21.век неопходно е да ја продолжиме приказната за Европа, пред сè за младите генерации кои се идентификуваат со европскиот наратив. Како и книгата, таа приказна не може да се заврши по неколку први страници, колку и да се убави. Треба да се продолжи со испишувањето на книгата на сегашноста и иднината. Затоа ни е потребен нов наратив за Европа.

И така беше лансиран „новиот наратив за Европа“, културен проект кој на хартија изледаше импрезивно. Уметници, писатели и научници од целиот континент потпишаа декларација: „Во светло на актуелните глобални трендови, треба да се реафирмираат вредностите на човековото достоинство и демократија.“ Многумина приложија есеи за новата книга, Духот и телото на Европа: новиот наратив. Ширум Европа се водеа дебати за новиот наратив: во Милано, Варшава, Берлин и Брисел. Членовите на Европската комисија (од секоја земја по еден) организираа „граѓански дијалози“. Направена е веб страница „Новиот наратив“ за да младите Европјани можат да се вклучат во дебатата.

Целта беше да се изгради силно чувство на федерелен европски идентитет. Англосаксонците може да се смеат на тоа, но многу модерни европски држави се создадени токму со такви кампањи спроведени одгоре – да се сетиме на обединувањето на Италија или Германија во 19.век или обновата на Полска по Првата светска војна. Проектот на Баросо вклучуваше некои елементи на таквите популарни народни движења: а тука беше и поддршката од интелектуалците и уметниците, како и конзистентната идеја и инспиративниот концепт.

Со таа разлика, се разбира, што ова движење воопшто не беше популарно. Писателите и уметниците се расправаа за декларацијата. Книгата „Духот и телото на Европа“ набргу беше заборавена. На дебатите никој не им обрна внимание. Ниту во една од шесте книги на кои ќе се осврнеме овде, а сите ги пишуваа експерти за европска политика, новиот наратив воопшто не се спомнува. Жил Мерит, авторот на книгата „Маѓепсан круг: брегзит и проблемот на европската иднина“, напиша поглавје под наслов „Потрага по големата стратегија...или дури по нов наратив“, но во него не е спомната иницијативата на Баросо.

Сепак, на различни начини и од различни причини, сите шест автори тврдат дека нов европски политички проект или институционална револуција е она што ѝ треба на Европа. Јасно е зошто. Континетот е оптоварен со кризи коишто ниту една европска земја не може самата да ги реши: приливот на милиони мигранти, растот на тероризмот, ширењето на меѓународната корупција, нерамнотежата што ја произведе единствената валута, високите стапки на невработеност на младите во некои европски земји, предизвиците на рускиот реваншизам.

Истовремено, Европа како и САД пред донесувањето на Уставот во 1789 година уште не располага со механизми кои можат да обезбедат заеднички решенија за кој било од овие проблеми. Единствената надворешна и одбранбена политика и натаму е само сон; заедничките надворешни граници сè потешко се одржуваат; единствена економска политика уште е далеку. Наместо тоа, политиките на континентот се условени од унилатералните одлуки на најголемите држави, што предизвикува отпор кај помалите. Алтернативата е да не се носат никакви одлуки, но тоа би го предизвикало гневот кај целиот континент.

Ништо од ова не е голема новост. Како што констатира Хајнрих Гезелбергер во воведот на „Големата регресија“, зборник од 15 есеи, сите елементи на проблемите кои денеск ги има Европа, можеле да се предвидат, па дури благовремено биле и најавени, не во 2013 година, туку уште во 90-тите година на 20.вее во времето на големиот оптимизам за европската иднина ииднината на глобалната економија: „Сите ризици на глобализацијата на кои тогаш беше предупредувано, денес станаа наша стварност“. Во тоа време уште тлееше надежта дека европските и меѓународните институции ќе успеат да ги приближат луѓето едни кон други и дека тоа, на некој начин, ќе води кон решение. Се очекувало дека членството во ЕУ, НАТО и десетици помали организации задолжени за сè, од регулација на пазарот на лекови до промоција на културата, ќе доведе до постепена интеграција на континентот. Многумина дури се надеваа дека еден ден ќе настане интеграција на Русија и северна Африка во Европа. Но, тоа не се случи. Наспроти сè, во последните две децении не е изграден колективен европски идентитет, да не зборувам за западниот или „космополитскиот“ колективен идентитет, кој би можел да го формулира единствениот политички одговорна кој било од актуелните проблеми.

Читајќи ја актуелната литература за Европа, не е тешко да се разбере зошто е тоа така. Како што уметниците, писателите и научниците кои добија задача да произведат наратив, не успеаа да се согласат по кој пат треба да се тргне, тоа не им успева ниту на авторите на овие шест книги. Треба да се нагласи дека иако доаѓаат од различни земји – Америка, Британија, Грција, Украина, Германија, Бугарија – причините за нивното несогласување не се заради тоа, туку повеќе се работи за разлики во темоераментот, идеологијата, па и есхатологијата. Во крајна инстнца, она за кое можат да се согласат е целта: каде оди Европа, што треба да стане и што може да преземеме за да стигнеме таму.

Ако се има предвид репутацијата што ја има ЕУ кај британските и американските конзервативци, кои ја гледаат како институција задоена со левичарски идеи, некои читатели ќе бидат изненадени од откритието дека неколку автори од зборникот „Големата регресија“ сметаат дека ЕУ е една од причинителите на неолибералната криза, наспроти развиените функции на редистрибуција и поддршка за социјалната држава и благосостојбата. Роберт Мисик, на пример, тврди дека ЕУ со своите униформирани прописи и закони за конкуренцијата „практично ја спречува имплементацијата на идејата на левицата“. Тој став го има и Џереми Корбин, лидерот на британските лабуристи и станува збор за мислење што мора да се земе предвид (лабуристите да имаа проевропски, а не евроскептичен лидер, можеби Британија немаше да излезе од европските инстититуции).

Проблемот е што не е јасно како би изгледала таа алтернативна, левичарска Европа. Дали на членките на единствениот европски пазар треба да им се дозволи повторно да ги национализираат некои индустрии? Или банки? Таквите идеи, во минатото не дадоа добри резултати, па прашањето е зошто овојпат би било поинаку. Изненадувачки прагматично Славој Жижек предлага „лева алтернатива“ на сегашниот режим на меѓународната трговија во облик на „програма на нови и поинакви меѓународни договори со кои би се воспоставила контрола врз банките, би се наметнало почитување на еколошките стандарди, би се обезбедиле правата на работниците, здравствените услуги, заштитата на сексуалните и етничките малцинсва итн“. А бидејќи дел од ова веќе е вклучено во глобалните трговски договори, овој предлог не е особено револуционерен, но барем нуди конкретна идеја која може заеднички да се имплементира, ако има волја за тоа.

Сепак дури ни авторите застапени во „Големата регресија“ не можат да се согласат за причините на проблемите со кои се соочуваме. Иван Крастев, на пример, не покажува многу интерес за сопственост врз средствата за производсво, но многу го интересираат миграциите, имиграциите и „мајоритетните“ политички импулси што ги предизвикуваат тие проблеми. Во есејот во „Големата регресија“ и во својата куса книга „По Европа“, Крастев тврди дека бранот на бегалците кои ја удри Европа, во многу нејзини држави предизвикува не само економска несигурност и зголемување на расизмот, туку и некој вид „демографска паника“. За граѓаните на неговата земја, Бугарија, „доаѓањето на мигрантите беше најава на нивниот излез од историјата, а популарниот аргумент е дека во Европа, со нејзините сè повозрасни жители, мигрантите се неопходни, само дополнително го засилува чувството на егзистеницијална меланхолија...Дали за стотина години некој ќе чита поезија на бугарски?“

Исто така, Крастев смета дека плаќаме висока психолошка цена за порозните граници внатре во Европа, што инаку е едно од најголемите постигнувања на Европската унија. На образованите им одговара тоа што можат да патуваат, да живеат и работат ширум континентот. Но, оние кои не можат или не сакаат да живеат во странство стануваат сомничави кон оние што тоа го прават: „Тие се чувствуваат удобно во своите етнички држави и не им веруваат на оние чиешто срце е во Париз или Лондон, чиишто пари се во Њујорк или на Кипар, додека лојалноста му ја подаруваат на Брисел“. Рурално-урбаната поделба која е толку очигледна во Америка, добива дополителна димензија во Европа каде луѓето во помалите места и во селата често се вртат против Европската унија, додека жителите на големите градови ја поддржуваат. Не треба да се заборави дека за време на гласањето на референдумот во Британија, не беше важна само поделбата на богати и сиромашни, туку и поделбата на урбани и рурални гласови. Голем број богати Англичани од провинцијата гласаше против Европската унија за странското влијание.

Несаканите последици на таквите стравови можат да бидат опасни. Во обид да одговорат на тој предизвик, верва Крастев, етничките и политичките мнозинства во повеќе земји и самите почнаа да се однесуваат како загрозени малцинства. Тврдејќи дека им се потребни вонредни мерки за да зачуваат власта и „да ја заштитат нацијата“ од надворешните закани и странски влијанија, нелибералните лидери во Полска и во Унгарија се обидоа, првите со помалку, а вторите со повеќе успех, судовите и медиумите да ги стават под своја контрола.

Но промовирањето на интересите на „вистинските Пољаци“ или „вистинските Унгарци“ на сметка на интересите на наводно нелојалните космополитски елити не е специјалитет особен само за источните Европјани. Да победеше на претседателските избори во Франција, нема сомнение дека Марине Ле Пен, лидерката на францускиот Национален фронт, која на изборите во 2016 година освои второ место, ќе се обидеше на истиот начин да ги заштити „вистинските Французи“ – и се разбира, Доналд Трамп би го направил истото за „вистинските Американци“. Во своето најлошо издание, оние го се застапуваа за брегзит повеќе звучат како британски националисти, отколку оние што се застапуваат за слободна трговија, барем како што се претставуваат.

Како и другите автори во зборникот, Крастев е внимателен кога треба да понуди решенија и се задоволува со изнесување на енигматички забелешки дека за интеграција на континентот секогаш повеќе придонесувале европските кризи отколку нејзините институции. И Џејмс Кирчик во „Крајот на Европа“ нди мрачна утеха. „Има многу аргументи во прилог на европската интеграција, а веројатно најсилен е оној дека алтернативата е многу полоша“. Кирчик, како и Крастев, верува дека најдлабоките проблеми на Европа не се однесуваат толку на економијата, колку на психологијата и културата. Но, тие проблеми, тој ги формулира поинаку. Кирчик стравува од „губење веба во универзалната, хуманистичка вредност на нешто што би можело да се опише како европска идеја“.

Кај популистичката десница, тој го забележува истиот оној презир кон законите и демократските норми кои ги воочил и Крастев. Во поглавјето за Унгарија, опширно го цитира познатиот говор на пофалба на „нелибералната демократија“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан, во коој ги критикува „поделбите“ што природно ги предизвикува демократијата и се залага за изградба на „голема владејачка партија, на централното поле на силите што е во состојба да ги артикулира важните национални прашања...без постојани конфликти“.

Но Кирчик гледа и опасности што се закануваат од идеолошки ригидната левица која ги намалува проблемите предизвикани од бранот на имиграција, вклучувајќи го и чудовиштето на исламскиот тероризам и растечката стапка на криминал. Тој го оспорува „ограничениот политички дискурс кој на пристојните луѓе им кажува не само дека јасно видливите општествени феномени всушност не постојат, туку дека и секаков обид на изразување на загриженост по повод на тие, наводно непостоечки проблеми е израз на нивниот расизам“. На истата трага, тој стравува дека целата дебата за имиграцијата ќе се претвори во партиски дуел помеѓу навистина расистичката радикална десница и „мултикултурната“ левица која не е во состојба да одговори на легитимните (или нелегитимните) барања на јавноста во однос на безбедноста.

Кирчик забележува дека таквите поделби пресметано се продлабочени преку дејствувањето на една надворешна сила: Русија на Путин, која сега покрај САД; ја прогласи ЕУ за свој најважен непријател. ЕУ не ѝ се допаѓа на Русија затоа што има дава поголема моќ во преговорите со Русија на малите европски држави. На пример, Европската унија може да го спречи создавањето на монопол на снабдувањето со гас на источноевропските земји. Исто така, Русија не ја сака ЕУ и затоа што нуди јасна идеолошка алтернатива за корумпираната олигархија. Украинците кои во 2014 протистираа против промосковската влада мавтаа со знамињата на ЕУ, бидејќи веруваа дека тоа знаме гарантира владеење на правото, сузбивање на корупцијата, демократија и слобода на говор. Од друга страна, Путин, чијашто најлоша ноќна мора е да им слични протести во Русија, почна во Европа енергично да ги поддржува политичарите и политичките партии од екстремната левица и екстремната десница за да одвнатре го поткопа европскиот проект.

Тоа е тема што нè наведува на подрачјето на специјалност на Антон Шековцов, кој со години ги следел и ги документирал руските односи со европската радикална десница. Во книгата „Русија и радикалната десница на Запад: црн танго“, Шековцов ја изнесува историската заднина на тој однос, враќајќи се во минатото до советската ера. Тој тврди дека од руската инвазија на Украина во 2014 година, Кремљ и групите што му се лојални „драматично ги засилиле активните мерки и другите субверзивни активности на запад“. Во некое друго време, таквата поддршка не би била особено важна. Но заради економските потреси и збрките предизвикани од бранот мигранти, екстремизмите од сите видови веќе беа засилени во Европа, токму во моментот кога Русија почна да вложува значајни средства во поддршка на екстремистите.

Таа поддршка има повеќе облици, од отвореното и признаено руско финансирање на претседателската кампања на Марине Ле Пен па до прикриените обиди да се манипулира со мислењето на јавноста со помош на тролови, хакери и ботови. Таквите техники, тестирани прво во Европа, беа применети и во американските избори 2016 година. Во повеќе европски земји, вклучувајќи ги Италија и Германија, Русија изврши големо влијание на политичката сцена со воспоставување на економски односи со моќни компании и купувајќи ги услугите на влијателни политичари, вклучувајќи го тука и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер. Но и тука целта на Шекоцвов не е да понуди решенија, туку само да ги изложи елементите на проблемите кои малку луѓе ги разбираат.

За понуди на можните решенија и предлози на политики, читателите мора да се свртат кон книгите на Жил Мерит и Лукас Цукалис, автори блиски до Брисел и кои се истакнуваат со прагматизам и форсирање на конкретни политики, заради што се и малку потешки за читање. Тие се концентрираат на ЕУ како на институција и нудат прецизни списоци со препораки. Мерит предлага програма за модернизација на инфраструктурата на ниво на целата ЕУ, зголемување на буџетот на заедницата и поактивни мерки на централната банка. Цукалис сака политики што ќе придонесат за општествена кохезија, како што европски систем за невработени. Двајцата, како и многу други, бараат реформа на демократските институции на Европската унија. За предложените промени во организацијата на Европскиот парламент се расправа веќе со години, вклучувајќи ја и промената на неговиот состав, така што ќе вклучи членови на националните парламенти или избирање на кандидати на мултинационално ниво. Досега таквите обиди пропаѓаа.

Исто така и двајцата сакаат, повторно како и многу други, посилна надворешна политика на ЕУ, надворешна политика со која Европа би добила глас на светската сцена што е соодветен со нејзината големина и економска сила. Навистина, би можело да се тврди дека неуспехот на Европа во развој на надворешна политика е изворот на многу од нејзините проблеми. Европа која што би можела да ѝ се спротивстави на Русија, не би подлегнала лесно на руските дезинформации. Европа што е способна да им стави крај на граѓанските војни во Либија и Сирија, наместо да се претвора дека таму ништо не се случува.

Неволјата со овие идеи е во тоа што застануваат токму таму каде што почнува проблемот кој го опишав на почетокот: за да издејствува реформа на парламентот, конечно да изгради европска армија, обезбеди поддршка за поголем буџет или централна банка, на Европа прво ѝ се потребни институции на кои нејзините жители ќе им бидат лојални и кои ќе ги доживуваат како свои. За да на малите европски држави им се влее доволно самодоверба што им е потребна за напредок во глобализираниот свет; за да се поттикне доволен развој што ќе овозможи удобен живот на луѓето во руралните делови на Бугарија и Шпанија; да се изгради политика на контрола на границите која ќе направи луѓето да се чувствуваат безбедно; земјите на јужна Европа да се убедат сериозно да ја сфатат руската закана, а земјите на источна Европа сериозна да ја сфатат бегалската криза – за сето ова потребна е политичка енергија која изгледа дека речиси секогаш недостасува на европско поле – а во многу европски земји ја нема доволно ниту на национално ниво.

Кирчик бара „обнова на силниот либерален центар“. Цукалис пишува дека “на Европа ѝ потребна коренита проемна, една од оние големи иницијативи кои понекогаш се појавуваат во историјата и успеваат темелно да ја променат целата сцена“. Мерит смета дека “треба да се убеди јавноста дека мораме да ги преиспитаме нашите удобни и широко прифатени уверувања за привилегираното место на Европа во светот“ и да почнеме поодучно да се бориме да се слушне и нашиот глас. Накратко, на Европа ѝ треба нова приказна.

Се разбира, можно е дека таквата „коренита промена“ нè чека зад првиот агол. Повеќето од овие книги се објавени пред последнит круг на европските избори, па некои од нив звучат преурането и претерано дефетистички. Негативните реакции на брегзит и раширеното згрозување од претседателот Трамп веќе ја намалија поддршката за антиевропската десница во Австрија и Холандија. Неочекуваниот триумф на Емануел Макрон, кој е вистинска инкарнација на „силен либерален центар“, на изборите во една од најважните европски земји покрена бран шпекулации. Дали некаде се кријат и нè чекаат нови Макрони, можеби во Полска или Италија, кои можат да го повторат неговиот успех?

Победата на Ангела Меркел во Германија, исто така, ќе ги промени француско-германските односи и старите клишеа ќе ги замени со нови и подинамични. Иако се разликуваат според карактер и потекло – нивните заеднички фотографии изгледаат како приказ на алегорискатата сцена „Младоста го сретнува Искуството“. И Меркел и Макрон се длабоко посветени на Европската унија и на политичкиот центар, а можеби – имаше и такви навестувања – дури и на значајни реформи. Разгледувањето на идејата за европски министер за финансии кој би можел да почне да ја координира економската политика на континентот на смислен начин; се споменуваат и европски вооружени сили. Ако навистина го направат тоа, Меркел и Макрон со започнување на толку големи реформи, сите свои влогови ќе ги стават на претпоставката што уште не е тестирана во пракса, а тоа е уверувањето дека она што на луѓето навистина не им се допаѓа во сегашна Европа, не е тоа што таа ја узурпира моќата на националните држави, туку тоа што изгледа дека самата не поседува никаква моќ.

Што ако Меркел и Макрон нè разочараат? Еден европски дипломат ги спореди Америка и Европа со западното и источното римско царство. Западот имплодираше по серијата луди цезари, со многу драма и насилство; византискиот исток, бирократски организиран, замрзнат во времето, крут и предвидлив, опстанал и траел уште многу векови. Тоа можеби не е најоптимистичното сценарио за Европа, но е делумно утешно.

Извор: http://www.nybooks.com/

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото