Џуџињата немаат поим

09.10.2017 01:12
Џуџињата немаат поим

Ми се јави еден од кафеана, еднаш одамна, во два по полноќ да ми раскаже анегдота. И тој го имаше обичајот да се јавува од кафеана во глуво доба и да каже виц или анегдота.

Елем, беше тоа некаде 1989 година, во Белград играа кошаркарките на „Јединство“ од Тузла, дали против Ѕвезда, Партизан или Вождовац, сега тоа не е важно – а бруталната публика на трибините ѝ се настрви, ми вели, на двометарската ѕвезда на „Јединство“, Разија Мујановиќ, ѝ се потсмеваа извикувајќи „Разија е машко!“. Несреќна, Разија му се пожалила на тренерот Михајло Вуковиќ дека публиката ја заебава, а легендарниот Мики ѝ одговорил: „Само играј Разо, те боли курот!“

Тој глупав урбан мит преживеал до денес, сите ја знаете таа, сигурно, автентична приказна, сè уште отсечно се прераскажува по кафеаните таа зломислена епизода, па и на Фејсбук ја споделуваат клинците кои не ни знаат која е воопшто таа Разија Мујановиќ, освен што на нивниот наследен мизоген шовинизам необично му се допаѓа оваа приказна за девојка од селото Ратковиќи покрај Челиќ, во подножјето на лутата Мајевица, машкоданката двометрашка, со урнебесно смешно име Разија и тренерот кој, веројатно намигнувајќи ѝ на братијата на трибините, вели: „Само играј, Разо, те боли курот!“

Апокрифите не се усогласени само дали се играло 1989 или 1988, или можеби 1987 година и дали натпреварот се одржувал во Белград или во Загреб – или во Шибеник, или можеби во Сараево, каде и да било а и сосема е сеедно: ако во доцните осумдесетти во југословенските сали и не ѝ скандирале „Разија е машко!“, тажните машки лузери и во Белград и во Загреб и во Шибеник и во Сараево и каде веќе не – одоздола со пискотливи гласчиња ѝ скандираат денес, прераскажувајќи ја таа бедна лага од безбедна оддалеченост од триесет сантиметри и триесет години.

Тој глупав урбан мит преживеал до денес, па и понатаму, ете се раскажува дека публиката ја заебавала Разија Мујановиќ, таа 1989 година во Белград, или Загреб, или Шибеник, или Сараево, или каде и да е, зашто е сосема сеедно: имено, целата вистина е, а џуџињата немаат поим, дека на натпреварот заебавала само величествената Разија Мујановиќ, таа вечер давајќи им на Партизан, Ѕвезда или Вождовац – или Монтинг, Елемес, Желјезничар, или кому и да е, сосема сеедно – 28 кошеви со 12 скокови. Тоа го знам сигурно, зашто 28 кошеви и 12 скокови, како да ви кажам, таа 1989 година, беа просекот на Разија.

А просечниот шупак од кауч-трибината на сето тоа имаше да каже само „Разија е машко“. Зашто сиромашкиот хобит ни од тој кауч не може да скокне, просечниот шупак не умее ни од еден метар оддалеченост да ја уфрли во кош хартијата од бурекот, па кога некоја девојка ќе скокне дванаесет пати и дваесетиосум пати ќе го погоди три метри високиот кош, за просечниот шупак единственото прифатливо објаснување е дека таа е нешто што тој не е, никогаш не бил и никогаш нема да биде.

Да речеме, машко.

Ех, бе џуџиња, Разија да е машко...Да беше Разија машко, ќе ви беше поголема и од Папе и од Хасе, од Бака и од Џеко, од Бајевиќ и Пјаниќ заедно, поголема од големиот Абас Арсланагиќ и уште поголемиот Марјан Бенеш; Разија да е машко ќе ви беше поголема и од Нурковиќ и Телетовиќ и од Раша и Вараја и од самиот алах Кинџет Делибашиќ ќе ви беше поголема, зашто никој од нив, од сите босанскохерцеговски мажи, никогаш и во ништо не биле четирикратни европски прваци и три пати најдобри играчи на континентот, никој притоа заедно со репрезентацијата не зел сребро и на светско првенство и на олимписките игри, а уште и два плус на првенствата на Европа. Никој од нив, дури ни Најголемиот на сите времиња, Златан Ибрахимовиќ, со шест клубови во четири европски лиги не освоил 13 државни првенства.

И Разија да беше машко, како што беа мажи и оние шестмина гиганти околу неа, на свеченоста во женевската „Naismith“ Арена, минатата сабота, во Куќата на кошарката во Швајцарија, веројатно би дошол и некој од Кошаркарскиот сојуз на БиХ, би стигнале и стотина новинари и нивните уредници, во Женева таа сабота би дошле и премиери и министри и сите тројца членови на Претседателството за да се сликаат со најголемиот спортист на сите времиња на Босна и Херцеговина.

Да е Разија машко и на џуџињава да не им беше срам што се помали од жена, би се туркале шупациве на фотографијата од Женева. А никаде како покрај Разија Мујановиќ не се гледа подобро колку се мали џуџињата. И да беше машко, на свечениот прием во Куќата на славните на FIBA, Разија Мујановиќ немаше да отиде како на некое рутинско гостување – како да оди во Белград, Загреб, Шибеник или Сараево – сосема сама да го земе трофејот, како што сосема сама ги земаше трофеите сите тие 20 години. Како што никој од нив не дојде на паркетот на „Palazzo dello Sport del Campo“ во Фиренца, онаа среда на 22 март 1989 година, кога дваесетгодишната Разија со своите девојки, студено им го зеде трофејот на недопирливите амазонки од Примиги кои беа дојдени по петтата титула по ред, вкупно шеста, па шокирани од поразот од аутсајдерките од Тузла, никогаш повеќе не станаа ни први во Европа, ниту во Италија, ниту во ништо, сè до ден денешен.

И конечно, како што беше Разија сама, сиве овие години, сама со мажите и во двата брака и во целата Босна и Херцеговина, толку сама што никој во нејзиниот кошаркарски сојуз не се сети да праша: „Каде е Раза?“

Сите исплашени дека ќе слушнат: „Ене ја во Куќата на славните на FIBA, зошто?“

И навистина, кога гномовите ќе погледнат малку подобро, ја гледаат Раза на сцената на „Naismith“ арената, Куќа на славните 2017 година, сама меѓу машките дивови, во друштво на, сите до еден, Најголеми меѓу Најголемите: Валдис Валтерс, оној убиец што во Мадрид, 1986 година, по Сабонис и Хомичус, ни даде трета тројка во 40 секунди, па Моше Мики Берковиц, легенда на „Maccabi“, кој во европската кошарка во 70-тите и 80-тите, не беше само уште Дражен Петровиќ, потоа Перо Камерон, оној маорски џин кој од таму, од ширините на Пацификот на дното на Земјината топка, сосема сам го довлечка Нов Зеланд во полуфиналето на Светското првенство во Индијанополис 2002 година, покрај нив Тони Кукоч, најславиот европски левичар по Карл Маркс и Дуда Ивковиќ, селектор на репрезентација без држава, тренерот на најголемата на сите времиња бела екипа, потоа – гомното на човек му се замрзнува додека пишува – Вели Црни Јоже, Шејкил О’Нил, а по нив, како да е и ова малку историја, комплетниот митолошки Дрим Тим од Барселона 1992 година, сосе Мајкл Џордан, Лари Бирд и Меџик Џонсон.

И меѓу нив, сонце ти ебам, Разија Мујановиќ од село Ратковиќи кај Челиќ, во подножјето на лута Мајевица!

Џуџињата од кауч-трибината газот би го дале да можат во ист кантон да бидат со Тони, Дуда, Шејки и Дрим тимот, а камоли во ист кадар, на состанок на станарите во Куќата на славните, меѓу најголемите на сите времиња како комшии за утринско кафе. Па им останува на сиромашките само на каучот да се преправаат дека се мажи и лигаво да извикувуваат „Разија е машко!“

Само играјте, гномови, што ве боли кур.

Извор: Оslobodjenje.ba