Четиригодишниот мандат на Теута Арифи – едни ја фалат, други бројат нереализирани проекти

10.10.2017 00:51
Четиригодишниот мандат на Теута Арифи – едни ја фалат, други бројат нереализирани проекти

Највисоките органи на Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) одлучија Теута Арифи да се обиде по вторпат да стане градоначалник на Тетово. На градоначалничката позиција Арифи дојде по победата на локалните избори 2013 година. За време на мандатот покрај имплементирање на нејзината предизборна програма, таа имаше и непредвидени предизвици, како поплавите во Шипковица, Голема Речица, Порој, но и големото загадување на воздухот во зимските месеци во Тетово и околината.

Јавноста е поделена кога станува збор за нејзиниот четиригодишен градоначалнички мандат. Дел од граѓаните сметаат дека Арифи, која освен градоначалник на Тетово е и заменик – претседател на ДУИ, успешно управувала со градот под Шара, а другите пак, го констатираат спротивното. Додека Арифи и нејзините симпатизери се гордеат со: решавањето на долгогодишниот проблем со водата, проблемот со депонијата со новиот претоварен центар, менаџирањето со поплавите, културните активности, новите мали паркови, од друга страна, дел од јавноста и опозицијата ја потсетуваат за:неисполнетите проекти за јавен транспорт, неизградените школи, делумното решение за депонијата, лошата инфраструктура и други нереализирани ветувања.

Различни мислења

Арианит Џафери, активист и претседател на „Еко Герила“, на прашањето на „Вистиномер“, како го оценува четиригодишниот мандат на Арифи во Општина Тетово, вели:

Не се исполнети главните изборни ветувања на Арифи, за кои граѓаните се надеваа дека таа ќе ги оствари кога ѝ ја дадоа довербата да биде градоначалник на Општината. И тоа почнувајќи од финансискиот отчет кој е „нула“, па дивата депонија како еден од најголемите проблеми на Тетово, за која беше кажано дека ќе се реши брзо и ефикасно, но се чекаше да се запали поголемиот дел и потоа остатокот да се отстрани целосно од градот. Се ветија подземени паркинзи, кои никогаш не беа направени. Се вети сообраќаен ред, а во меѓувреме градот е во голем хаос. Се вети организација на јавен транспорт, но нема ни буква „А“ од автобусите кои требаше да ги транспортираат граѓаните до нивните секојдневни одредишта.

Според аналитичарот Бујар Плоштани, тетовци во 2013 година воопшто не се двоумеле да гласаат жена да биде прв човек во Општината, надевајќи се за едно подобро управување и раководење на локалната самоуправа:

Граѓаните првпат ѝ го доверија мандатот на жена да владее со локалната власт во Тетово и да ги управува јавните пари. Сметам дека со изборот на Арифи граѓаните на Тетово демонстираа зрелост и, на некој начин, покажаа дека немаат никаков проблем да изберат нешто поразлично од претходно.

Сепак, тој наглсува дека недостатокот на транспарентност на Буџетот на Општината, е една од клучните причини за незадоволството кај дел од граѓаните:

Мандатот на градоначалничката Арифи во овие четири години го гледам како еден облак кој повеќе сакаше да преформира, отколку да резултира со завршени работи од интерес на граѓаните. Нејзиното владеење мислам дека беше еднострано – со нејзините соработници. Нејзината програма не блесна толку колку што им требаше на граѓаните на Тетово. Ако се анализира Буџетот на Општина Тетово, тука го имаме првиот проблем, Општината не соопшти јавно како е потрошен овој Буџет, ниту за долговите кои ги има Општина Тетово.

Анализирајќи го градоначалничкиот ангажман на Арифи, Плоштани вели:

Мандатот на градоначалничката Арифи не заврши славно, таа не успеа да заврши многу работи кои ги вети во предизборната кампања. Би ги одвоил овие проекти според мене се од есенцијална важност за граѓаните:

• недостаток на канализација во неколку населби;
• недостаток на капитални инвестиции;
• недостаток на инвестиции за развој на производството;
• недостаток на урбаниот транспорт;
• недостаток на подземни гаражи;
• недостаток на транспарентност за менаџирање со јавните пари;
• недостаток на брзо решавање на проблемот се депонијата.

Од друга страна аналитичарот, Нијази Мухамеди е на милсење дека градоначалничката на Тетово наследила крупни проблеми од минатото и дека недостатокот на инвестиции не е целосно нејзина вина, особено во ситиуација кога локалната власт е многу зависна од централната:

Да зборуваме реално, не е сè нејзина вина. Ова беше еден тежок мандат за финансиски опстанок на Тетово, Општина која како и сите други општини во Македонија, не може да има големи инвестиции со само 5-6 проценти од нејзините приходи, а 94 проценти ги излева во централната власт, од која после „бара“ со тешкотии „блок – дотации“. Имаше тешкотии да се завршат проекти, како што е проектот со водата за пиење што е 27 годишно барање на тетовци, а во кој злоупотреби правеле сите политички партии што владееле со Општина Тетово, при што се злоупотребени владини и странски донации. Ова не е случај само со проектот за водоводот, туку и со други еколошки и туристички проблеми. Проблемите на ова Општина, освен како граѓанин, гласач, ги познавам длабоко и од мојата работа како новинар и моите ставови не се мотивирани политички, ниту од Теута Арифи, ниту за другите претенденти за градоначалник или, пак, за советници. Имајќи го предвид контекстот во кој работела Општината, со институционални пречки, со огромни наследени долгови и со злоупотреби направени од претходните локални гарнитури, како што велат познавачите на состојбите во Општината, не би успеал во владеењето ниту „Скендербег“, а не Теута Арифи! А, тоа го очекува и следниот градоначалник на Тетово, се разбира, ако ситуацијата остане иста.

Кога станува збор за нереализираните ветувања на Арифи, Мухамеди вели дека неколку од нив се очигледни, како на пример мултифункцоналниот културен центар.

Познавајќи ја и нејзината културна вокација, верувам дека овој проект бил нејзина визија, но веројатно имало несогасувања со приоритетите на партијата. Контекстот во кој делува локалната власт го прави зависен ветениот проект од милоста на Владата и нејзините „блок – дотации“. Владата има блокирано многу иницијативи, па кога се знае преголемата централизација на културата, тогаш ова е еден клучен фактор за неуспешноста на проектот. За крај би сакал да напомнам дека Арифи треба да ги актуализира нејзините проекти и во предизборната програма за овие избори без комплексот дека не се реализирани, затоа што за Тетово се битни овие проекти како голем урбан и студентски центар, додава тој.

Недостиг на капитални инвестиции

Аналитичарот Селим Ибрахими, смета дека генерално „општините со албанско мнозинство се наследени од едно лошо партиско раководење оставајќи последници кај граѓаните“:

Управителите на општините со албанско мнозинство имаат заедничка „ДНК на владеење“, вклучувајќи ги тука недвосмислено сите кандидати од албанските партии, па и актуелната градоначалника на Тетово, Теута Арифи. Општините со албанско мнозинство се наследени од едно лошо партиско раководење оставајќи последници кај граѓаните. Наследен долг, корупција и непотизам се три карактеристики на албанските раководители на општините. Инвестициите од времето на поранешна Југославија се единствени капитални инвестиции со кои албанските градоначалници би се „пофалиле“. Има случаи каде може да се каже дека работеле или се потрудиле да донесат инвестиции, но повеќе од нив не успеаја да привлечат меѓународни фондови. Што се однесува до Тетово, дивоградбите, оштетената инфраструктура, воздухот, водоводот, поплавите, депонијата и некои други проблеми ја обележуваат Општината.

Ибрахими наведува неколку причини заради кои, според него, дошло до недостигот на капиталните инвестиции во градот:

Прво, централизација на финансиските извори, е една од пречките за градоначалниците да не успеат да ги исполнат потребите на граѓаните. Бидејќи, централната власт ги собира сите даноци и не ретко ги распределува по етничка припадност. Второ, недостаток на професионален квадар во општините е еден од нивните неуспеси. Треба да се оддалечат од партискиот квадар и непотизмот, за да се постигнат конкретни резултати. Трето, градоначалниците на општините идеолошки се зависни партиските претседатели и од бизнис – клановите. Ако се продолжи со овој тренд и во наредниот мандат, тогаш уште повеќе ќе се почувствуваат последниците брз грбот на граѓаните. Фактички овој начин на управување ја фаворизира нетранспарентноста и ја зголемува можноста на злоупотреба на финансиските средства.

Во промотивното видео во кампањата во 2013 година Теута Арифи им порачуваше на тетовчани: „Тетово заслужува различно. Јас го гледам Тетово како урбан град со ефикасна инфраструктура, редовни линии на јавниот превоз, подземни паркинзи, чиста животна средина и паркови кои се одржуваат“. Сега за локалните избори 2017 година таа ја започна кампањата во која ќе се обиде да им докаже на нејзините сограѓани, дека заслужува да биде повторно градоначалник на Тетово, а граѓаните нивното мислење за тоа колку се задоволни со нејзиното владеење ќе го дадат на 15 октомври, а можно е и во вториот круг на локалните избори.

*****

Вистиномер ги анализираше некои од главните ветувања на Теута Арифи дадени во програмата „Заедно градиме“, со која излезе на локалните избори во 2013 година, кои може да се најдат на следиот линк.

________________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор:http://vistinomer.mk/