“Шарената револуција” преку фотографии, постери, колажи, филм... и разговори

10.10.2017 11:18
“Шарената револуција” преку фотографии, постери, колажи, филм... и разговори

Изложбата фотографии од граѓанските протести од 2016та, организирана во Музејот Кацен на Американскиот универзитет во Вашингтон во ноември и декември минатата година, продолжува со своето патување низ САД. 

За потсетување, оваа изложба ја претстави “Шарената револуција” пред американската јавност преку документарни фотографии на Роберт Атанасовски, Кире Галевски и Ванчо Џамбаски. Беше организирана од Др. Анета Георгиевска-Шајн, историчар на уметност и предавач на Универзитетот на Мериленд, а нејзината реализација беше финансиски поддржана од група македонски граѓани во дијаспората. Пред оваа изложбата на Американскиот универзитет, Др. Георгиевска-Шајн говореше за природата на ова протестно движење и во рамките на конференција посветена на уметноста во јавни простори, организирана од Одделот за јазици, литература и култури при Универзитетот на Мериленд.

Поставките оваа година - во Индијана, Монтана и Илинои - беа реализирани со помош на академските контакти на Др. Елена Петроска, славист со долгогодишно работно искуство во Македонија, но и во САД. Заедно со Анета Георгиевска-Шајн, Др. Петроска е член на Форумот за демократска Македонија – новоформирана организација на македонски граѓани во странство која има за цел да ги поддржи демократските процеси во матичната земја на над-национална и над-партиска основа.


Дел од изложбата беа документарни фотографии на Роберт Атанасовски, Кире Галевски и Ванчо Џамбаски, документарен филм и постери на Небојша Гелевски, фото-колажи на Александар Дојранлиев и постери на Зоран Кардула

Домаќин на изложбата во Блумингтон е Музејот на светски култури Матерс при Универзитетот на Индијана. Отварањето беше на денот на независноста, 8ми септември, со панел дискусија на која што учествуваа двајца академски граѓани од таа институција – Др. Џастин Отен, кој ги има проучувано социо-антрополошките ефекти на приватизацијата во Македонија, и Др. Марина Антиќ, професорка по јужно-словенска литература и културолошки студии, која што се осврна на поширокиот контекст на граѓански протести во земјите на бивша Југославија. На покана на универзитетот, на панел дискусијата учествуваа и кураторката Анета Георгиевска-Шајн, како и Алексеј Демјански, кој е исто така член на Форумот за демократска Македонија.
Освен фотографии, поставката во Илинои е обогатена со документарен филм на Небојша Гелевски посветен на “Шарената револуција,” а трае до средината на декември годинава.
Втората изложба годинава е во Норткат стил галеријата при државниот универзитет на Монтана во Билингс. Во соработка со ко-кураторката и директорката на оваа галерија, Др. Георгиевска-Шајн ја прошири содржината со други “ефемерни” дела од “Шарената револуција”: постери на Небојша Гелевски, фото-колажи на Александар Дојранлиев, како и постери на Зоран Кардула, кој го дизајнира и летокот за сите поставки во САД.
На панел дискусијата што се одржа на 21ви септември, за “Шарената револуција” зборуваа Др. Елена Петроска, предавач на овој универзитет, како и Др. Пол Фостер, директор на Одделот за меѓународна размена и славист со долгогодишно академско искуство – вклучувајќи и работа како предавач на Штуловиот универзитет во Тетово.
За подобро запознавање на посетителите на овие две изложби со природата на протестите, организаторите вклучија и избор пишани интервјуа со граѓански активисти кои што учествуваа во “Шарената револуција.”
Третата поставка на фотографии на Атанасовски, Галевски и Џамбаски се случува на Универзитетот на Чикаго, во текот на годишната конференција на најголемата професионална асоцијација за словенски, источно-Европски и Евро-Азиски студии во САД (9-12 ноември, 2017). И оваа, како и другите две изложби од 2017та, се под покровителство на Форумот за демократска Македонија.



Линкови: 

https://sllc.umd.edu/russian/mayabrin/cherkashin/conference  

https://american.edu/cas/museum/calendar/?id=7064598  

https://arthistory.umd.edu/eventinfo/exhibition-high-stakes-macedonias-colorful-revolution

 https://livelytimes.com/…/the-high-stakes-of-macedonia-s-c…/

 https://livelytimes.com/event/exhibition-reception-and-panel-discussion-the-high-stakes-of-macedonia-s-colorful-revolution-billings/

http://www.msubillings.edu/…/exhibit-09-06-17/ColorfulRevol…

http://www.mathers.indiana.edu/MMWC10.pdf

 https://apps.iu.edu/ccl-prd/events/view/16440689?theDate=10062017&pubCalId=GRP1322&referrer=listView

http://www.mathers.indiana.edu/MMWCEcal23Aug17.html 

Слични содржини

Фотографија / Култура / Настан
Општество / Активизам / Фотографија
Активизам / Фотографија / Култура
Активизам / Фотографија
Активизам / Фотографија

ОкоБоли главаВицФото