Мозочна грешка од која се повампири ВМРО!

10.10.2017 12:08
Мозочна грешка од која се повампири ВМРО!

Збунувачки е факот дека исклучително мал број луѓе се раѓаат со проблематичен бубрег, на пример, но затоа никој не се родил со мозок што не му прави проблеми на својот „стопан“. Испаѓа дека на еволуцијата ѝ недостасувало време да го „доврши“ овој витален орган, пред тој дефинитивно да ја преземе судбината на човештвото во свои раце и биолошката еволуција да ја претвори во социјална појава, во културен феномен, чија развојна иницијатива сè повеќе од антрополошка станува технолошка по својата природа.

А една од најраширените заблуди за технологијата е дека таа е „вештачка“ - зашто е направена од човекова рака - па поради тоа и туѓа и опасна за човештвото. „Но, во стварноста, технологијата е можеби нешто најчовечко што може да се замисли“, пишува филозофот Свенсен, и додава дека „токму технологијата му овозможила на човекот да израсте“ и токму таа „ги ослободила ресурсите за развој на поголемиот мозок, и не помалку важно, за развој на јазикот“. Или, ако се оди во крајност: не е човекот тој што ја измислил технологијата, туку попрво технологијата го измислила него. Така што, како технологијата почна да се развива побрзо од културата, така човештвото западна во сè поголемо „доцнење во разбирањето“ на стварноста, што се одметна, како некоја туѓа сила да ја зела во свои раце. Но, да се вратиме на несовршеностите на нашиот „недовршен“ мозок.

Проекции наназад

Една од најраширените грешки во мислењето – за која може да се рече дека е „фабричка грешка“ во еволуциски недовршениот процес на оформување на мисловниот орган – е несфаќањето на времето или, поточно, проектирањето на елементите од денешната стварност наназад, кон минатото. Оваа проекција наназад правниците ја нарекуваат „nunc pro tunc“, што во превод би значело „сега за тогаш“, и таа се употребува за нормативни акти со ретроактивно дејство. Но, „сега за тогаш“ – грешката во мислењето, е толку раширена во општествено-политичкиот живот на нациите, што веќе никој не ја ни забележува, та дури станува и темелна премиса на конституционалните акти на државите или фундаментална претпоставка за идентитетското саморазбирање на нациите.

Така, на пример, во Преамбулата на Уставот на Република Македонија од 1991 година (пред да биде заменета со Амандманот 4 на Уставот на РМ од 2001), стои дека Уставот е донесен „тргнувајќи од историското културно, духовно и државно наследство на македонскиот народ и од неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање на своја држава...“ Значи, во Преамбулата постоењето на македонската држава и култура практично се проектира векови наназад, како фундаментална претпоставка за донесување на Уставот. Оваа грешка во мислењето е толку општоприфатена што – како што реков – не само што не се забележува, туку станала и основа на саморазбирањето на граѓаните на библиската земја. Но, појавите и настаните имаат свој датум во историјата, било да се тие колективни и општествени или индивидувални и лични.

Никој, при здрав ум, не би направил таква грешка кога се работи за една конкретна личност: се знае дека за една индивидуа клучен датум за нејзиното настанување и појавување на светов, е датумот на раѓање. Кому, се разбира, му претходел датумот на зачнување и - доколку сакаме да и додадеме елемент од романтичната историја на личноста – може да се земе предвид и датумот на запознавање на неговите родители. Никој не се повикува на својот вековен континуитет – кој е, инаку, генетски неприкосновен! – или на вековните претензии на предците за неговото лично појавување на овој свет.

Мозочна грешка

Доколку од мислењето ја отстраниме грешката на проектирањето на македонската државна и културна појавност векови или милениуми наназад, и ја земеме биолошката метафора за раѓањето, тогаш романтичната – но и крвава – родителска романса за македонската држава почнала на 11 октомври 1941 година! Зачнувањето се случило на 29 ноември 1943, на Второто заседание на АВНОЈ – кога македонскиот народ и држава за прв пат во историјата биле впишани во еден државотворен акт, а раѓањето и на државата и на нацијата се случиле на 2 август 1944, на заседанието на АСНОМ. Но, во списокот на државните празници на Република Македонија, оваа дијамантски цврста вистина за нашиот државен и национален настанок, воопшто не е веродостојно одразена: 29 ноември и нашето зачнување воопшто не го славиме, а 11 октомври се изгуби во дузината вмровски и верски празници што немаат никаква врска со македонската држава!

Од злоупотребата на оваа „фабричка грешка“ на човековиот мозок, произлегоа и најсериозните последици од вмровското владеење во последната деценија: поистоветувањето на ВМРО и вмровската партија ДПМНЕ со македонската држава. Со малоумна мозочна грешка, акронимот ВМРО – која е основана 1920 и е распуштена 1934 од бугарската држава – се проектира наназад и се поистоветува со организациите на Даме, Гоце и другарите, што се основале на крајот на 19 век и згаснале пред Балканските војни. И, така, со ментален фелер, ние имаме државен празник на 23 октомври, што фашистичката ВМРО-ДПМНЕ го слави како свој партиски роденден!? Зарем уште, и до кога?!

П.С. На оние што нема да го слават 23 октомври како државен празник – сè додека тој датум стои на грбот на македонската фашистичка партија - им го честитам 11 октомври, денот кога нашите родители ја почнаа романсата што резултираше со рожбата на македонската држава и култура!

Слики: Вася Ложкин

Извор: Слободен печат