Писател од сенка

04.08.2010 11:06
Писател од сенка

Зошто да се гледа: Поради интензивната, возбудлива и интригантна приказна која ќе ве држи во неизвесност до самиот крај. Покрај приказната, врвната глума и режијата исто така претставуваат главни одлики на овој политички трилер.

За што се работи: Приказната го следи успешниот британски „писател од сенка“ Гост (кој го глуми Јуан МекГрегор) кој добива работа да ги доврши мемоарите на поранешниот британски премиер Адам Ланг (Пирс Броснан) кој, пак, и понатаму сака да биде активен во светската политика и да ги изложи своите погледи во книгата. Писателот заминува на островот да ја доврши книгата, но еден ден по неговото пристигнување, Ланг е обвинет дека незаконски држел осомничени терористи и ги предал на ЦИА. Во меѓувреме, додека ги препрочитува мемоарите пишувани од страна на својот претходник, Гост почнува да се интересира за околностите под кои неговиот претходник завршил: убиство, самоубиство или несреќен случај? Почнува да истражува и доаѓа до сознанието дека неговиот претходник открил траги кои навестуваат скриена врска меѓу ЦИА и Ланг.

Треба да се обрати внимание на интелигентното сценарио, како и на Адам Ланг кој неодоливо потсетува на поранешниот британски премиер Тони Блер.

Доколку сте пропуштиле некоја сцена задолжително вратете ја снимката назад. Секоја сцена на филмот е битна за разбирање на приказната која се расплетува дури во последните секунди на филмот.

Филмот е во режија на Роман Полански, а во него, покрај Јуан МекГрегор и Пирс Броснан, глумат и Ким Катрал, Оливија Вилијамс и Том Вилкинсон.

Извор: zurnal.info