„Живот за сите“, освен за бебињата?!

11.10.2017 12:26
 „Живот за сите“, освен за бебињата?!

Во нормални држави, кога ќе ви умрат 130 бебиња за неполни десет месеци во главното државно породилиште во земјата, се одлагаат сите други активности и се решава тој проблем ИТНО и БЕЗ ОДЛАГАЊЕ! Само во Македонија може да се случи надлежниот министер (за здравство) да се даде во нова изборна кампања, додека има криза од ваков обем во ресорот, а при тоа да се надева и дека ќе ги добие изборите! И само во Македонија премиерот ветува здравствени ДОНАЦИИ, качен на бина на предизборен митинг – дополнителен популистички митингашки безобразлук е што тоа ќе го направел со парите заработени од продажбата на мајбахот на Грујо!

Па, каков „Живот за сите“ ветува Заев по митинзи, кога ни/му умираат бебиња по државни инкубатори како да се вински мушички?! И кои се тие други приоритети во државата, за надлежното Министерство да не може да набави – без тендер! – толку нови инкубатори (20, 50, 100?) колку што се неопходни. Всушност, зошто веќе ВЧЕРА, итно и без одлагање, не се набавени тие неопходни апаратури?!

Конечно, само во Македонија за тоа НИКОЈ не одговара, а претпоставувам дека барем пет-шест души од здравствените кадри во 11-те изминати години на бившата власт, би требало некој надлежен љубезно да ги покани на распит по овој повод. Не знам зошто, прв на памет ми доаѓа Нино Тодоров.

За лошата состојба со македонското јавно здравство, објективно, нема друг виновник туку ВМРО-ДПМНЕ, според едноставната логика на фактот од еднодецениското суверено владеење со државата. Што сакаа, тоа правеа. Без ограничувања, ни за пари, ни за политики, ни за морал. Ако на Груевски му „прднеше“ или на баба Нада ѝ се сонеше да направи ракетодром на паркингот на Клинички центар, за тоа ќе се најдеа и експерти кои ќе го бранеа проектот и милиони евра и фирми за набавка на ракетните мотори и некој токмак за директор и некој распоп за камен-темелник, а Сител и Канал 5 ќе вршеа директен пренос од сечењето на црвената лента од отворањето на уште еден бесмислен проект на таа влада.

Ееееј, за панорамско тркало одделија 20 милиони евра, а зад себе оставија здравствен распад-систем. Стотици родители секој ден молат за пет или десет илјади евра медицинска донација за децата да им преживеат од нешто, надвор од Македонија.

Туку, јас имам предлог: бидејќи, еве, отворено се сомневам дека и СДСМ со своите коалициони партнери ќе биде кадарен да го среди здравството, не е ли време да побараме сериозна странска помош за тоа? За почеток, да платиме некоја солидна екипа на здравствен „Прибе“, кој за неколку месеци ќе ги сними состојбите и ќе ни ја плесне вистината в лице, таа што ние не сакаме да ја видиме бидејќи во јавното здравство се наоѓаме во состојба на акутен корупциско-политички преплет на црева?

Размислете: уште колку бебиња ќе треба да ни умрат за да дојдете на моево?

Слика: Готфрид Хелвајн

Извор: Цивил

ОкоБоли главаВицФото