Проекција на филмот „Трст, Југославија“ во Кино „Милениум“

12.10.2017 04:00
Проекција на филмот „Трст, Југославија“ во Кино „Милениум“

Во рамките на „Недела на италијанскиот јазик“, што во Македонија ја организира италијанската амбасада од 16 до 19 октомври, премиерно ќе се прикажува документарниот филм „Трст, Југославија“ од италијанскиот режисер Алесио Бозер.

Проекцијата е закажана за 16 октомври (понделник) во 19 часот во киното „Милениум“, а влезот ќе биде бесплатен.

Филмот потсетува на некои дамнешни времиња кога се тргуваше во Трст, кога со воз се одеше по фармерки, кафе, маички, со што ја буди носталгијата кај постарата генерација. Во филмот се појавуваат познати ликови, како Раде Шербеџија, Горан Бреговиќ, Славенка Дракулиќ, Денис Куљиш, Иво Банац… но интересно е што режисерот вели дека единствени кои одбиле да се појават пред камерата се тогашните трговци со фармерки.

Режисерот Алесио Бозер е роден во Трст и зад себе има три документарци, а „Трст, Југославија“ четвртиот е негова прва меѓународна копродукција. Премиерата на филмот се одржа на филмскиот фестивал во Трст во јануари годинава, а потоа се прикажуваше на фестивали во Љубљана, Белград, Изола, Инсбрук, во Црна Гора, во Опатија, Риека, Копер и за време на Самитот за Западен Балкан во Трст минатото лето.