Потеклото на современиот српски популизам

12.10.2017 10:42
Потеклото на современиот српски популизам

Во Србија повторно се одомаќини популизмот. Од 2012 година, кога после 12 години се реинкарнираше на власт, воспоставувајќи се како „доминантен популизам“, марширајќи со полн чекор и освојувајќи сè поголем и поголем простор, досега ги освои речиси сите институции: прво политичките, а потоа и општествените (каптирајќи ги универзитетите одвнатре, културните установи, медиумите) реполитизирајќи ја културата, науката, образованието, па дури и секојдневниот живот, кои штотуку почнаа да се деполитизираат и либерализираат. Настапи нова политичка и општествена реалност заснована на гласот на наводно хомогенизираниот „народ“ и ослободена од идеолошки дискусии.

Веднаш јасно се утврдија сите основни одлики на популизмот како семи-идеологија и политички стил: морализам, директна врска и комуникација на водачите со народот, глорификација на силата, антииндивидуализам и антиинтелектуализам, антирационализам, антиплурализам, антихуманизам, антилиберализам, антиелитизам, со еден збор, антимодернизам. Политичката комуникација е сведена на афектите и чувствата на водачите: навреденост, бес, „зачуденост“, јавно страдање и омраза (популистите секогаш се лутат на нешто и некого, на некого се бесни, некого мразат – при што тој некој е оној дел од народот кој не е „вистински“, односно нивен) додека ги обвинува противниците, дава лажни ветувања, ги поддржува примитивизмот и просечноста, изложува недефинирана политика со обемна антикорупциска реторика.

Затоа не треба нималку да се чудиме зошто популизмот толку лесно и толку нападно се устоличи во 2012 година, па со низа вонредни парламентарни (2014 и 2016) и едни редовни претседателски избори (2017) прво зајакна во 2014, па се потврди во 2016 и се цементираше во 2017 година. Прво, затоа што имаше поволна база во оној латентен амалгам со национализмот, кој сега се наметна и почна да се шири како хидра во сите пори на општеството и државата, а потоа, откако лесно ги освои институциите во првите две години успеа да се наметне во контролираниот и осакатен јавен простор (со воведување цензура, освојување доминантен простор во медиумите, укинување на „непожелните“ емисии, уредници и новинари) кој претходно според владејачката парадигма на популизмот беше деплурализиран. Меѓутоа, причините за актуелниот популизам се повеќекратни и сложени.

Прво, тоа е обновениот популистички национализам од деведесеттите години на минатиот век, кој продолжи да опстојува на маргините на таканаречената петтооктомвриска револуција во вид на маргинален популизам и во 2012 година продолжи таму каде што беше прекинат во 2000 година, создавајќи атмосфера на страв и загрозеност, поддржан од соседите со нивиот реципрочен популизам и национализам.

Втората причина за победата на популизмот е одложената транзиција, односно невештата, половна, недовршена транзиција која трае веќе 27 години заглавена помеѓу изборната и консолидирана демократија, пазарната и контролирана економија. Не само што не го помина прагот помеѓу изборната и консолидираната демократија, туку од лулашката помеѓу консолидираната демократија и авторитарното рушење на доготаш постигнатата изборна демократија (од 2001 до 2012 година) од 2012 година со сесрдна помош на самомаргинализираната опозиција, политичката апатија и апстиненцијата на поширокиот круг гласачи јасно почна да се тркала кон авторитаризмот и личната власт на крилата на популизмот. Сето тоа прави да се растури демократскиот систем и демократските правила на игра.

Трето, тоа е неуспешна демонтажа на наследениот систем на Милошевиќ во постоктомврискиот период. По 2003 година стана очигледно дека не постои подготвеност за демонтажа и радикална промена, што на „патриотските сили“ им овозможи на маргините на општеството во 2012 година да се воспостават како доминантен популизам или популизам на власт.

Четврто, неподготвеноста на коалициите после Милошевиќ во 2003 година да се соочат со минатото и да воспостават адекватна политика на сеќавањето и транзициската правда, идентификувајќи ја одговорноста за злосторствата и отстранувајќи ги доказите за злосторствата Батајница, Перуќац, Петрово село и Рудници, преку нова соодветна политика на сеќавањето како елемент на колективната меморија. Наместо тоа, обновениот националистички популизам врши етноцентрична конструкција на сеќавањето која промовира заборав и колективна амнезија, ги рехабилитира злосторниците од последните војни и колаборационистите на Михајловиќ, Недиќ и Калабиќ од претходното.

Петто, долгата традиција на популизмот во Србија. Како „автоимуна болест на демократијата“ (Брижит Гранвил) во која демократијата создава сили кои се насочуваат против неа, популизмот во Србија е длабоко ископана бразда која постојано латентно или манифестно е присутна од крајот на 19 век. Тој само го менуваше обликот од доминантен пашиќевски, преку маргиналниот љотиќевски национал-фашистички популизам, до повторно доминантниот популизам на Милошевиќ здружен со деструктивниот национализам потхранет со омраза и исклучивост, преку латентниот и маргнинализиран десничарски национал-популизам во постоктомвриска Србија, кој ја искористи својата шанса да се устоличи како повторно доминантен популизам во 2012 година. Сите овие облици српски популизам се здружуваа со национализмот, кој им служеше како основна духовна храна.

Шестата причина на современиот српски популизам се наоѓа во поствоениот ресантиман и реваншизмот на екстремно десничарските групи на чие дивеење демократијата во развој не успеа адекватно да реагира.

Седмата причина е несимултаноста на изградбата на нацијата и државата. Србија ни после 27 години од почетокот на „одложената транзиција“ територијално не се консолидираше како држава, што создава колективна фрустрација. Последица од тоа е „неурамнотежената душевност: егзистенцијален страв за заедницата“ (Иштван Бибо), која претставува плодно тло за популистичка манипулација со чувствата.

Осмата причина е во обновувањето на Косовскиот мит за осветата, како несомнена и неприкосновена „вистина“, која ѝ служи на легитимацијата на националистичките политички проекти и воените цели. Мит кој не е „демонтиран и разминиран“ (Иван Чоловиќ) во постоктомвриското време и сведен во границите на елементите на колективната меморија во рамки на новата политика на сеќавањето, туку остана да доминира во внатрешната и надворешната политика и континуирано продолжи да ја храни териториоцентричната и етноцентрична политика.

Деветтата причина, која српскиот популизам сега веќе го дели со сеевропскиот популизам, претставуваат финансиската и економската криза и „баучот“ на глобализацијата, што на идентитетските стравови им ги додаде стравовите од невработеноста, бедата, сиромаштијата и стравот од непознатото. А, повеќедецениското чувствување страв и загрозеност доведува она што е исклучок во една развиена демократија, тука да стане правило. Затоа и современиот српски популизам може да промовира десничарски политички идеи поткрепени со левичарски пароли и да шири социјална демагогија со која се смируваат и поткупуваат најсиромашните слоеви.

Значи, современиот српски популизам не е само последица на манипулација со масата и нејзиното заведување од страна на вештиот манипулатор Вучиќ, како што често поедноставено се мисли, туку е последица на подлабоки економски, политички и социјални причини и латентни популистички тенденции во последните сто години. Ако се запрашаме зошто толку брзо после само неколку изборни кругови дојде до враќање на старото, одговорот ќе го најдеме во издржливоста на еден менталитетски склоп, светоглед и саморазбирање под закрила на амалгамот на национализмот, ксенофобијата и милитантноста.

Судбината на маргиналниот популизам во сите негови етапи е позната: демократијата го контролира и го турка на маргините на политичкиот живот или се наметнува и станува доминантен. Судбината на доминантниот популизам на Милошевиќ исто така ни е позната. Како ќе се прекине доминантниот популизам на Вучиќ кој опасно се тркала од демократија во автократија, останува да се види.

Слики: Раша Тодосијевиќ, „Бог воли Србе“ („Gott liebt die Serben“)

Извор: https://libek.org.rs

ОкоБоли главаВицФото