Крпологија

12.10.2017 11:46
Крпологија

Баба ни цел живот водеше беспоштедна
и систематска војна против прашината,
калта и против секаква нечистотија.
За таа цел изработи прецизна стратегија
наречена крпологија.
Имено, во секој миг располагаше
со седумнаесет крпи
што ги праќаше во битка против нечистотијата
божем генерал на оклопна дивизија на боева линија.
Не дај боже неовластените лица
да ги злоупотребеа за погрешни цели!
Ако некој толку далеку забегаше
беше веднаш најстрого казнет.
Дури ни во сопствената слугинка немаше целосна доверба
па затоа ја надгледуваше со будно око,
а најмногу сакаше војската крпи
да ја употребува своерачно и своеножно.
Да ги наброиме тие посветени крпи и ткаенини
верно следејќи ги научните изрази од бабината крпологија:

• „онаа грубата“ крпа за скалите пред влезната врата;
• „онаа фината“ крпа за мермерниот под во entrèe;
• „онаа меката“ крпа за полирање на стариот паркет во собите;
• „онаа валканата“ крпа од стари партали, за чистење на бакарната плоча под каминот;
• „онаа големата“ крпа за впивање, за камениот под на терасата;
• „онаа малата“ крпа за впивање, за камениот под во кујната и бањата;
• „онаа старата“, секогаш чиста крпа, за тенџериња и други метални садови;
• „онаа новата“, секогаш чиста крпа, за сервисот од порцелан;
• „онаа осетливата“ крпа за вински чаши;
• „онаа брзата“ крпа за ножеви;
• „онаа свитканата“ крпа за виљушки;
• „онаа педантната“ крпа за лажици;
• „онаа гланц“ крпа за сребрениот прибор за јадење;
• „онаа волшебната“ крпа за огледалата;
• „онаа испегланата“ речиси проѕирна стара крпа за пеглање;
• „онаа машката“ крпа за војнички чизми и
• „онаа шик“ крпа за нејзините сопствени женски салонки со високи пети.

Објаснувањата на баба за велеважните крполошки разлики
беа страшно пиколовски и темелно промислени:
• ножевите се мазни и обично не ги пикаме в уста,
затоа е доволно да ги поминеме со „онаа брзата“ крпа;
• ситните остатоци од храна се заглавуваат меѓу запците на виљушките,
затоа треба грижливо да се прочепкаат со „онаа свитканата“ крпа;
• лажиците што толку ги лижеме незадржливо привлекуваат
најголем број бактерии, затоа бараат сериозни и радикални хигиенски мерки
што може да ги обезбеди само „онаа педантната“ крпа.

А сета таа високоспецијализирана и широкораспространета крпологија,
сите тие седумнаесет фанатички дивизии на војската Антиправ
што секојдневно ги праќаше во нескротлива битка
против светската нечистотија
и кои редовно ги одржуваше и менуваше,
сиот тој градски ред
кој беше смисла и стожер на нејзиниот живот
не можеше да помогне
не можеше да спречи
на нашата баба,
животот на нашата баба,
животот на нашата баба да не се распара,
да не се распадне,
неповратно да не се претвори
во прав и пепел.

Превод: Лидија Димковска

Борис А. Новак (1953), е словенечки поет, преведувач, и есеист. Професор е на одделот за компаративна литература и теорија на книжевноста на Универзитетот во Љубљана. Досега има напишано петнаесетина стихозбирки. Неговите книги се објавени во САД, Франција, Хрватска, Србија, БиХ, Словачка и Македонија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото