Информациско насилство

12.10.2017 12:17
Информациско насилство

Градот Скопје, но и целата земја, а особено фреквентните државни патишта, се запоседнати од метални џинови кои служат како упорни потсетници-стеници: билборди, сити лајт и LCD панели. Ги има на секој ќош, преку секоја фасада и покрај секој важен јавен пункт – за случајно да не заборавите што треба да изберете во животот! Илјадници се, многу се големи, во различни димензии, чинат неверојатно многу пари, а општинските буџети добиваат смешни надомести за нивното одобрување (но кој вели дека општинските функционери остануваат зијан во распределбите?).

Овие безобразно многубројни рамки, во предизборните периоди, стануваат мегаломански политички албуми, па во нивните тешки арматури се сместуваат добро познатите сурати на политичкиот естаблишмент. Да, да, тоа се ликовите кои сабајлечки ве будат со своите студени гласови и шаблонизирани муабети од радијата и телевизорите, кои ве испраќаат по пат на работа (ветувајќи ви живот или уште повеќе работа), ве ѕиркаат низ секое џамче – за да ве поздрават, се разбира – и повторно ве испраќаат дома кон седативните сеанси во нивна режија.

А од каде се парите кај политичарите за ваквите пројави на сеприсутна „грижа и љубезност“ – тие милиони евра за китење на овие џинови што партиите штедро ги раздаваат во предизборните кампањи? Да, сите оние големи партии што си тераат „игра на троновите“ последниве децении – и црвените, и сините, и портокаловите, и шарените – од каде им се парите? Од заедничката касичка: онаа што ја полниме секојпат кога ќе бркнеме во џебот, онаа во која дотураме секој ден кога ќе излеземе да си ги даваме умот и телото некому, некаде. И кога не се од буџетот, повторно се од некој трезор што ние го полниме. Оти ние работиме за нив – од памтивек.

Ете така, да се потсетиме: ем нè силуваат, ем си плаќаме! Е, па нека ни е на здравје.

А, што мислите вие, драги сограѓан(к)и, за ваквата мегаломанија на партиските династии?

Извор: Антропол

ОкоБоли главаВицФото