1016 hPa
87 %
11 °C
Скопје - Пон, 07.10.2024 05:59
Иако менструацијата e биолошки факт со кој повеќето жени се среќаваат во просек еднаш месечно во текот на својата полова зрелост, менструалното крварење во поголемиот дел од патријархалниот свет (плеоназам?) и понатаму е табу тема, една од оние коишто не е пристојно да се споменуваат на глас, освен евентуално зад врата во гинеколошките ординации. Велам евентуално бидејќи пред некој ден пријателка ми раскажа како, во Загреб во 21 век, нејзиниот сопствен гинеколог ја прашал каква ѝ е состојбата „долу“, така што стигматизацијата на женските репродуктивни органи очигледно упорно опстојува и внатре во некои гинеколошки ординации. Меѓутоа, ако се потсетиме на едноставниот биолошки факт дека без менструација нема овулација, а без овулација нема живот, тоа цензурирање се покажува прилично парадоксално, особено во контекст на домашните неоконзервативни движења кои го слават животот, но некако не се склони и кон славење на менструацијата.
Секако, таа табуизација е најјасно евидентирана токму во јазикот каде што употребата на бројни прекари (што е, секако, само еуфемизам за еуфемизми) е непишано правило за реферирање на менструацијата. Така, за менструацијата се претпочита да се молчи, а ако тоа не се може, тогаш за неа се говори во шифри. Како што Барбара веќе пишуваше во својата анализа на поп-културната егзистенција на менструалното крварење и ПМС, „самиот збор менструација (па дури и „период“) многу ретко е присутен во разговорите со пријателките; наместо тоа, се посегнува по, генерално гледано, таинствени фрази на недостаток и отсутност, […] а доколку предметот/именката се појавува обично се јавува во деминутивната форма мензис […] [па] прецизните „научни“ термини менструција и/или период така остануваат резервирани за официјален, институционализиран контекст“. Меѓутоа, кога еднаш ќе се впери малку подетален поглед во наведеното поле, станува извесно дека зад термините кои Барбара ги наведува како најчести (имам добиено, ми дојде, мензис) постои вистинска моќна мала група на заменски фрази низ кои лексиката ја изложува сета своја креативност, од една страна преку сопствениот капацитет за стигматизација, а од друга преку тенденцијата кон иронизирање.
Така дури и површен поглед на најголемите светски јазици открива вистинско шаренило на називи кои се користат за именување на менструалното крварење: од комунист до кравјо лудило, од Црвено Море до тета Фло, од водопадите на Нијагара до Бенфиче, од Црвенкапи до рипки. Секако, се работи само за намален, во никој случај репрезентативен примерок (оние кои сакаат да знаат повеќе ги упатувам да ја посетат веб страницата на виртуелниот Музеј на менструацијата и женското здравје, која и покрај својот ретро изглед и натаму е функционална).
Повторно, еден дел од тој спектар и натаму е во служба на сокривање и засрамување на женското тело, што е најочигледно во католичките земји каде сè уште е силен дискурсот кој менструацијата ја изедначува со болест, но другиот дел од терминологијата сепак се оттргнал од таквата традиција па така кон менструацијата пристапува од нешто поинаков агол, како нужно зло со кое, кога веќе не може да се избегне, може барем добро да се заебава.
Секако, наративот за менструацијата како нужно зло претставува само дел од приказната за менструацијата, а како нему спротивен пол е поставено гледиштето според кое менструацијата треба да се прифати како темелен, неизоставен дел од женскиот идентитет, подарок од Мајка Природа на кој треба да сме горди. Интересно е, меѓутоа, како последново гледиште многу ретко се рефлектира во метафорите кои се користат за опишување на менструалното крварење. Наместо тоа, во наведената терминологија и натаму преовладуваат фигурите кои оперираат далеку од гордоста, а многу поблиску до предрасудите.
Приказната за менструалните метафори е неизоставно поврзана со студиите Болеста како метафора (1978) и Сидата и нејзините метафори (1989) во кои Сузан Сонтаг укажува на тоа во која мера јазичната пракса содејствува во обликување и одржување на стигмите и културните митови исплетени околу болести (во прв ред туберколозата, ракот, и сидата). Фигурите на инвазија, напад, одбрана, со ред позајмени од воената терминологија, според Сонтаг, ја зацврстуваат идејата за болеста како непријател, како нешто против што се бориме (наспроти нешто од што се лечиме), а како продолжување на тој концепт се јавува идејата според која заболената личност е самата виновна за сопствената состојба исто како и за потенцијалниот неуспех во борба со болеста. Иако менструацијата не е болест, иако дијапазонот на користени метафори во случајот на менструацијата е значајно поширок, некои од нејзините тези неминовно можат да се применат и на ова поле, особено оние кои се однесуваат на стигматизацискиот ефект на метафората.
Меѓутоа, додека Сонтаг се држи до идејата дека најискрениот начин на комуницирање за болестите е во потполност лишен од метафори, верувам дека одредени поими на кои наидов во својата анализа ќе покажат како метафоричните пракси, барем во случајот на менструацијата, не мораат нужно да имаат пејоративни конотации туку можат да имаат и еманципаторски потенцијал. Во продолжение приложувам краток преглед на менструалните метафори присутни на нашето говорно подрачје, поделени во неколку категории кои даваат прилично добар увид во начините на кои нашата култура, односно, ние самите, се однесува(ме) кон нашите менструации.
менструална апстракција
(Имам) добиено, добив, ми дојде, имам (кај себе), (имам) нешта, оние денови (во месецот)
Категорија во која се обединети сите оние фрази кои како деца нѐ збунувале, а кои како возрасни нѐ лутат. Цела низа девојки признале дека пред сопствената менарха (официјалното име за првата менструација) прашале што точно нивната пријателка/мајка/сосетка добила, што има во себе, какво е тоа нешто, кои се деновите... Барбара во споменатиот текст со право обвинува поединечни припадници на оваа категорија за најголем придонес кон мистифицирање на менструалното искуство и обид за негово целосно бришење од јавниот дискурс. Додека првите неколку (добив, имам, имам кај себе, ми дојде), како и сите бесподметни реченици ги карактеризира одредена доза поетичност (како што е случај со речениците: врне или се разденува), најмалку два од наведените термини (имам кај себе, добив) укажуваат и на блискост на менструацијата со опојни средства (официјално име за дрога).
Упатство за употреба: Со едноставно додавање на предмет на крајот од реченицата (добив менструација) или чисто прецизирање (оние денови во месецот кога имам менструација) овие фрази магично се претвораат во сосем обични реченици, лишени од каква било мистификација.
менструацијата како болест
болна сум, не ми е добро, ме боли стомакот
Метафори од најтешка категорија, и натаму болно актуелни во земјите со силна католичка традиција како Шпанија, Португалија, Италија и Хрватска. Да го парафразираме оној виц кој обично се користи како контрааргумент на оние кои тврдат дека хомосексуалноста е болест: Ако менструацијата е болест можам ли тогаш секој месец недела дена на боледување? Точниот одговор е: ако е услов за боледување прифаќање на менструацијата како болест, би претпочитала да дојдам на работа.
Упатство за употреба: Се препорачува да се заобиколува во широк лак.
менструална митологија
(бал на) вампир(и), вештерка, проклетство
Продолжение на претходната категорија, своите корени ги има во традиционалната мудрост која ја пропагира идејата за менструацијата како врвно страшило кое, баш како и Циганите или мракот, јаде мали деца.
Упатство за употреба: Сериозно?
изведенки, пароними
менга, мензис, мензес, меца, Менгеле, менингитис
Првите четири термини функционираат како прилично неуспешни (судејќи по зазорот што го предизвикуваат кај корисниците) деминутиви на официјалниот израз, а последните два како доста креативни формулации кои на менструацијата ѝ придаваат, во првиот случај (Менгеле), многу морбидна конотација и дефинитивно стојат рамо до рамо со парадигмата која на менструацијата гледа како на врвно зло, а во другиот случај (менингитис) претставува само осовременета верзија на традициите обработени во претходните категории, според кои менструацијата е болест.
Упатство за употреба: Да се користи на сопствена одговорност.
Женска (не)солидарност
(ми дојде) друшката, глупачката, кучката
Едноставно: менструацијата како би-еф-еф (најдобрата другарка) покажува блискост со сопственото крварење, но истовремено (глупачка, кучка) потсеќа на тоа дека најблиските најчесто нѐ нервираат. Амбивалетноста на последните два називи освен тоа посочува и дека менструацијата понекогаш е сѐ спротивно од би-еф-еф-овите. Но, со оглед на тоа дека изразот му припаѓа на средношколскиот сленг, можеме да претпоставиме дека во таа омраза има и доста љубомора и затаена желба за блискост. Можеме само да тагуваме што персонифицирањето на менструацијата не заживеало во поголема мера како поетска фигура.
Упатство за употреба: Пет картички на тема Me, myself and my menstruation.
тетки
(ми дојде) тетката од Русија, тетката од Крвавец, тетката од Црвенка, тетката од Америка
Поткатегорија на претходните, еднакво често во функција на збунување на младината поради високата фрекфенција на посети од страна на тетките од толку далечни краишта. И покрај тоа што во други јазици е горе-долу возможно да се пронајде и понекој друг роднински член (на пр. баба), популарноста на тетката во нашите јазици е сѐ уште ненадмината. Додека се врските со Русија (via комунизмот), Крвавец и Црвенка (via крв) многу директни, појавата на американската тетка и понатаму е завиткана со превез на тајни. Повикувањето на роднините, слично како и кај пцостите, го посведочува силниот емотивен дел од менструалното крварање, а фигурата на тетката, како носителка на семејната мудрост, служи за физичка и психичка еманципација повеќе од потребна за време на тие тешки денови.
Упатство за употреба: Сетете се дека и тетките понекогаш се вистински кучки.
ја викаме црвена
црвен картон, црвена среда, Црвенкапа, Црвено Море
Оваа категорија се фокусира на црвената боја како метонимија на крвта и опфаќа разни општествени и културни артефакти кои се, еднакво како и менструацијата, обоени со црвена боја, без многу грижа за останатите нивни особини. Сепак, секој од нив носи наполно специфични конотации. Црвениот картон така ја навестува идејата за менструација како казна (види: „економска логика“), Црвенкапа укажува на нејзината поврзаност со детската невиност, а Црвеното море алудира на крварење од библиски размери и/или на епохалното значење на менструалното крварење за секој напатен народ (иако најчесто се појавува во една наводно смешна изрека: Jebeš pomorca koji nije plovio Crvenim morem).
Упатство за употреба: А каде се булките, а каде ружите? А каде е Ѕвездата?
bandiera rossa
Црвени Кмери, Црвена армија, Црвени бригади, Црвени мундири
Категорија помеѓу претходните и наредните категории на разни историско-политички формации на чии имиња им претходи епитетот црвено, повторно без да се обрне внимание на спецификите и контекстот на нивните делувања, и совршено оди со тезата на Сузан Сонтаг зашто ја загатнува идејата за менструацијата како завојувач од кого треба да се одбраниш и впрочем претставува донекаде завиткана верзија од менструацијата како болест. Интересно е дека на нашите простори, за разлика од другите земји, комунистите не се споменуваат изрично, туку само покрај наведените комунистички движења и организации.
Упатство за употреба: Ако е менструацијата дел од Црвените мундири, тогаш јас сум Блек Стена.
крвта не е вода
(почна) Мохачка битка, Косовска битка, Хирошима, масакр, кланица, колеж на свињи
Веројатно „најкреативна“ категорија (покрај оние под разно) која акцентира крв, крварење, насилство и уништување како централен аспект од менструацијата. Останува непознато зошто, покрај мноштвото локални примери, како метафори што влегле во оптек се издвоени баш Косовска и Мохачка битка, како и Хирошима. Надмоќна во однос на претходната категорија, исто така ја подразбира замислата на менструалното тело како арена за боиште, односно менструацијата како непријател кој треба да биде освоен. Колежот, пак, на женското тело се поистоветува со животинското, поточно: свинското.
Упатство за употреба: Имајќи на ум како спроти нас на бојното поле ја имаме физиолошката неминовност, можеби е подобро веднаш да се признае поразот, или уште подобро, потполно да се заобиколи овој тип на концептуализација.
Кечап
Кечап, pizza со кечап, кечап за вампири
Уште една категорија, врзана за менструалната крв, се темели на асоцијативната врска меѓу нејзе и пикантниот слатко-кисел сос од домати кој насекаде по светот се користи како додаток при консумација на храна (најчесто во различни fast food комбинации). Досетливоста на овие метафори е напросто зачудувачка, така што заслужила сопствена категорија, а хомонимијата помеѓу пица како артикл за исхрана и пи(чи)ца како „прекар“ за женскиот полов орган е притоа особено иритирачка.
Упатство за употреба: Без прилог, молам.
мојата мала капка
течам, протеков, лее од мене, лигла, поплава, водопадите на Нијагара, поточина
Со фокусирање на флуидниот аспект од менструалното крварење овие поими се прилично вредносно неутрални, иако не се пригодни за користење во сите денови од месецот. Иако се наизглед апстрактни, прилично јасно укажуваат за што станува збор со тоа што претставуваат добредојдено ирониско отстапување во однос на претходно обработените примери.
Упатство за употреба: Зависно од количината.
киборг менструација
менување на маслото, технички пречки, месечен ремонт, ми тече карбураторот
Оваа категорија опфаќа синтагми кои произлегле од строго механички поглед на човечкото тело од чија перспектива телото е чист строј или машина. Во обид да се заобиколат моралните, економските и емотивните конотации кои имавме прилика досега да ги видиме на дело, повикувањето на инженерската терминологија сепак дава целосно одреден, дистанциран, ладен поглед на менструалните процеси настојувајќи да ги лиши од нивната биолошка реалност. Но, поважно од тоа, сите наведени фрази содржат некаков вид „хаварија на машината“ што, повторно ја најавува идејата за менструацијата како дефект, како нешто што кое треба да се поправи, наместо да ја потврдуваат нејзината биолошка неминовност.
Упатство за употреба: Not.
неговиот поглед
пауза, денеска ништо
Освен што го изместуваат погледот во хетеро универзумот и машкото гледиште, овие фрази ја зачувуваат логиката според која за време на менструацијата не смее да се има полов однос зашто по тоа ќе следи долга, болна и бавна смрт (види: „менструална митологија“).
Упатство за употреба. Double not.
календарска логика
период, хит на месецот
Очекувана, предвидлива и ergo досадна категорија која, како и службениот период, пред сѐ се повикува на временската компонента на менструалниот циклус кој во просек се повторува на секои 28 дена, а подеднакво може да се продолжи на 45, односно да се скрати на 21 ден. Иако е на прв поглед лесно да се заклучи како е период заемка од англискиот, всушност станува збор за архаизам, најпопуларно експлоатиран во еден стих од современата еротска ергенска поезија: Moja mala ima periodu, cijelom selu zamutila vodu, каде менструацијата е виновна за загадувањето на природната средина. (Интересно е да се запази дека менструацијата се спомнува во уште еден стих кој исто така зрачи со шовинизам: Karo sam je, rasklimao štengu, sada sa njom budno čekam mengu. За подлабок увид во изобилието на ергенската еротоманија кликнете овде.) Хит на месецот, пак, алудирајќи на музичките топ листи и поп културата, во друштво на ергенскиот период претставува вистински comic relief, а воедно е и мој посебен фаворит поради силниот самоироничен составен дел.
Упатство за употреба: А вие што мислите?
економска логика
месечна рата, му плаќам рата на Бога
И покрај тоа што се наоѓа во близина на претходната категорија, сепак станува збор за засебен ентитет. Двата изрази од оваа категорија ја подразбираат идејата за менструација како отплата на долг, при што месечната рата алудира на отплата на кредит и така ја претставува современата, модернизирана верзија на религиската фраза му плаќам рата на Бога која именува конкретна инстанца на која долгот треба да ѝ се врати. Се разбира, во обете околности менструацијата е претставена како должност, како биолошка компонента од источниот грев кој ќе биде отплаќан на најбрутален можен начин, онака како што го наплаќа мафијата – во крв.
Упатство за употреба: Веќе доволно пари сте дале за влошки, тампони, менструални чашки, контрацепција, апчиња против болки, чаеви против болки и останати препарати против болки.
Личен фаворит
Крварам
Упатство за употреба: Да ги именуваме нештата со вистинското име.
bonus track
Bloody Mary
Упатство за употреба: 4 dl. Вотка, 9 dl. сок од домати, 1, 5 dl. сок од лимон, неколку капки Табаско и Ворчестер сос, малку сол, малку бибер, рен, страк целер и резанка лимон (за украс).
Имајќи предвид дека за глобална анализа ми недостасуваат временски капацитет и јазична компетенција, своето истражување на менструалните метафори го задржав во домашни рамки. Како урнек притоа ги одбрав сопствените искуства и два форумски thread-а каде има дискусии на наведената тема: forum.hr и roda.hr, со напомена дека последните entry-и на првиот се напишани во 2005 година, а на вториот во 2013 година, така што во меѓувреме е можно да дошло и до појава на некои нови термини. Секако, за целосна анализа би било потребно не само да се прошири анализираниот примерок туку и да се внесат некои додатни одредници (на пр. географски или класни одредници, возраст на анкетираните итн.).