Локални избори: Ќе го решат ли рудниците победникот на југоистокот

12.10.2017 23:40
Локални избори: Ќе го решат ли рудниците победникот на југоистокот

Екологијата и здравјето на граѓаните конечно се најдоа во агендите на политичките партии кои ги одмеруваат своите сили во пресрет на локалните избори во Македонија. Овие избори ќе бидат запаметени по тоа што за првпат гласот на незадоволство на граѓаните, поврзано со најавите за изградба на повеќе рудници во јужниот и југоисточниот дел на Македонија, им ги наметна овие теми на политичарите кои се борат за освојување на власта во македонските општини. Тие дефинитивно влегоа во фокусот како една од приоритетните сфери на интерес, кои не можат повеќе да се игнорираат.

Еколошкиот активизам решавачки на изборите?

Откако на референдумите пролетва и летото во Гевгелија, Богданци, Дојран (успешни) и во Валандово, Ново Село и Босилово (неуспешни, но со голем број гласови против) граѓаните покажаа силно изразена волја во нивното опкружување да не се градат рудници кои имаат потенцијал да ја загадуваат животната средина и да го загрозат здравјето, темата неминовно се најде на работната маса на новата влада на Социјалдемократскиот сојуз, кој и претходно беше на страната на еколошките активисти и нивната борба со „рудниците на смртта“, како што беа нарекувани, но и кај ВМРО-ДПМНЕ, која стои зад давањето концесии за истражување и експлоатација на рудното богатство во Македонија на 20 локации. Со тоа успешно беше свртено вниманието на јавноста во Македонија кон она што беше, всушност, планот на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ – преку изградба на голем број рудници на злато, сребро, бакар, антимон низ државата да го поттикне вработувањето и развојот, игнорирајќи ги притоа потенцијалите за загадување и уништување на животната средина во руралните краишта каде што се наоѓаат локациите на идните рудници.

Разбудената еколошка свест резултираше и со зголемена граѓанска активност, па така во целиот југоисточен регион се оформи мрежа на граѓански здруженија, и формални и неформални, кои се со еколошки предзнак и чијшто фокус на дејствување беа активности насочени кон запирањето на проектите за истражување и експлоатација на рудните депозити во земјината утроба во тој дел од државата и отворањето на рудниците. Затоа, токму темата екологија и изградба на рудниците ќе биде онаа врз која ќе се прекршат изборните резултати, барем што се однесува до општините во тој регион, сметаат познавачите на состојбите во овој претежно земјоделски крај. Според многумина со кои разговаравме, кога ќе се погледне масовно изразената волја на сите кои излегоа на референдумите, но и расположението меѓу граѓаните дури и во оние средини каде референдуми не се одржаа или пропаднаа поради притисоците од локалната и централна власт на ВМРО-ДПМНЕ преку притисоци, може да се очекува поддршка за политичката опција која ќе ги брани нивните интереси. Сметајте ги тука слободно и гласовите на досега неопределените гласачи, кои сосема извесно се против рудниците, велат упатените.

Заев рече „не“ за „рудниците на смртта“

Политичките партии, секако, уште подобро ги знаат овие калкулации и ги вметнале во своите проекции на изборниот исход. Затоа не би требало да изненади тоа што премиерот Зоран Заев најдецидно ги поддржа граѓаните од југоисточниот регион на Македонија. Тој, обраќајќи им се на валандовчани на предизборен митинг во овој град, познат по производство на калинки и ран зеленчук, рече дека Владата предводена од неговата партија ќе ја запре изградбата на рудникот Казандол. Заев, кому претходно еколошките активисти од југоисточна Македонија директно му се обратија преку транспарентот што го држеа во рака на митингот на коалицијата предводена од СДСМ што се одржа во Богданци, на кој пишуваше: „Премиере, што со рудниците на смртта?“ им одговори веќе на наредниот митинг:

Ние ќе водиме мудри постапки, да не нанесеме милионски штети на државата, но едно да знаете – рудниците ќе застанат. Добро е да се подготви целиот менаџмент дека ќе престане изградбата на рудниците, затоа што тие носат лошо здравје, слаби перспективи и уништување на иднината на сегашните и на идните генерации, порача Заев.

На средба со граѓаните во Валандово тој најави дека ќе ги запре концесиите за експлоатација и геолошки истражувања кои ги издаде претходната власт. Заев, исто така, потсети дека рудниците не се иднината на луѓето од тој крај или како што тој го нарече „бисер на земјоделието на Република Македонија“.

Дека претходната власт, а сегашна опозиција – ВМРО-ДПМНЕ, сериозно работела на проектот Македонија да ја претвори во рударска држава, се разбира со неопходната асистенција на локалната власт, покажуваат вулгарната партизација до ниво на исклучивост, потоа корупцијата, политичката и стратегиска кусогледост, вулгаризирањето и апсолутизирањето на поимите „развој и инвестиции“, без притоа да се има кумулативен увид во опасностите, преку корпоративната бескрупулозност на концесионерите, па сè до опструкции на референдумите од страна на извесни партиски структури.

Според пишувањата на повеќе медиуми, екс-вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, во само еден ден, веднаш по изборите во 2013 година, потпишал дури 86 концесии за истражување и експлоатација на рудни богатства низ државата, разоткривајќи ја стратегијата на неговата партија рударството да стане една од водечките индустриски гранки во државата, нудејќи нови вработувања.

За Вмро-Дпмне рудниците и натаму економски приоритет

На предвремените парламентарни избори во 2014 година, ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма го истакнуваше рударството како развојна компонента. Во нови рудници во Македонија ќе се отворат 350 работни места, предвидуваше ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма. Работата на овие рудници, тврдеа од ВМРО-ДПМНЕ, ќе овозможи стабилен развој и нови вработувања во повеќе краишта во државата.

Оваа програма во делот на економијата содржи сеопфатни проекти кои се одговор на потребите на граѓаните. И ние стоиме зад овие проекти. Има разлика и ние сме убедени дека граѓаните ја препознаваат, изјавуваше тогаш Христијан Делев од ВМРО ДПМНЕ.

На прашањето каков е сега пред локалниве избори официјалниот став на партијата за рудниците во југоисточниот регион, со оглед дека во дел од општините кандидатите за градоначалници ги поддржаа граѓаните во нивните барања да нема рудници, портпаролот Иво Котевски потсети дека:

ВМРО-ДПМНЕ уште пред референдумите излезе со принципиелен став дека е против загрозувањето на здравјето на граѓаните, но не е априори против изградбата на рудниците, бидејќи смета дека тие ќе придонесат за економскиот развој и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, секако притоа запазувајќи ги строго сите принципи на заштита на животната средина, упатувајќи нè на партиското соопштение, кое беше издадено непосредно пред одржувањето на првиот референдум против рудниците, во Гевгелија.

Зошто граѓанскиот активизам се активираше речиси во предвечерието на локалните избори, а не со години наназад, кога беа доделени концесиите за рудниците и кога почна да се работи на терен, па во рудникот Казандол, од кого сега стравуваат неколку југоисточни македонски општини како Валандово, Богданци, Струмица, Дојран, подготовките за изградба се во завршна фаза?

Сите подготовки за изградба на рудникот Казандол беа обвиени со вел на тајност. Имаше само една јавна расправа за која известувањето беше објавено во дневниот весник на албански јазик „Коха“ од Скопје (кој сега не излегува) и на таа јавна расправа учествуваа, всушност, оние кои на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ не им се спротиставија за изградбата на рудниците, појаснува еден од истакнатите активисти од Богданци, Јован Џалев.

Тој додава дека, всушност, сите тие се информираа тогаш кога се раздвижи Гевгелија, односно кога Ангел Наков, лидерот на гевгелискиот еко-активизам, излезе во јавноста со алармантни предупредувања за тоа што се подготвува во околината на овој јужен македонски град на падините на планината Кожуф.

Нема неинформирани, здравјето е најважно

Откако гевгеличанецот Ангел Наков отворено прозборе за опасноста која ја носи изградбата на рудниците и нивното влијание на здравјето на луѓето и на чистата животна средина, тоа го вклучи алармот кај сите жители, вели Џалев.

Ви тврдам дека нема ниту едно населено место во југоисточниот регион, дури ниту најмало село, каде луѓето веќе не се доволно информирани за опасноста од „рудниците на смртта“ како што ние ги нарекуваме, вели Ангел Наков.

Според Наков, оваа тема ќе има влијание на исходот на изборите секаде каде што граѓаните се засегнати од изградбата на рудниците. Во Гевгелија ситуацијата е специфична, бидејќи тука уште пред референдумот сите партии застапени во Советот на Општината отворено застанаа против изградба на рудникот на Кожуф и агитираа кај граѓаните во полза на референдумот.

Не верувам дека некој нормален би дал таква концесија. Кога ние ќе имаме јасен став и мислење по ова прашање, кога некој условно би побарал концесија за експлоатација во старт мислењето на општината ќе биде негативно. Ние имаме компаративни предности за многу повеќе вработувања со што се отвораат перспективите на општина Гевгелија. И за 30 години концесија за некој рудник да плаќа надоместоци, за потоа илјада години Гевгелија да биде иселена и завиена во црно, не ни треба, изјави пред референдумот во Гевгелија гевгелискиот градоначалник Иван Франгов, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Активистите од Валандово побараа потписи од сите кандидати на декларација со која ќе се обврзат дека никогаш нема да поддржат изградба на рудници во нивната општина. Сите, освен кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, ја потпишаа. Слични декларации ќе им бидат понудени на кандидатите и во другите општини кои се засегнати од идните рудници, иако за Гевгелија ситуацијата е јасна, а во Богданци кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ отворено застана против изградба на рудниците. Почитување на волјата на граѓаните искажана преку референдумот за изградба на рудници на територијата на Општина Богданци, беше една од заложбите кои јавно ги искажа Никола Роглев, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Богданци.

Активистот Џалев вели дека има студија за влијанието на рудниците врз животната средина изготвени од Министерството за животна средина во која е наведено дека тие можат да имаат штетно влијание на здравјето.

Исто така, во неа стои и дека жителите на Валандово и на другите населени места од овој регион ќе треба да се подложуват на редовни контроли на здравјето, на секои 3-6 месеци, а посебно децата и бремените жени. Па, кажете ми вие мене – зошто е потребно некој да се снима и контролира толку често ако рудниците не се штетни по нашето здравје? Во истражувањето се препорачува и дека во случај на покажано штетно влијание, населението ќе треба да се исели. Зошто, ако е се во ред со технологијата што ќе се користи во овие рудници, прашува Џалев.

Новинарот и активист Крум Велков од Струмица смета дека:

Случајот „рудници“ ја разголи грубата партизација до ниво на исклучивост, преку корупцијата, политичка и стратегиска кусогледост, вулгаризирање и апсолутизирање на поимите „развој и инвестиции“, без да се има кумулативен увид во опасностите, корпоративната бескрупулозност на концесионерите, па сè до криминогена опструкција на референдумите од страна на извесни партиски структури.

Граѓаните се разбудија и активно ги следат политиките и ветувањата од изборната понуда. Изборот што ќе го направат најдобро ќе покаже дали се подготвени во иднина да бидат само пасивни набљудувачи на промените со кои се животно засегнати и тие и нивните поколенија, или активно ќе се вклучат во обликувањето на политичките одлуки.

ИЗВОРИ:
• Нова ТВ, 1.10.2017: Заев вети дека ќе ја запре изградбата на рудникот Казандол (Пристапено на 4.10.2017)
• 24 Вести, 30.09.2017: Граѓански активизам против отворање на рудниците (Пристапено на 4.10.2017)
• Телма, 30.09.2017: Притисок на НВО-та од источна Македонија врз кандидатите за градоначалници (Пристапено на 4.10.2017)
• ТВ НОВА, 30.09.2017: Роглев: Богданци ќе биде општина со отворени врати за граѓаните (Пристапено на 4.10.2017)
• Република, 8.04.2014: Христијан Делев: Со нови рудници во Македонија ќе се отворат 350 работни места (Пристапено на 4.10.2017)
• Фокус, 24.04.2017: Како Пешевски во само еден ден раздал територија од над 500 километри квадратни на странски фирми? (Пристапено на 4.10.2017)
• ВОА, 21.08.2017: Валандово: Прв неуспешен референдум против изградбата на рудници во земјоделските региони(Пристапено на 4.10.2017)

___________________________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: http://vistinomer.mk/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото