„Ќе дојде ден кога сите ќе ве поредиме како аптекарски шишиња!“

13.10.2017 14:35
„Ќе дојде ден кога сите ќе ве поредиме како аптекарски шишиња!“

Трио фантастикус

Полека, но сигурно, се чини дека претседателот на Врховниот суд на Македонија, Неговото Правно Првосвештенство Јово Вангеловски, се претвора во главниот заштитник на крупниот криминал во државата. Како што некои колеги вчера потсетија, тој играше клучна улога во долгото бегство на Сеад Кочан од правдата; потоа имаше истакнат придонес за исчезнувањето на двајцата главни обвинети за прислушувањето (и за низа други работи), по кои сè уште се трага, Грујевски и Бошковски; а сега, во соработка со верниот асистент, претседателот на Судскиот совет Зоран Караџоски – кому функцијата, со онаа внимателно подсуредена брадичка, му стои како што им стоеја по еден број поголемите костуми од следната социјалистичка модна сезона на оние манекенски кукли во излозите на некогашната скопска Стоковна куќа! – тргнаа во Гевгелискиот суд да го спасуваат поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, од неговото зла кривично-правна судбина со димензии на сосема изгледни прошетки во Идризово на подолг период.

И така го добивме ова Трио фантастикус – Панчевски, Вангеловски, Караџовски, како излезени од некоја стрип-продукција на Марвел – кои ќе ја спасуваат дистопијата на Фамилијата од неизбежната пропаст. Над нив е надвисната долгата сенка на Великиот Архитект на македонската правна пропаст, кандидатот за советник во Град Скопје Михајло Маневски, кој во Салонот на баба Нада го има статусот на Кардиналот Ришеље, главниот демиург и врховен експерт за кадровски и кривично-правни смутови од секаков вид. Па, само таков лик како Маневски може да пронајде некого како Томе Аџиев или оној од Советот на јавни обвинители (Аневски ли се викаше, стално го заборавам?) за спроведување на прочуените идеолошко-криминални операции на Фамилијата…

13.10.17.

 

До каде е истрагата за палењето на моето возило на 4 мај 2015 година?

Би сакал да го прашам надлежниот државен обвинител и надлежните истражни и други органи за прогон до каде се со истрагата за палењето на возило на 4 мај 2015 година, во 40 минути по полноќ, на паркингот на мојот приватен имот во с. Бардовци? Под возилото, откако злосторникот (а веројатно се работи за повеќе од еден извршител) ја прерипнал оградата висока речиси два метри, беше поставена некој вид на експлозивна направа којашто, по активирањето, со силен пожар во потполност го уништи возилото, покривната конструкција на паркингот и дел од оградата. Само благодарејќи на брзата интервенција на соседите (разбудени среде ноќ од силината на експлозијата) и на противпожарната бригада, не беше зафатена и мојата, а веројатно и куќата на соседите. За среќа, поминавме само со материјална штета во висина од околу 30 илјади евра.

Јас таа ноќ, пристигнат на имотот откако пожарот веќе беше изгаснат, ја дочекав и дежурната екипа на МВР и екипата од криминалистичката полиција и екипата форензичари кои до раните утрински часови правеа увид на местото на злосторот. Утврдено е дека се работи за подметнување на пожарот.

Од таа ноќ, до денес, две и пол години потоа, не сум повикан ниту еднаш од органите кои ја водат истрагата да дадам изјава или да ме информираат за што било во врска со истрагата. Не знам ни дали, воопшто, има истрага.

12.10.17.

„Живот за сите“, освен за бебињата?!

Во нормални држави, кога ќе ви умрат 130 бебиња за неполни десет месеци во главното државно породилиште во земјата, се одлагаат сите други активности и се решава тој проблем ИТНО и БЕЗ ОДЛАГАЊЕ! Само во Македонија може да се случи надлежниот министер (за здравство) да се даде во нова изборна кампања, додека има криза од ваков обем во ресорот, а при тоа да се надева и дека ќе ги добие изборите! И само во Македонија премиерот ветува здравствени ДОНАЦИИ, качен на бина на предизборен митинг – дополнителен популистички митингашки безобразлук е што тоа ќе го направел со парите заработени од продажбата на мајбахот на Грујо!

Па, каков „Живот за сите“ ветува Заев по митинзи, кога ни/му умираат бебиња по државни инкубатори како да се вински мушички?! И кои се тие други приоритети во државата, за надлежното Министерство да не може да набави – без тендер! – толку нови инкубатори (20, 50, 100?) колку што се неопходни. Всушност, зошто веќе ВЧЕРА, итно и без одлагање, не се набавени тие неопходни апаратури?!

11.10.17.

 

„Ќе дојде ден кога сите ќе ве поредиме како аптекарски шишиња!“

Ќе се вратам на Панчевски, бидејќи меѓу него, Зврлевски и Маневски има разлика: нему, на судијата во правната држава, му е дадена огромната привилегија и целата законска моќ да ги поништи или корегира злобните и криминални дубари кои можат да ги смислат и да се трудат да ги остварат еден обвинител (Зврлевски) или министер (Маневски). Ако претпоставиме, колку за потребите на оваа аргументација, дека сите тројца спомнати, секој на свој начин и во својот домен, на пример, се професионални и морални ѓубриња, Панчевски сепак смрди најмногу, бидејќи неговата одговорност во синџирот политика-обвинителство-судство е неспорно најголема!

Оној несреќен неранимајко, Љубе Бошковски, ќе да беше во право кога, визионерски, на едно од наместените судења со кои го натовари Фамилијата, ѝ се сврте на судијката и пророчки ѝ порача: „Ќе дојде ден кога сите ќе ве поредиме како аптекарски шишиња…!“

Денот наближува, господа и госпоѓи судии. Ќе се крева мракот од правдата за којшто, со многу години задоцнување, пелтечи Владимир Панчевски.

10.10.17.

Вонредни претседателски избори?

Панчевски сериозно ќе заглави. Да претпоставиме и дека еден од случаите за кои ќе биде и формално обвинет ќе се однесува на оддавањето на службени тајни до претседателот Ѓорге Иванов (и до други?) во процесот на неговата злоупотреба на функцијата кога тој, Иванов, делеше, па повлекуваше, аболиции. Како што е познато, од таквите постапки на претседателот не беа последиците само политички – директна дестабилизација на земјата, каква што беше неговата улога во настаните во „Диво насеље“ и веројатната намера да воведе вонредна состојба во земјата во „Ноќта на долгите ножеви“ на 27 април – туку во еден случај, оној со Коста Крпач, таквите постапки е можно супстанцијално да влијаеле врз трагичниот крај на Крпач, за чија смрт јавноста сѐ уште очекува издржана квалификација за тоа дали се работи за убиство или за самоубиство на човекот.

Мислам дека, дојде ли до сериозни кривични обвиненија, и самиот Панчевски во еден момент ќе ги послуша советите на своите адвокати, па со свои зборови, убаво и во детали, ќе објасни како е изведувана таа нелегална комуникација со Иванов. Ако е изведувана. А изведувана е. Најверојатно. Скоро сигурно.

Што правиме тогаш со Иванов? Ќе се чека да заврши последната пивтијада и пастрмајлијада сезонава, па да му се стегне импичмент, или ќе се чека да заврши „драмата“ со нашиот прием во НАТО, па да се види неговото „обнашање“, па да му се стегне импичмент? Или не?

09.10.17.


Слики: Pawel KUCZYNSKI
Извор: http://civilmedia.mk