Многу бели влакна

13.10.2017 23:58
Многу бели влакна

Го читам Фејсбук статусот на младата Нела Витошевиќ и, неоправдано, си мислам: ова младиве мислат дека светот само нив ги чека! А всушност така треба, заборавам(е) дека и „ние“ – кој како сака нека се препознава – некогаш бевме на нивна возраст и мислевме (некако) исто, или слично, ама ги немавме современиве „алатки“ да го искажеме личното незадоволство, па и гнев, од состојбите во општеството. Минатото, и неодамнешното. А впрочем: и што ако кажевме? Демек некој ќе се потресеше заради нашето незадоволство, заради нашиот револт и особено заради фактот што општеството го заболе за нашето мислење?

Татко ми ми велеше: ти си го завршил своето – демек со факултетот, и тоа – а сега државата мисли на тебе! Како да не, мислеше едно чудо години (во тоа далечно време) и не смисли ништо. Ама таа болка не беше само во некогашните осумдесетти години. Продолжи во континуитет, а зенитот го достигнуваше секогаш кога „најпатриотската“ партија беше на власт. Особено во последниве десет години. И не беше важно дали си млад или стар, важно беше дали си нивен или – не. Е, девојкава се погодила да не е нивна. И оној, кого странските критичари го викаат „инфантилниот“, наспроти се’, не ја вработил! Како да тоа беше некое чудо. Па тие вработуваа само инфантилни медиокритети според своја слика, и оние со книшка, а вториве, главно, беа токму првите односно инфантилните медиокритети! И што е тука ново и што е тука непознато? Ама девојкава памети како се разбудила со „три бели влакна на главата, со огромни подочњаци и со чувство на празнина во желудникот“. Ја разбирам, целосно. Ама ќе почнеме ли сите да си ги опишуваме болките што ги преживувавме во изминативе десет години? Па ги има повеќе од само „три бели влакна на главата, со огромни подочњаци и со чувство на празнина во желудникот“! Дури, нејзиното е – премија. Ако ме прашате мене, на пример. А за други муабет да не правиме. Многумина завршија на улица, некои во затвор, со уништени семејства … Не дека јас имам нешто против „описите“ на девојката. Напротив. Можеби е време сите да почнеме да ги искажуваме нашите искуства со криминалната банда, наспроти настојчивите манипулатори од типот на рифеншталкине кои сега сакаат да се претстават како некакви „жртви“ на сегашноста. Тие немаат вакви искуства. Напротив, кај нив само растеа банковните сметки. Немаше бели влакна, подочњаци и мачнини.

Добро, народот вели: кој како ќе си ја нареди! Некои ја редат, некои не. Јас, на пример, едно време завршив да делам „канцеларија“ со некогашната хигиеничарка, што пак, од друга страна, апсолутно не ми пречеше. А тоа као требаше да биде „воспитна мерка“, или одмазничка, не знам. Знам само дека чувството кај мене беше многу подобро отколку да делев простор со некој од полуписмените тамошни (и сегашни) „куратори“! Ама, тоа беа македонските институции, тоа беше македонската држава, системот, толку им беше не само знаењето туку и можностите, компетенциите, умот. Ќорав слеп води! Затоа и сме на ова дереџе!

Како и да е, ја разбирам девојката. Чувството е повеќе од непријатно. Затоа и толку често пишувам за оние безочнине криминалци кои настојчиво, повторно, се бутаат во првите културни редови само за да не загубат нешто од континуираниот годишен приход. Тие не размислуваат, и не говорат за „три бели влакна на главата, со огромни подочњаци и со чувство на празнина во желудникот“. Кај нив тоа го немало. А сакаат и да го нема. Не знам дали треба тоа да им го дозволиме? А зошто тие да немаат по некое бело влакно, како нас?

Сакам да кажам: девојката сега, барем има каде да пишува, каде да се жали, па некој и да ја чуе нејзината жалба. И била чуена, како што ми кажуваат. Едно време ни тоа го немаше. Што пак не е оправдување дека и сите други, особено младите, треба да ги поминуваат истите пеколи како и нивните претходници. Ама, добро е да се знае!

Слики: Xue Wang

Извор: https://teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото