СДСМ објави победа во првиот круг на локалните избори 2017

16.10.2017 00:12
СДСМ објави победа во првиот круг на локалните избори 2017

Во очекување на официјалните резултати од ДИК, партиите според свои податоци ги објавија првичните резултати на локалните избори.

СДСМ на прес конференција соопшти дека заедно со коалицијата извесно победуваат уште во првиот круг во општините: Аеродром, Берово, Битола, Богданци, Босилево, Бутел, Валандово, Вевчани, Велес, Гевгелија, Градско, Дебрца, Делчево, Дојран, Ѓорче Петров, Карбинци, Карпош, Кочани, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево, Куманово, Ново Село, Охрид, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Стар Нагоричане и во Центар.

Според информациите добиени од над 2.500 набљувачи на МОСТ кои беа распоредени на речиси 50 проценти од избирачките места во Македонија утврдено е непочитување на постапката на гласање и реакција од страна на избирачките одбори, изјави на завршната прес-конференција, извршниот директор на МОСТ, Дарко Алексов.

Тој посочи дека ова треба да се земе во предвид со цел да се утврди дали во даден случај соодветните институции одговориле за тоа што се случувало во избирачките места или не.

Алексов истакна дека МОСТ утврдил помалку од 50 случаи на неправилности при гласањето и додаде дека генералната оцнека за овие шести локални избори Граѓанската асоцијација ќе ја даде во понеделник.
Според извори од Алијанса за Албанците на Зијадин Села нивните претставници се победници во во првиот круг во Струга и Гостивар, а во втор круг влегуваат во Боговиње, Врапчиште и Арачиново и најверојатно во Дебар.

Од првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија на својата веб страница, кандидатите за градоначалници на СДСМ водат во 43 општини, на ВМРО-ДПМНЕ во 14 општини, а на ДУИ во девет.

Според СДСМ, Петре Шилегов е во благо водство пред Коце Трајановски. Според податоците на ДИК, од пребројани 4 избирачки места за кандидат за градоначалник на Скопје во благо водство е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, пред кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов.