Живот во репродуктивна дистопија

16.10.2017 00:41
Живот во репродуктивна дистопија

Замислете кастинг за машки глумци за ТВ адаптација на романот на Маргарет Етвуд „Приказната на слугинката“: чувар со машинка број 1, чувар со машинка број 2, полицаец во опрема за разбивање протести, џелат, осуденик на смрт. Од трите јунаци од машки пол во првите неколку епизоди од првата сезона еден ќе биде убиен речиси веднаш, додека другите двајца главно се изместени од дејството, па не е јасно каде и како го поминуваат времето. Во тек е војна, или барем така велат, и постојат колонии во кои ќе испратат секој што ги крши правилата, да работи до смрт, или барем така се закануваат. За тоа нема никакви докази, а сè што можеме да видиме се хероини: жени во црвени наметки, со бели капи, жени во престилки, жени во зелени фустани, додека потпетиците одѕвонуваат во просториите на затворените домаќинства. Нивните животи се вртат околу една точка – околу репродукцијата. Тие немаат право да го создаваат светот, но мораат да работат тој да се движи напред – а, тоа го прават така што купуваат, готват, чистат и раѓаат деца. Отсуството на мажи и чувари во затворот го подвлекува фактот дека патријархатот не е творба на одреден маж, или мажи – мажите како поединци тука воопшто не се важни. Патријархатот е логика на цел еден систем.

Романот Маргарет Етвуд, објавен 1985 година, е продаден во повеќе милиони примероци и е преведен на десетина јазици, така што, на оние што го читале познати им се пошироките аспекти на приказната што ја раскажува. Се случува во блиска иднина, во местото Гилеад, кое се наоѓа на просторот на она што било Нова Англија. Со него управуваат синовите на Јаков, религиозни фундаменталисти чие ригидно ново општество потсетува на пуританското минато (граѓаните се поздравуваат едни со „Under his eye“, а отпоздравуваат со „Blessed be the fruit“). Неименувана еколошка катасторфа направила многу двојки да станат неплодни, а за тоа, секако, се обвинети жените. Жените кои сè уште можат да раѓаат станале Слугинки, поробена сила за размножување која им служи на Командантите и нивните неплодни сопруги. Ако направат каков било проблем, Слугинките многу лесно можат да исчезнат, заедно со Не-жените (феминистките), Предавниците на родот (лезбејките) и другите непријатели на новиот поредок. Некои жени стануваат Марти, односно куќни слугинки, други работат за Тетката и помагаат во припитомувањето и кршењето на Слугинките во центрите Рејчел и Ли. Овие ограничувања прават жените да бидат преокупирани со правење сојузи и решавање непријателства со други жени, додека со мажите речиси никогаш не влегуваат во конфликт.

Паралелните временски дејства кои гледачот, или читателот, го враќаат во минатото, даваат наговестувања за тоа како дошло до новиот поредок. Така дознаваме дека нараторката и главната хероина од серијата, Офред (Елизабет Мос) пред да се случи сè имала маж и ќерка и работела и живеела во Бостон во времето кога жените почнале да ги отпуштаат од работа. Офред се обидела да побегне заедно со семејството, но ги уапсиле веднаш откако го напуштиле градот, и во почетокот не можела да биде сигурна што се случило со остатокот од семејството. Во романот светот пред новиот поредок потсетува на Америка од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, додека ТВ адаптацијата повеќе потсетува на Америка денес – бидејќи постојат модерни референци, како оние на Убер и ИСИС.

За хероините од Приказните на слугинките избрани се глумици кои пред тоа станале познати по одредени улоги, па така Мос е позната по улогата на Пеги во серијата „Mad Men“, а Самира Вајли – која ја игра најдобрата пријателка на главната хероина, по улогата Поуси во серијата „Orange is the new black“. Тоа што овие лица му се познати на гледачот и се поврзуваат со одредени женски профили, дополнително прави оваа серија да изгледа како визија и да го дезориентира оној што, на пример, ја запознал и засакал Елизабет Мос како Пеги – девојката која храбро гради кариера во серијата „Mad Men“. За тоа придонесуваат и костумите кои заслепуваат со светлите бои и го тераат гледачот да се прашува за симболиката на боите и положбата на телата.

Етвуд почнала да го пишува романот после изборот на Роналд Реган за претседател на САД, а инспирација добивала од дневните политички случувања. Во едно од интервјуата се сеќава дека чувала исечоци од весници и користела текстови за намалената стапка на раѓање, за репресивната политика во однос на контрацепцијата и абортусот, па дури и приказната за зголемен број пластични кредитни картички. Годините под Реган направиле да стане јасно дека традиционалните родови улоги не се само културна референца – тие, пред сè, обезбедуваат бесплатна работна сила, која постои во служба на капиталистичкиот поредок. Републиканците на Реган така повикувале на обновување на семејните вредности, додека истовремено ги поткопувале програмите за здравствена заштита и образование и ја намалувале цената на трудот.

Оваа приказна стана повеќе, никако помалку, важна во текот на трите децении кои поминаа откако е објавена книгата. Снимањето на серијата е одобрено пред да се знае дека Доналд Трамп ќе се кандидира за претседател и дури подоцна почна да се толкува како симболичен протест во време кога мажите сè почесто употребуваат мизогини термини и пропагираат репродуктивна репресија, нарекувајќи ги жените „инкубатори“, негирајќи им ја на тој начин власта над сопственото тело.

Слики: Balbusso Sisters

Извор: https://www.newyorker.com

ОкоБоли главаВицФото