Времето на груевизмот во Македонија и во ВМРО-ДПМНЕ – заврши!

16.10.2017 12:32
Времето на груевизмот во Македонија и во ВМРО-ДПМНЕ – заврши!


Не сум сигурен, додека го пишувам овој текст, што ќе покажат финалните пребројувања на гласовите од првиот круг на локалните избори, но сосема е можно Али Ахмети и ДУИ, старите другарчиња на Фамилијата, да препорачале воздржано гласање за Шилегов во Скопје за, ако се оди на втор круг на гласање во главниот град, да го приволат СДСМ да ги поддржи во вторите кругови кандидатите на ДУИ во Гостивар, Тетово, Струга, Чаир итн. Со тоа, за збогум-со-здравје, за недела-две му ја продолжуваат вештачки индуцираната политичка кома во која се наоѓа Груевски, иако неговиот личен и партиски пораз на овие избори се недвосмислени и убедливи.

Застанат зад партиската говорница во пустите хали на партискиот мавзолеј, тој вчера доцна вечерта за влакно избегна инфаркт, а меѓу пелтечењето за нерегуларноста на изборите разбравме дека решил веднаш да не понуди оставка, туку да ја жилави уште малку со „бла-бла-бла анализи на резултатите“. Толкувањата се дека со одлагањето на тој чин (оставката, не инфарктот) сака да не ги дезавуира своите кандидати за вториот круг на гласање. Мене, пак, ми се чини дека би се случило токму спротивното: да поднесеше вчера оставка, тој нагло ќе ги зголемеше шансите на кандидатите на неговата партија во вториот круг на гласање, таму кај што ќе го има! Па, погледајте го бројот на неважечки гласови во Кисела Вода и Гази Баба, на пример, тие некогашни бастиони на ВМРО-ДПМНЕ, сите тие неважечки ливчиња се гласачи на партијата на Груевски кои НЕ САКААТ да гласаат за него, па затоа и не гласаат за неговите кандидати. Вака, со продолжувањето на неговата прединфарктна политичка агонија, извесно е дека 90 отсто од дополнителните прегласувања ќе одат на контото на СДСМ.


„Времето на груевизмот во Република Македонија и во ВМРО-ДПМНЕ – заврши!“, објавија, со орен аплауз, реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ на својата вчерашна прес-конференција, луѓето кои несомнено „му пресудија“ на Груевски во неговата партија. Тоа е точната, завршна оценка за изминативе локални избори, дури и без разлика на тоа како ќе се одвива вториот круг на гласање. Да се потсетиме: со реформаторите тој не само што не сакаше да преговара, туку не сакаше ни да разговара! Сега веќе и не мора, а и не може. Спектакуларна е серијата на погрешни проценки што ги направи во последните две-три години.

Груевски својски се потруди да ни го загорчи животот, да нѐ истормози до крај, да нѐ тегне како на оние инквизиторки направи за растегнување на „неверниците“, за на крајот, после неколку долги и мачни години малтретирање, гласачите него конечно да го оптегнат, колку што е долг и широк, за да му стават јасно и масовно до знаење дека им е доста и од него и од Фамилијата!

Штета, „Новата ера“ заврши пред и да започне, а сигурен сум дека Грујо имаше уште толку многу свежи идеи и иновативни историски проекти кои Македонија никогаш повеќе нема да има можност да ги спроведе со народни пари. Во Белизе денеска е прогласен ден на жалост, од утре ги очекува рецесија.

Патем, со Грујо, од македонската политика засекогаш заминуваат и такви политички грдотии како Стевчо Јакимовски, Амди Бајрам, Јохан Тарчуловски и слични, тие навреди за секој пристоен морал и граѓанска интелигенција, кои моравме да ги трпиме со години. Повеќето од нив, сосема е можно, ако не и речиси сигурно, од сферата на политиката веќе месецов да се преселат во црните хроники на нашата правна држава, а со нив ќе одат и екипите од нивни „подржкоњови“ со кои испокрадоа стотици милиони народни пари. Слушам, на некои од нив судските предмети веќе им се спакувани, со панделки.


Со ова се става точка на оваа фаза од политичката судбина на Македонија. Сега нѐ очекуваат крупни реформи во секоја област на оваа запуштена земја. Добро е, сега се отвора и патот, од тука натаму, малку подетално да се занимаваме со СДСМ. Оти, како што знаете, тоа е една супер добра и прекрасна партија која сигурно нема да ве разочара со своето владеење во наредните години…

Слики: Свирачиња
Извор: civilmedia.mk