1017 hPa
94 %
10 °C
Скопје - Пет, 06.12.2024 15:40
Сакам да им честитам на Драгана Велковска, Бранко Ристов и Влатко Трајков од „Левица“, кои обезбедија место по општинските, односно градските совети. Да им честитам и на носителите на советничките листи на Општина Велес и на Куманово (Апасиев и Сотир Лоловски) кои за влакно не влегоа (едниот за 38 гласови, другиот за 54 гласови), меѓутоа ќе следи процедура на поплаки и се надевам дека така ќе надоместиме.
Вие дечки кои влеговте, имате историска задача да го искусите за прв пат, од перспектива на еден левичарски активистички етос лавиринтот наречен институција, премрежјата со коишто се соочуваат претставниците таму, алаш-вериш договорите, измамите, бизнис интересите, односно целокупниот предизвик што го носи дневната политика, но и политиката воопшто. Имате историска шанса, затоа што преку вашето галамџиство (како што нѐ нарекоа една едни владини „врчви“) очекувам да им предизвикате немир и да ја разнишате удобноста на дневнополитичките измеќари на моќта.
Сакам да им честитам на сите гласачи на „Левица“ кои сепак одлучиле да гласаат за оваа „мала“ партија, без разлика на различните притисоци и императиви, коишто дневната политика ги пропишува. Се надевам дека вашите и наши претставници од „Левица“ ќе достојат на прифатената задача.
Им честитам и на сите членови и активисти на „Левица“ за нивниот ангажман во активностите на партијата. Свесни сме сите дека можевме и можеме повеќе, дека сме луѓе и дека грешиме, меѓутоа и дека секој во дадениот момент го инвестирал својот максимум, како што умеел и како што знаел, пред сѐ како што налагале околностите и условите. Се надевам дека во иднина ќе имаме позгодни прилики за поактивен ангажман во дневно-политичките собитија, со надеж дека ќе прераснеме во опција којашто ќе биде политички релевантна. Опција којашто ќе ја гледаат како една нова можност со перспектива за подобар и поправеден живот во општеството.
Порака до властите: Режимот е декомпониран и размонтиран. Имате мнозинство на централно и на локално ниво. Немате веќе алиби за можните оплескувања во кој било домен. Ветувавте работи за кои ќе ви дишеме во врат и будно ќе ве следиме ако не ги исполнувате.
Порака до опозицијата: На оваа држава во овој момент ѝ е потребна опозиција, за да не се повтори истата хегемонија како онаа вашата. Направете реформи, преиспитајте се, помогнете си и себеси и нам, на целото општество.
Слика: Фејсбук