1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Жртва
Македонската историја и историчари ја портретираат сопствената нација како жртва на асимилација, како жртва на која и се заканува истребување. Од тој аспект историјата треба да ги поучи Македонците дека без која било компонента од митот за континуитет, нивниот идентитет е загрозен. ВМРО-ДПМНЕ отиде и чекор понатаму, заменувајќи ја официјалната историја со фабрикувани митови, мемории и колективни сеќавања.
Митот кој денес посебно се злоупотребува е митот за виктимизација. Тоа што посебно се нагласува се минатите квалитети и особености на Македонецот, политика со која се создава хомогенизација меѓу населението, но и дополнително се подгреваат сомнежите спрема сите оние кои се различни. Митот за виктимизација е корисен токму за тоа, да се дефинираат оние „другите“, кои дали поради идеолошки, интелектуални или етнички причини се жигосуваат како различни. Различни од доминантната политичка пракса и различни од наметнатата мисловна догма.
Она малку што опстојува во денешната реалност како објективна историја, односно фактот дека народот низ историјата бил најчесто под странска власт, таа тажна судбина на Македонецот, се искористува за наметнување на митот на изгубената татковина. Овој мит ни сугерира каков треба да биде односот со нашите соседи, односно дека треба да им се пристапува со сомнеж, затоа што тие сакаат да нè присвојат.
Од досега наведеното е јасно дека за политиката на ВМРО постоеше плодна почва и дека конкретното свртување кон минатото е резултат на општата атмосфера на неизвесност која владее во Македонија.
Минатото повторно добива на популарност, но овој пат не сме сведоци само на надминување на државното или службено политизирање на историјата, туку на раѓањето на едно потесно, пониско или просто кажано, партиско политизирање на историјата. Историјата не е повеќе историја, таа денес е мит, исто како што, државата не е повеќе држава, таа е роб на една партија, на една олигархија, на едноумието.
Иднина
Денес Македонија е трагична земја, затоа што и покрај сите митови, сите наши квалитети и неквалитети, иднината, ако така можеме да ја наречеме, која ни ја наметнуваат е неостварлива. Всушност, денес да се користи терминот иднина покрај зборот Македонија е вистински оксиморон, една анахрона состојба која нема логика, која просто е незамислива.
Тоа всушност важи за секоја реалност која е втурната во амбисот на минатото, без да го спроведува мачниот пат на искачување кон извлекувањето на поуки, кон нивна апликација во сегашноста и градењето на визија за иднината. Од друга страна, поимот иднина има своја позитивна конотација и затоа денес е несогледлив. Ако пред зборот иднина ја ставиме придавката негативна, мрачна, поразителна, ете, како фантазијата веднаш се расплинува. Мислам дека визуелно доволно сме свесни за кошмарниот сон на Груевски. Реалност која повеќе се базира врз слики отколку врз суштина.
Тоа што мислам дека е карактеристично за денешното македонско општество и што во иднина дополнително ќе расте е поделеноста. Идејата за поделено општество е тоа да се одржува на дивергетни реферетни точки. Не во смисла на плурализам, како нешто позитивно за општеството, туку напротив, како една негативна енергија, каде постојано ќе се има внатрешни или надворешни непријатели и борбата со нив ќе биде вечна, нерешлива. Така „другите“ ќе бидат поединци или групи кои му припаѓаат на едно транзиционо минато, понекогаш тоа ќе бидат новинарите, аспстрактните или конкретните предавници и кодоши, и во борбата со нив секогаш ќе се постигнуваат мали победи, но војната нема никогаш да заврши. Притоа, антагонизмот и разликите постојано ќе растат, продлабочувајќи ги поделбите во општеството.
Поделбите делумно настануваат и поради политиката на ВМРО на селективно минато или занемарување на одредени периоди од историјата на народот и нацијата, а со тоа и игнорирање на одредени идентитетски карактеристики кои произлегуваат од тие периоди.
Занемарувањето на одредено минато се потикнува со цел и надеж да се занемарат толкувањата на историјата, идентитетот и вредностите кои потекнуваат од минатото во прашање. Така, за ВМРО е занемарлив фактот што е создадена македонската држава, што таа постои, затоа што таа не е создадена врз митот на крвта, или затоа што не е создадена според максималистичките принципи на националното обединување, односно преку обединување на сите делови на Македонија. Затоа ВМРО-ДПМНЕ се преставува себеси како легитимен наследник на историската ВМРО и прави ревизионистички напори да ги прогласи лидерите на ВМРО од НОВ како борци за независна Македонија, а останатите како предавници кои биле за Македонија како дел од Југославија и под хегемонијата на Белград. Во тој процес, сосема е неважно што лидерите на ВМРО од времето на Втората светска војна, заедно со бугарскиот окупатор, се меѓу најголемите крвници на македонскиот народ, соработници на нацистите и луѓе чија цел никогаш не била независноста на Македонија. Тоа беше сонот на Љупчо Георгиевски, тоа стана реалност во времето на Груевски, официјалната историја, блиска до СДСМ, да се замени со нашата најтемна антиисторија, историјата сама по себе да се замени со мрачни сеќавања.
Повторувам, ако некој успее во процесот на заменување или менување на историјата, тогаш ќе успее и во менување на идентитетот кој зависи од историјата.
Нација
Кога веќе е јасно дека поделбите се направени и тие само ќе се продлабочуваат, прашањето е следното. За каква нација сме ние? За каков идентитет сме ние? Од кое минато и од која антика извлекуваме поуки, на кои минати вредности се базира нашата татковина? За каква иднина се залагаме, се бориме и за каква иднина сме спремни да ја смениме сегашноста?
Јас сум за нација која е динамичен продукт, која се базира на многу различности, која никогаш не зависи, ниту ќе зависи од еден предуслов, од една идеја, од еден народ. Нацијата треба да е микс од култури и микс од народи кои соработуваат, се надополнуваат, кои зборуваат различни јазици и живеат во единствена слобода која нè обединува сите нас. Религијата не е основачки принцип на една нација, ниту е нешто од што зависи обединетоста на народот. Религијата е индивидуално прашање, само уште една слобода која ја засега совеста на секој посебен човек. Јас сум за заеднички интереси, но интересот сам по себе не е доволен. Интересот е, пред сè, економска категорија, а верувам дека покрај таквиот интерес и интересот за државата како прагматичен став, треба да постои и сентименталниот дух, вербата и свеста како за нашето минато, така и за нашата сегашност. Верувам во минатото, во извлекувањето поуки од него, не во декларативно и фасадно обожување на далечни времиња и дубиозни ликови. Минатото е, пред сè, делење на една заедничка судбина, заеднички искуства, реални, а не измислени искуства.
Нашето минато не е од најславните, но она што реално се случило, вистинските борби кои реално се добиле, вистинската крв и пот која потекла, не смее да се потценува и да се омаловажува. Го негираат нашето социјалистичко минато, ја негираат големината на потфатот да се создаде една мала држава, истата да се дигне на нозе во многу тешки времиња. Ја обвинуваат левицата за пред 60 години, но левицата е горда на постигнатото, свесна за реалноста, за духот на историјата и за времето кога се поставувале основите на македонската нација. Ја обвинуваат за последните 20 години, заборавајќи дека тие се единствените кои желбите ги претвориле во реалитет. Додека изразуваат само нови желби и не прават ништо за подобра реалност, власта работи против тоа што сме, против нашата заедничка независност. Власт која нема визија за иднината, прво што прави е да удри по коренот на независноста.
Јас верувам дека жртвите од минатото се вредни и затоа верувам дека треба истите да ги повториме во сегашноста, доколку сакаме широка народна солидарност, како единствена сила која може да нè води кон иднината. Денес повеќе од порано се потврдува познатата метафора дека опстојувањето на нацијата е прашање на секојдневен референдум. Но колку вреди таквиот став кога волјата на народот е злоупотребена, кога власта мисли дека народот е само маса корисна за гласање и дека еднаш искажана волјата, таа е непроменлива. Нацијата не е една индивидуа која врши терор врз мнозинството, нацијата е спој од здрава и солидарна група на луѓе кои во заедничкото дејствување креираат морална совест која се реализира преку нацијата.
Подолго време не дејствуваме на таков начин, сè повеќе поделби растат помеѓу нас, се помалку сме подготвени да жртвуваме нешто индивидуално во корист на колективитетот. Сè помалку заслужуваме нашата земја да ја нарекуваме нација. Власта ја напаѓа левицата велејќи дека нејзините вредности се распливнувале во космополитизмот. Власта не сака да сфати дека човекот е рационално и морално суштество и дека наместо слепото потчинување на разумот пред категории како што се едно име, еден јазик, една култура, треба да се верува во плурализмот, во различното, во солидарноста, во компромисот.
Франсоа Митеран рекол дека народот кој не ја учи сопствената историја е народ кој го губи својот идентитет. Ние не само што не ја учиме, туку нашата влада селективно ја бира, ја расцепкува, ја уништува, така што прашањето не е само дали ќе го изгубиме нашиот реален и историски идентитет, туку каков монструозен и површен идентитет ќе дојде на негово место. Историјата служи за да нè подготви за иднината, но историјата која само се рекламира, која само нè потсетува, наместо да нè едуцира или да ја толкува реалноста, таа историја нема вредност. За секој човек, за секоја култура, за секоја нација, подобро е да се држи до реалноста, отколку до емоциите.
Извор: Глобус
Слики: Yang Shaobin