Музејот на современа уметност ќе им се врати на уметниците и на публиката

17.10.2017 00:23
Музејот на современа уметност ќе им се врати на уметниците и на публиката

Мира Гаќина во моментот работи како в.д. директор на Музејот на современа уметност, но таму е од 2004 година кога ја направи првата изложба. Како кураторка стана позната по Биеналето на млади, а организирала повеќе групни и самостојни изложби во МСУ и во други институции во Македонија и во странство. Таа е претседателка на АИКА Македонија и вели дека Музејот мора конечно да се отвори за сите и да функционира според светски стандарди. Во интервју за Окно открива дека подготвува изложби на светски познати уметници...

Назначена сте за в.д. директор на Музејот на современата уметност, добро ги познавате состојбите во институцијата, бидејќи работите таму од 2004 година, сепак, од позиција на директор каква состојба затекнавте во МСУ? (дали има долгови, во каква состојба е објектот, каква е ситуацијата со вработувањата – имало ли прекумерно вработување, дали нововработените се стручни за специфичната област на современата уметност?)

МСУ со години беше во сенка на еден поинаков концепт, Скопје 2014-та, кој беше замислен да развива современа уметност преку монументални градби, кои набрзина беа препознавани дури како културно наследство. Таквата редистрибуција на средства и енергија создаде продукт од кој сите денес се срамиме, а последиците се очигледни, се учиме да живееме во бизарен амбиент. Една од жртвите на политиките во културата секако беше МСУ, кој не се вклопуваше во новиот систем на вредности. Но, можеме дури да кажеме за среќа, тоа ограничување на работата на МСУ, тоа попречување на извршувањето на неговата оригинална мисија, којашто е, да се потсетиме, да влијае врз визуелната култура во современ урбан простор и амбиент, го поштеди барем од некое „украсување“.

За среќа не сме биле приоритет. Ќе беше многу полошо доколку и зградата на МСУ беше на списокот на објекти кои треба да се разубават, ќе имавме уште еден бизарен објект за да сјае во темницата. Токму заради таа јавна заштеда којашто сме ја направиле, мислам дека објектот заслужува да добие сериозна студија за долгорочно одржување и можно проширување. Стручниот тим во МСУ и во минатото спречувал размислувања за пренамена на објектот, време е да исклучиме било какви импровизации во иднината. И да имаме стратегија. Нови вработувања се итно потребни, цела една генерација која ги постави стандардите во Музејот заминува во пензија.

Во сите овие години Музејот паѓал и станувал, но ретко кој се осмелил падот да му го припише на недостатокот на желба за работа на неговиот креативен тим. Напротив, голем дел од приватното време вработените го поминуваат во афирмација на она што го сметаат за споделена внатрешна вредност на оваа институција во која повеќето имаат вградено животен индивидуален труд.

Музејот ќе има иднина само ако се вработуваат луѓе кои имаат интегритет, кои ќе ја сакаат својата работа и ќе се вложат за да успее. Не смееме повеќе да ризикуваме со „случајни вработувања“.

Инаку, МСУ нема долгови, финансиски гледано, има голем морален долг кон донаторите и кон основачите. Бидејќи, од финансиски акспект, неговата вредност постојано расте. Ние го зголемуваме значајно националното богатство и со само една од музејските функции, конзервацијата.

Ме прашувате за затекнатата состојба, она што најмногу загрижува, во однос на затекнатото, е фрустрацијата кај вработените и кај уметниците, всушност, кај сите, затоа што премногу долго сето ова трае, чувството на немоќ е многу силно. Треба да се направат радикални промени. МСУ е прескокнувана институција, невидлива во областа во која е замислено да работи. Треба многу да се направи за да сите заедно поверуваме дека е возможно да ги заживееме нашите запустени објекти и соништа.

Во институција во која, по дефиниција, мотивацијата не е финансиска (и високообразовни кадри се пензионираат, по 35-40 години работа со плата пониска од просечната во Македонија), клучен стимуланс за вработените е можноста креативно да се изразат, со полна творечка слобода, во рамки на обмислен и одржлив концепт.

Она што дополнително загрижува е до кој степен се прекинати врските со надворешниот свет, наместо да се развиваат и продлабочуваат односите и соработката со сестрински институции, се реализираа проекти со случајни партнери од вчера, вчеравечер. Музејот беше и издавач на стручна литература, а сега веќе не може да се пофали ни дека е адреса на која пристигнува стручната литература. Но, она што загрижува најмногу е што таквиот површен однос придонесе не само да не се создаде нова редовна публика, туку полека да се губи и најверната публика и Музејот да им стане туѓ и на стручната критика и на уметниците.

Зградата, се разбира, исто така сите нè загрижува, од секој аспект, но на краток рок мора да интервенираме на секој план, за да постигнеме минимални стандарди и да дојдеме до нормален работен амбиент - екипиран музеј, со мотивирани вработени и армија на пријатели и партнери.

Во каква состојба е збирката на МСУ, со оглед дека се работи за една од најзначајните во регионот?

Депото го сметаат за најдобро во државава, но сепак ги нема оптималните услови. Неопходна е не само итна соодветна интервенција, туку и долгорочно решение со поставување на многу повисоки стандарди, кои колекцијата ги заслужува. Усвојувањето на овие стандарди треба да биде проследено со соодветна политика на надополнување на колекцијата и нејзино изложување, во Музејот и надвор од него.

Со други зборови, треба да се има стручен тим за одржување, но потребно е исто така познавачи на Музејот да направат анализа на она што треба во иднина да се собира. Практиката некој друг да одбира, да ја врши првата селекција на она што ние го колекционираме е неодговорна, пред сè, кон иницијално вложениот напор да се креира ваква оригинална колекција.

Сметам дека е сега вистински момент за да се направи и генерално преоценување на делата, што ќе овозможи да се подвлечат вредностите на колекцијата – нејзината оригинална креација преку лични донации на признаени уметници и широкото географско подрачје кое, пред сè, за шеесеттите и седумдесеттите, го покрива, од Белорусија до Јужна Африка, од Чиле до Австралија. Сметам исто така дека постои одлична основа Музејот да продолжи самиот да се гледа како регионален центар, европски, светски. Од самиот почеток колекцијата е со меѓународен карактер, тоа е неодвоив дел од идентитетот на Музејот и тој може да се гледа како успешен само доколку неговата активност, неговата програма е резултат на меѓународна соработка.

И најголемите музеи во светот за успешно да ја извршат својата улога создаваат длабоки и издржани меѓународни партнерства и мрежи. Би било штета да не се искористи таа наследена важност и тежина и во регионален и во европски контекст, токму сега кога регионот се исправа пред последната фаза на неговата интеграција во Европа. Еден од приоретите во неговата работа ќе биде да ги обнови односите со реномирани партнери од поблиску и подалеку. Најсилен аргумент за мотивирање на соработката е богатството и разноврсноста на неговата збирка и високите стандарди во политиката на дополнување и проширување на колекцијата.

Претходните директори ги укинаа изложбите на нови дела на современи автори и се изложуваа само делови од колекцијата на МСУ, дури на половината на минатата година се најави „повторно отварање на музејот кон публиката“, па зарем претходно не бил отворен?

Прашањето на отвореност на музејот кон публиката е централно прашање за било кој музеј. Да не трошиме зборови за тоа колку е важна публиката, она што не смее да се превиди кога се води некој музеј е да не се флертува со публиката. Еден музеј на современа уметност по дефиниција треба да биде провокативен за публиката и да биде критичен кон воспоставените вредности. Во исто време, треба да му биде достапен за секого. Тоа беше и иницијалната идеја кога уметноста и музејот од привилегија на богатите стана право на индивидуата. Инклузивноста треба да стане една од најважните насоки на новите политики во Музејот. Исклучително е важно да соработува и со независна сцена, индивидуални уметници, не само од Македонија, не само од регионот, како и со академските институции.

Истовремено, мислам дека акцентот треба да биде ставен и на уметници во развој, а не само на докажани автори. Несомнено е дека МСУ има задача да го дополнува и коригира прифатениот канон на уметничките вредности, но во својата работа тој треба да даде простор за новините, за експериментот, за денешното за кое не можеме со сигурност да тврдиме какво влијание ќе има врз идните текови.

Кои се вашите идеи, во која насока треба да се движи Музејот? Дали може да се надокнади изгубеното време, од десетина, па и повеќе години во кои на МСУ повеќе се гледаше како на објект кој речиси постојано се реновира, а малку се зборуваше за неговите содржини и улога што може да ја има врз културата воопшто?

Објект што постојано се реновира. На многумина им е чудно, но одржувањето и негата е можеби најважната музејска обврска. Бидејќи големата школка, зградата, е замислена да дава повеќекратна функција за остварување на музејската дејност таа има потреба од редовна нега и повремени посериозни зафати. Музеите, заради големите хали се често споредувани со хангари, имаат потреба од почеста интервенција отколку други типови на објекти. Петковски во неговата книга со право укажува дека бројни сестрински музеи на МСУ-Скопје, го спомнува директно Бобур, претрпеле бројни преправки за време на кои биле затворени и повеќе години.

Не велам дека треба утре да се почне со посериозни зафати, но утре треба да се почне со проценката на пропуштеното за да се направи долгорочен одржлив план за соодветно сервисирање на овие специфични потреби на МСУ.

Инаку, можеме и како општество да го препознаеме тоа време како изгубено. Штом (и ако) тоа ни успее, ќе го разбереме периодот не како изгубен, туку транзицициски. Тогаш ќе можеме и да заклучиме дека транзицијата завршила.

Музејот заслужува да биде компензиран за толку долгиот период на пасивност. Мислам дека и вработените и посетителите едвај чекаат да видат дека владината политика ќе го препознае како институција со којашто може да го развива културниот капитал на индивидуата. На долг рок, стратешки.

Ме радува што новиот Нацрт на Стратегија за културата МСУ го препозна како жртва на поранешните политики и што смета на оваа институција, закрепната и проширена, во остварувањето на своите политики. Минатиот период ни покажа дека визуелната култура, културниот капитал во државата, може да биде значаен фактор за правецот на развојот на општеството, огромни јавни средства исчезнаа под изговор дека се вложени во културата. Резултатот на овој дизајнерски потфат, токму заради игнорирањето на стручното критичко око, е радикално изменет урбан пејзаж, до иритирачка непрепознатливост. И голем долг, кој можеби ќе ѝ го оставиме и на следната генерација. Но, трансформацијата е можна и остварлива.

Реформите, неопходни во секоја од институциите имаат свои специфични ограничувања. Граничните фактори на еден Музеј се исцрпени со неговата зграда, колекција, персонал и мисија. Зградата, да почнеме од неа, е препознаена културна вредност со највисоки стандарди во однос на функционалност на музејски простор. И покрај тоа што зголемената активност и колекција ќе бара повеќе простор, во иднина, зградата на Музејот не треба да се гледа како ограничување - има свој некористен простор, проширувања се можни и изводливи и на сопствената парцела, а идејата за депанданс во друг дел од Градот е веќе содржана во понудената Нацрт стратегија.

Познавачите ја оценуваат колекцијата како оригинална и повеќеслојна, инспиративна и актуелна и по половина век. Политиката на надополнување и збогатување, без посебен напор, може да ја следи утврдената црвена линија која го обликува профилот на колекцијата, така што ни таа не може да биде оценета како ограничувачка за идниот развој. Тимот на музејот сé уште вклучува поединци со врвни искуства кои можат да го овозможат преодот кон посериозна програма и проширена активност. Единствено ограничување останува мисијата, која на Музејот му беше одземена и треба повторно да му биде вратена, со оригиналната широчина и автономија.

Дознаваме дека во Вашето настојување да допринесете кон поставувањето на МСУ на мапата на репрезентативни центри на современата уметност, подготвувате изложба на која меѓу другите, во Скопје ќе видиме дела на светски познатите уметници како Анри Сала, Ахмет Огут или Шејла Камериќ...

Анри Сала беше во МСУ пред некој месец за да се договориме за деталите околу изложувањето на неговото делo. Среќна сум што најдовме логистички решенија прифатливи и за авторот и што докажавме дека просторот на МСУ, е прилагодлив и функционален.

Точно е дека имаме потврди за доаѓањето на делата на Ахмет Огут, Шејла Камериќ, Флака Халити, Маја Бајевиќ, Марија Пападимитриу итн. Како што гледате регионот е прилично добро претставен, тоа е, сметам, добар континуитет на оригиналната идеја МСУ во Скопје да биде предводник во регионот кога станува збор за негувањето на квалитетна визуелна култура.

Работниот наслов на оваа активност е „Сè што ни е заедничко“. Темата е не само актуелна, туку и комплексна, а интересот и од страна на уметниците и од страна на колегите нè натера на проектот да му обезбедиме фокус во текот на наредните години, така што со колешката Јованка Попова, работиме на неговото продолжување.

Дали ќе конкурирате на конкурсот на Министерството за култура за директор на Музејот? Каква е Вашата лична визија за МСУ?

Ако ги задоволам условите на Конкурсот, секако ќе се пријавам.

МСУ треба да стане посакувана дестинација на љубопитниот посетител од секоја возраст и инспирација за креативниот дух. Ги има сите услови за тоа. А потребата е евидентна, сите бараме простор во кој ќе можеме опуштено да размислиме за сè и сенешто пред да му се вратиме на секојдневниот живот.

Епитетите врзани за Музејот од нашата визија се храброст и отвореност.

Храброст е неопходна за да се преземе ризикот на претставување на новото, надвор од комодитетот на утврдениот канон и храброст да се издржат притисоците во одбрана и во име на врвноста и на музејската етика.

Потребна е и отвореност за да може да вклучува, да биде достапен, доверлив партнер за дијалог, подготвен да дебатира.

Ваквата визија упатува на широк круг на соработници и контакти и интер-ресорски пристап. Работата со сите возрасти која произлегува од нашата мисија наметнува тесна соработка со образовниот систем, но и со академските структури заради научната дејност. Капиталот што Музејот го има на меѓународен план може да биде комбиниран со неговиот капацитет креативно да ги инспирира културната индустрија и дизајнот. Конечно, музејот може да биде важен социјален агент и активен креатор на урбаната култура.

За да започнеме да практикуваме ваков пристап подготвуваме неколку нови програми кои ја вклучуваат и „Артист ин резиденс“ програмата која најверојатно ќе ја започнеме со реномираниот романски уметник Дан Пержовски, кој има своја кратка историја со Музејот.

Интернационалната програма ќе се состои од серија претставувања на изложби на светски реномирани уметници, која ќе започне со проектот „Сè што ни е заедничко“. Редовната програмска дејност ќе треба да содржи и достојно претставување на дела од колекцијата во и надвор од Музејот, со цел неа да ја запознаат и во внатрешноста и во поширокиот регион.

Едукациската програма треба да вклучува серија дискурзивни настани и предавања со познати уметници и куратори од земјава и светот, а програмата на обуки за млади куратори, преку Еразмус плус, веќе се реализира, во соработка со институции од Полска и Холандија.

Развојот на библиотечната и публикацистичка дејност која ќе започне со реиздавање на списанието „Големото стакло“ ја сметам за една од важните компоненти за потврдување на отвореноста на институцијата.

Музејот треба да се реафирмира како научна установа и да го дефинира својот истражувачки фокус, истовремено, треба да ја продлабочи соработка со останатите институции и музеи низ Македонија, како и соработка со бизнис секторот кој преку музејската содржина се здобива со можност и креативно да се инспирира.

И секако, на крајот најважното, да се создадат услови за соработка со независниот културен сектор чиј интелектуален капацитет, знаење, интерес и креативност ќе се искористат за создавање нов вид креативна содржина.

ОкоБоли главаВицФото