Алесио Боцер: Трст за Југословените беше конкретизирање на „Западот“

17.10.2017 01:45
Алесио Боцер: Трст за Југословените е конкретизирање на „Западот“

„Трст, Југославија“ е документарен филм на италијанскиот режисер Алесио Боцер, којшто говори за времињата кога народите од просторите на поранешна Југославија оделе да купуваат разни производи во Трст, меѓу кои, речиси со симболичка вредност, биле фармерките (се вели дури и дека тоа било најславното легално криумчарење во Европа). Филмот обединува лични сведоштва, раскажувања, спомени, архивски снимки и ангедоти на разни сведоци од тоа време, но и на славните Славенка Дракулиќ, Горан Бреговиќ, Раде Шербеџија, ја пренесува колективната меморија од едно време што не постои повеќе, но, за коешто многу генерации низ насмевка се присетуваат. И покрај стравот од границата и граничниот премин, Трст за многумина останува да биде место на размена, контакт со поинакви култури, слобода, соединување прозорец кон Западот, а со тоа и со капитализмот. Премиерата на филмот е одржана во Трст на 21 јануари 2017 во рамки на Филмскиот фестивал на Трст. Потоа филмот е прикажан на ФДФ – Фестивал на документарниот филм во Љубљана, на Белградскиот мартовски фестивал, на Меѓународниот фестивал во Инсбрук, во Црна Гора на Фестивалот Underhill, на Филмскиот фестивал Либурнија во Опатија, во Риека, Копер, Изола како и за време на Форумот на граѓанскиот сектор во рамки на Самитот на Западен Балкан, организиран под италијанско претседателство, којшто се одржа во Трст минатиот јули. Станува збор за прва премиера на овој филм во Македонија, која се одржа на 16 октомври во 19 часот во киното Милениум, во организација на Амбасадата на Италија во Скопје.

Во продолжение, разговараме со режисерот Алесио Боцер за повеќе прашања поврзани со неговиот документарен филм.


Филмот се раѓа како идеја од еден вернакуларен спомен за време што не постои повеќе, во коешто прекуграничната соработка била од особена важност за народите на поранешна Југославија. Границата денес не постои (меѓу Словенија и Италија), но Трст останува значаен за нас. Трст бил еден вид на отворен и легален Западен Берлин?

Мислам дека најјасната идеја што си ја создадов за чувството на поранешните Југословени е благодарение на некои размисли на писателката Славенка Дракулиќ. Во тоа време чувството што преовладувало кај повеќето (се разбира, не сите) кон социјалистичко федеративниот режим било чувството на „сигурност“. Ограничувањата се прифаќале затоа што, пак, од друга страна животот бил организиран и сигурен. И освен тоа Југословените го имале Трст: можноста да излезат од дома и да го конкретизираат „Западот“. Поради тоа, Трст на симболичко ниво имал толку големо значење за сите поранешни Југословени, и бил толку важен пред 30 или 40 години што тоа чувство останало уште до ден денешен, и кај младите, благодарение на приказните и на спомените на родителите. Всушност, митскиот Трст на нивните спомени е можеби повеќе идеја отколку замислен град.

Многумина и денес го доживуваат Трст како град за шопинг, иако таму сега плоштадот Понтеросо е празен во саботите. Но, кажете ми каква била перцепцијата тогаш на Италијанците за оваа френетична инвазија на конзумеризмот во срцето на Трст?

На ова прашање можам да одговорам само преку сведоштвата што ги собрав и статиите од печат од тоа време, зашто јас сум бил мал и немам директно сеќавање од тоа време.

Ми се чини дека жителите на Трст ги доживувале Југословените како хомогена и нејасна маса којашто на малку потценувачки начин ја нарекувале „југи“ или уште полошо „шави“ (Словени). Чувството што преовладувало било чувство на непријатност и непригодност. Впрочем, доколку се видат слики од Плоштадот Понтеросо од 70-тите и 80-тите години, таа зона изгледала како огромен базар под отворено небо, без правила, хаотичен и валкан.

Имало и многу „југи“ кои не доаѓале на плоштадот Понтеросо, туку во големите дуќани, продавници, или во рестораните, кафулињата. Но, за жал симболот, ако сакаме и дури малку презрен, останува Понтеросо.

Можам да кажам по цели 40 години, многу жители на Трст кои тоа време не го гледале благонаклонето, што би се рекло со добро око, на таа „инвазија“, денес жалат по тој период. Затоа што во суштина имало работа за сите и градот бил несомнено многу повитален и жив.


Да беше жив Пазолини, сигурно ќе проценеше дека е вознемирувачко тоа што народите на поранешна Југославија замислата за слобода ја поистоветувале со потрошувачкото општество. Што мислите Вие?

Пазолини би оценил многу нешта од денешнината како вознемирувачки. Јас сметам дека е едноставно дел од човечката природа да се копнее по она што се нема. Ако помислиме на тоа дека Југословените можеле да го најдат она што го немале преминувајќи ја границата, тогаш јасно е зошто патувале во Трст. И макар што било потребно да се преправаат, да се преоблекуваат, и иако било малку ризично и постоел страв од преминувањето на границата, сето тоа ја правело авантурата повозбудлива. Впрочем, да замислиме денеска, ако некој ни каже да се откажеме од нешто што ни е природно да го имаме, во име на некоја идеологија или подобар свет, би биле ли среќни да се откажеме од тоа?

Трст е прекрасен град - граничен, морски, пристанишен. Тоа е првиот град што го посетив во Италија. Ја сакам Баркола, Мирамаре, Плоштадот на Единството. Трст бил значаен град уште од времето на Австро-унгарската Империја. За него пишувал многу Клаудио Магрис. Таму живееле и твореле Џојс, Рилке, Саба, Звево и многу други. Денес и натаму за многу земји од Источна Европа и најмногу за Балканот е вистински средноевропски град. Како Вие би го опишале Вашиот Трст?

Ова е тешко прашање. Мислам дека Трст (и жителите на Трст) е нерешен град. Карактерот на луѓето што живеат во Трст е пркосен и импулсивен, но ми се чини дека тоа е така за да се сокрие длабоката несигурност. Мислам дека неговата мултикултурност (особено онаа од минатото) е дел од неговата ДНК, и дека, ако од една страна може да му создаде беспокој или тешкотија на овој град да си го најде својот идентитет (Звево...), од друга страна, го чини град кој е во можност да го прифати и „отелотвори“ различниот.

Можеби најдобриот начин да се опише е оваа прекрасна песна на Саба чијшто наслов е токму Трст: „... Трст има бунтовна убавина. Ако се допаѓа, како грубо и бодро момче е, со сини очи, но, со раце преголеми за да подари еден цвет“.

Италијанскиот јазик и култура се присутни во Македонија, како и во другите балкански култури. Каков впечаток добивте додека го снимавте филмот, во врска со оваа блискост со Италија?

Токму таков: впечаток на блискост, на голем интерес за културата. На ова прашање би го пренел одговорот на Бреговиќ: „единствен пат за бегство за нас беа фармерките од Трст и Санремо на ТВ“.

Како се живее повеќејазичноста во Трст? Како се видени соседните култури?


И ова е тешко прашање. Во Трст повеќејазичноста е историски поврзана со словенечкиот јазик. Овој однос долги години беше многу тежок. Некои политички битки на десните партии беа многу остри по оваа точка. Но, односот со словенечката заедница е комплексен, и не го познавам добро, за тоа е потребен поширок простор. Знам дека во Трст живее голема српска и грчка заедница. Постарите луѓе пораснале со германскиот јазик. Имено, сосема е нормално да се слушаат говори на други јазици.

Што сакавте да пренесете со Вашиот документарец? Кој би бил „заклучокот“ од овој филм?

Кога почнав да го снимам филмот, немав ништо на ум. Не сакав да докажам никаква теза. Но, станував свесен дека епохата на фармерките од Понтеросо беше нешто многу повеќе во однос на фолклорните спомени на жителите на Трст. Значи, напорот беше во насока да се приберат колку што е можно поголем број сведоштва, и од едната страна и од другата. Намерата на филмот беше токму таа, да се докаже и покаже оваа комплексност зад митот на Понтеросо; освен забавните анегдоти, да раскаже и за политичкиот, општествен и економски контекст; да прикаже вистински мозаик во којшто ќе се појават и најмалите нијанси, сенките. Беше невозможно да се каже сè во филмот, но, јас сакав да отворам многу порти и да ја разбудам љубопитноста кај публиката и желбата да отвори други теми. Се обидов преку монтажата и ритамот да ја обновам климата од тие години, со што добив пријатен и забавен филм за сите.