Нека виси Педро!

17.10.2017 13:49
Нека виси Педро!

Поминаа две вечери од изборите и можеме да констатираме две работи: прво, сите се согласуваат, изненадени (а некои и увреѓени!) дека биднала голема катастрофа за ВМРО-ДПМНЕ; и, второ, сите за тоа го обвинуваат Груевски.

Мајка му расплакавме, сѐ по список!

Мене ова почнува ич да не ми се допаѓа. Одеднаш, нагло сум опкружен со многу истомисленици, клатачи со глава, одобрувачи, реформатори, многу од нив од разни ешалони на бившата власт на Грујо, а читам и гледам како неговите најодвратни пропагандисти и долгогодишни јавни бранители, компулсивни клептомани и грандиозни морални релативизатори, сега, наеднаш, нецели 48 часа по поразот, откако се освестуваат од првичната фаза на шок, како да почнуваат здружено да ги делат моите (и не само моите) ставови, па се замислени, задумани, загрижени, а по малку и резигнирани за демократската иднина на Македонија која клетиот Груевски – срам го било, баксуз еден – толку злонамерно и коруптивно ја загрозил и узурпирал!

Пандов изненаден, Клековски зачуден, Никовски навреден, Миленко „на време“ си честиташе победа (оти он да ти бил објективен, никогаш и немал врска со Фамилијата!), некаков Нонковиќ визионерски дистанциран, Каракамишева благо депресивна, Мирка темелно депресивна, Даштевски и Сотир ги имат снемено, Васето е над реалноста, на Влајко одамна сѐ му е јасно, Јанко веќе со широки замави „весла“ на другата страна, а кај и да е, очекувам до крајов на неделава, најдоцна до вторник, оние анонимни бедници од Курир и Република, на пример, да побараат оставка од Груевски. Натаму одат, еј!

(Што е право, само Цветко Чилиманов ќе остане шутрак до крај, што во овој контекст би требало да биде некаков комплимент.)

Наскоро ќе излезе дека никој да ти немал контакт со груевистичките политики и практики: многу грешки направил, погрешни проценки, брате, не слушал, иако они советувале, укажувале, предупредувале, за влакно и ќе се конфронтирале – голем личен и семеен ризик, заради општиот интерес, превземале врз себе! – ама кој нив да ги слуша! Човекот тврдоглав, самобендисан, ирационален, одмаздољубив, со еден збор – штетен. Ја упропасти партијата, а таа е сѐ што имаат. Всушност, имаат и милиони, ама Партијата, односно Македонија, им е најважна!

Затоа, Грујо треба сам да ја понесе вината за сѐ, тој да си одговара, нему кожата да му се одере и, генерално, нека виси Педро! Море, два пати да се обеси, еднаш за врат и еднаш за нозе и така да расчистиме со груевизмот еднаш за секогаш и за вечни времиња и сите помирени, среќни и здружени да заминеме во светлата и просперитетна иднина, каде демократијата и бизнисот ќе процветаат како резултат на расчистувањето со Груевски. Кој, да потсетиме, самиот си е виновен за сѐ и самиот да виси за сѐ.

Да беше баба ми дедо, ќе се викав Митра. Толку, во оваа прилика.

 Слика: Свирачиња

Извор: Цивилмедиа

ОкоБоли главаВицФото