(На 28.11.1973 во кино унион го гледав филмот кабаре)

17.10.2017 13:55

На 28.11.1973 во кино унион го гледав филмот кабаре.
го прераскажав и го оценив:
„Не знам во што е магијата на филмот па доби осум оскари“.
неколку месеци подоцна вресоци и шепоти.
И последното танго во париз. Тогаш гледав многу филмови,
одев на недела на светскиот филм,
на фест што следеше по белградскиот.
А пред сè со години составував музички топ листи.
Сите мои музички идоли беа бунтовници.
ги преведував текстовите на дилан,
од стоп сечев слики на пејачи и ги лепев во тетратки.
понекогаш и фотка од некое згодно момче во гаќички за капење
што заталкала низ страниците. тогаш сите бевме бунтовници.
презиравме бракови, ни се блуеше од слика на семејство
што во недела со фичото оди на излет,
ги омаловажувавме парите, сè што беше поврзано со нив.
Чекоревме во износени партали врз работ на нештата,
барајќи помеѓу себе мали енергии.
Сè до револуцијата. или контрареволуцијата.
потоа енергиите се испоразгубија,
рабовите се урнаа, сите околу мене почнаа да се борат
за бракови, семејства, неделни излети со децата,
момчињата доаѓаа само за пари,
не се допираа благо со прстите,
не чувствуваа морници, не знаеја за што би се бореле.

Превод: Лидија Димковска

Бране Мозетич (1958), словенечки писател. Објавил десетина поетски книги, книга кратки раскази (Пасија), роман (Ангели, преведен на хрватски и германски) и роман за рејв-сцената (Изгубена приказна). Составил три антологии и превел бројни француски автори. Застапен е во книжевни ревии во над дваесет земји во светот. Бил активен учесник во граѓанско-општествените движења, а сега работи како уредник во издавачките куќи Алеф и Ламда. Промотор е на словенечката литература во странство (при Центарот за словенечка литература). За поетската книга Баналии (2003) ја доби Јенковата награда за најдобра поетска книга при Друштвото на словенечките писатели.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото