ПИНА – нова платформа за истражувачко новинарство и анализи

17.10.2017 15:15
ПИНА – нова платформа за истражувачко новинарство и анализи

Деновиве беше објавено формирањето на нова платформа за истражувачко новинарство и анализи - ПИНА, pina.mk Се работи за организација создадена од млади новинари, ентузијасти и професионалци која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија. Освен тоа, ПИНА се залага и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.
  
„Следете не, „лајкајте“, коментирајте и критикувајте, „споделувајте“ и пријавувајте ни ги вашите проблеми.
Визијата за нашата веб страница pina.mk е да прерасне во медиумска платформа каде нашите читатели, следачи и фанови ќе може да најдат квалитетни и професионални истражувачки стории и новинарски анализи, интервјуа, како и поважни вести и мислења за значајните теми кои ги засегаат граѓаните во Македонија. ПИНА е отворена за соработка со сите заинтересирани новинари на домашната сцена.

Се надеваме дека ПИНА ќе внесе свежина и нова енергија во домашниот медиумски пејсаж со презентирање и промовирање на нови лица во медиумскиот дискурс, како и стории кои се игнорирани од мејнстрим медиумите во земјата. Нашата мисија е пред сѐ да ги најдеме сториите кои најмногу го оптоваруваат и отежнуваат секојдневието на граѓаните.

Почнуваме многу скромно, со многу повеќе ентузијазам и идеи отколку средства за развој на [pina.mk] но тоа не е секогаш најважно па решивме сепак да стартуваме. Имам голема среќа што кога малку погледнав околу себе видов дека има луѓе кои исто така веруваат во можностите кои може да ги создадеме со ПИНА и секојдневно ми помагаат во последниве неколку месеци. Неизмерно им благодарам на Марина Лазаревска, Васко Торков, Златица Петковска, Ѓорѓе Ѓорѓевиќ и Милена Атанасоска Манасиева за нивната поддршка и работа на иницијативата. Дали ќе успееме во она што сме го замислиле не знаеме, но сметам дека ни е должност и важно е да се обидеме. Време е за нови иницијативи, нови луѓе, нови идеи и визии“, напиша Кристина Озимец, уредничката на ПИНА на својот фејсбук профил.

ПИНА како еден од своите главни продукти најавува и Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје (ИФФС), неколкудневен настан кој за прв пат се одржува во Македонија. Програмата на фестивалот ќе биде поделена во два сегменти, со филмови посветени на истражувачкото новинарство и други медиумски трендови, како и бројни дебати и говорници од Македонија, регионот, Европа и пошироко кои ќе се фокусираат на разни актуелни теми од областа на новинарството и медиумите.

Посетителите на настанот ќе можат да изберат да погледнат филмски проекции, панел дискусии, работилници и разговори фокусирани на влијанието на истражувачкото новинарство, но и на други прашања и предизвици во медиумскиот свет.

ИФФС е исто така настан каде, новинарите, филмските и медиумските професионалци и други ентузијасти од регионот и пошироко, ќе може да се поврзат и да развијат идни приказни и филмови. Фестивалот исто така ќе се стреми да ја едуцира и информира публиката за новите трендови на светската медиумска сцена.

Извор: фејсбук

 

ОкоБоли главаВицФото