Колку ја познаваме Америка

17.10.2017 23:49
Колку ја познаваме Америка

Кога првпат отидов на вечера кај другарка ми Шери, видов дупки од куршуми на нејзините бели кујнски ормарчиња. Шери ми беше нова другарка, впрочем единствена, зашто штотуку бев стигнала во Мајами. Мајка ѝ забележа во што гледам и ми објасни: „Тука се застрела Шејн“. Шејн е роднина на Шери. Нејзината мајка најмногу ја погодило тоа што се застрелал со пиштолот на нејзиниот маж. Бев премногу пристојна за да прашам дали Шејн извршил самоубиство или настрадал во несреќен случај. Имал 16 години.

Кога ни се придружи, таткото на Шери ни ја покажа својата огромна збирка пушки. Парче по парче. Молчев и климав со главата, зашто не знаев што да кажам. Имав 21 година и се доселив во Мајами зашто мислев дека Њујорк е премногу опасен (да, знам – сега знам). Секое момче со кое излегував во Мајами ми даваше да го носам неговиот пиштол во чанта додека сме надвор од куќата. Тоа ми стана нормално. Америка ми беше во крвта, буквално – татко ми е Американец – и претпоставував дека да се биде Американец значи токму тоа.

Татко ми ѝ го овозможил американскиот сон на мајка ми: бегство од мало градче во Сафолк во земјата на понтијаците и огромните фрижидери. Толку ја сакала Америка што двапати се мажела за Американци (меѓу нив и за еден Англичанец). „Татко ти ми подари прекрасен мал револвер“, ми рече еднаш. За неа тоа беше гламурозен детал, како нејзините ментол цигари – вистински дамски пиштол.

Односот на Американците спрема поседувањето огнено оружје варира од држава во држава. Впрочем, САД е група различни земји. На пример, кога се вратив во Њујорк во осумдесеттите, општоприфатен став беше дека насилството со огнено оружје е најлошото можно злосторство. Заминав во Америка зашто верував дека таму ќе ги остварам своите соништа. Набрзо сфатив дека американската култура е суштински различна од британската. Тоа не се гледа на прв поглед заради илузијата на сличноста што ја создава популарната култура. Британците масовно веруваат дека ја познаваат Америка зашто еднаш ручале на Менхетен: исти се како нас само порциите им се поголеми и кога би нè слушале, сите нивни проблеми би биле решени.

Се разбира, тоа е себеизмама. САД се несфатливи и самите за себе, што најдобро го покажува изборот на Доналд Трамп за претседател и дебатата за контрола на оружјето. Во Белата куќа седи гневен белец, па гневните белци кои убиваат многу луѓе од огнено оружје не можат да бидат терористи. Рекација на граѓаните на масовните убиства е купување уште огнено оружје за подобро да се заштитат. Овој менталитет е неразбирлив за многумина од нас. Американците едноставно имаат засилена склоност да се убиваат со огнено оружје и опијати. Тие живеат во страв од тероризмот кој доаѓа однадвор, преку митскиот ѕид, а впрочем теророт е дел од нивната култура.

После секој масовен масакр се наведуваат истите бројки. Се проценува дека САД имаат најголем број парчиња огено оружје во приватна сопственост – 2012 година се наведени 300 милиони парчиња во посед на приближно една третина од населението (доволно секој маж, жена и дете во Америка да има свој пиштол или пушка). Втора земја на оваа листа е Јемен. Во САД секој ден 18 млади луѓе ги губат животите од куршум. Покрај тоа, самоубиството – најчесто од огнено оружје – е втора причина за смрт кај Американците од 15 до 34 години.

Еден од најтажните делови на потресната книга на Гери Јанг Уште еден ден од смртта во Америка е оној кога родителите на застреланите деца го признаваат своето олеснување. Мајката на Тајсон Андерсон, кој е убиен на 18 години во пресметка на банди, вели: „Барем веќе не морам да се грижам дали тој ќе пука во некого или некој во него“.

Секој чесен американски либерал може да се повика на Австралија, каде со контролата на оружјето е намален бројот на убиства. Законите би можеле да наметнат низа проверки пред некому да се одобри поседување оружје. Па, сепак, тоа не се случува. На американските саеми за оружје човек се чувствува како антрополог во некоја странска култура. Кои се тие луѓе? НРА (Националната асоцијација за пушки) е моќна организација, а неодамна на улиците во Шарлотсвил видовме самонаречена локална милиција. И тоа не е само заостанатата и „занемарена“ Америка, туку земја која му е туѓа на западниот набљудувач.

Наративот за децентрализираната држава подразбира и мавтање со вториот амандман, но дел од проблемот со контролата на оружјето е токму зборот „контрола“. И Обамакер беше отфрлен како нешто што има врска со контролата. Ме вознемирува тоа што не гледам решение за масовните убиства во Америка, во смисла дека не ја сакам американската зависност од автомобили, но не можам да ја замислам без нив.

Во дебатата за контрола на оружјето надвладеа сликата за два дела од општеството кои се во конфликт и кои заканувачки кружат еден околу друг. Се чини дека голем дел од Америка ги изгуби карактеристиките на развиено западно општество. Погледнете го степенот на нееднаквоста, стапката на детскиот морталитет, зависноста од наркотици, феноменот на саморанување. Отфрлањето на централизираната држава е дел од американското сфаќање за слободата. Последица на тоа е што многу луѓе сè помалку ја доживуваат американската култура како своја.

Кога еден пораешен американски полицаец ме учеше да пукам, нагласи дека децата треба што порано да го стекнат тоа знаење. „Според вашето мислење, на колку години детето треба да го добие своето прво оружје?“ го прашав.

„На три.“

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото