Груевски вели дека е најодговорен за поразот, но дали ќе ја понесе одговорноста?

18.10.2017 01:01
Груевски вели дека е најодговорен за поразот, но дали ќе ја понесе одговорноста?

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во неговиот настап во неделата (15.10.2017), кога ВМРО-ДПМНЕ доживеа крах на локалните избори и беше поразена дури и во оние општини кои важеа за бастиони на десницата, како на пример, Прилеп, Битола, Ѓорче Петров, оценувајќи дека „првиот круг од локалните избори поминал во недемократска атмосфера“, сепак, призна дека тој е најодговорен за изборниот резултат. Но, Груевски во финишот на изборниот ден не ги откри докрај следните негови чекори, туку остави да виси дилемата дали по 14 години ќе го напушти кормилото на партијата.

Па, така, Груевски во оваа негова прва постизборна изјава во седиштето на партијата рече:

Ќе се анализираат сите аспекти на денешните резултати, со цел да се утврди покрај сите масовни нерегуларности, што друго од нашата страна беше недоволно добро или погрешно направено заради што не добивме подобар резултат на овие избори. Јас како претседател на партијата секако имам највисока одговорност за изборните резултати што и претходно го кажав. За сето тоа, за причините, за резултатите и идниот правец ќе се дискутира во периодот веднаш по завршување на изборите,

За тоа дека резултатот од изборите ќе влијае на неговата политичка кариера, поточно на (не)останувањето на лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ, Груевски првпат навести пред неполн месец. Тој на 20.09.2017 година во интервју за телевизијата „Алсат М“, на прашањето на новинарот: „дали е подготвен да си поднесе оставка од челната позиција во партијата доколу партијата ги изгуби изборите“, кусо одговори:

Претседателот на партијата ја носи најголемата одоворност.

Се редат повици за оставка

Во неделата,пак, набрзо по затворањето на гласачките кутии, кога почнаа да стигнуваат резултатите и кога СДСМ почна да објавува победа во сè поголем број општини, оставка од раководството на ВМРО-ДПМНЕ побараа и иницијаторите на внатрепартиски реформи во ВМРО-ДПМНЕ. Републичкиот штаб за реформи во ВМРО-ДПМНЕ му порача на Груевски да поднесе оставка и да овозможи демократски промени во партијата.

Времето на груевизмот во ВМРО-ДПМНЕ и во Република Македонија заврши. Со иницијативата која ја покренавме пред четири месеци излеговме за да го спречиме токму ова, токму овој пораз на ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски не ја препозна историската димензија на внатрепартиската иницијатива која ќе придонесеше партијата да биде подобро подготвена за овие избори – (Александар Михајловски од рефармоторското крило на ВМРО-ДПМНЕ)

Самоил Малчески, од Форумот на слободоумни патриоти , ден по изборите (16.10.2017) во изјава за „Плусинфо“, исто така, побара оставка од Груевски:

Никола Груевски мора итно да поднесе оставка и да сноси одговорност за срамниот пораз – порачува Малчески кој беше меѓу првите кои јавно побараа смена на раководството во партијата, истакнуваќи дека тоа е единствен начин да се спаси партијата, но и државата.

Иако изборниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ и здравата логика говорат дека Груевски по овие избори фактички е дотеран до ѕид и нема избор, освен самиот да се повлече од партискиот врв, сепак неблагодарно е да се прогнозира дали тој тоа навистина ќе го стори.

______________________________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слики: Свирачиња

Извор: http://vistinomer.mk/