„Ш'ц, мала, сакаш да прајме порнографија?“

18.10.2017 00:09
„Ш'ц, мала, сакаш да прајме порнографија?“

(насловов е директен цитат од непознат скопски јунак од пред десетина-петнаесет години)

 

Бидејќи многу се зборува деновиве (по странскиве весници, портали и слично, а и се појавија хаштази како #MeToo, #ЈасИсто и сл. за да се види на Фејсбук колку е масовна оваа појава) за сексуално малтретирање, злоставување и силување, сакам да кажам неколку работи, со надеж дека ќе поттикнам и некој важен да почне да се занимава со оваа проблематика.

Иако тогаш не разбирав дека е облик на горенаведениве зборови, првпат видов како некој ме гледа и мастурбира, мене и уште неколку девојчиња, кога имав 8 или 9 години. Чичко, грозен. Кај мене пред основно, сред центар, мртов ладен, со раката во панталони. Да, имаше и други луѓе. Не, никој не изреагира (или можеби не забележа).

Оттогаш ова ми се случило минимум 20 пати. Дури и првиот машки полов орган што го имам видено беше од еден ваков имбецил што мастурбираше во 16-ка, мирниот автобус во кој никогаш ништо страшно не се случува, гледајќи девојчиња уште помали од мене во тој момент. Да, имаше и други луѓе, не никој не изреагира (или можеби не забележа).

Значи од мои 8-9 години до вчера – еден ми свиреше и ми мавташе од кола, (пошо ова увек им успева на маживе, разбирам зошто го прават, просто не знам жена што не се возбудува на некој што ѝ свирка од кола...) – ова ми е секојдневие. И секое излегување од дома, ова го имам на ум. Морам да пазам каде одам. Морам да пазам да не е темно. Да не проаѓам таму, да не ова, да не она. Дали свесно, дали несвесно, не е важно. Сите ние, девојчиња, девојки, жени, си ги живееме животите и си ги планираме маршрутите според ваквите нешта. Цел живот.

А овие примери се најмалку трауматичните. Овде можеш некако и да избегаш, но исто дури и почесто од ова, се случуваат и пострашни работи:

Да те пипкаат кога не прашале и не добиле апсолутно никаква дозвола, и апсолутно никако не си го побарала тоа, па дури после и да се прашуваш дали можеби ти си крива, од кај знаеш, можеби не си требала тесно/ црвено/ широко да носиш, можеби не си требала да гледаш лево, можеби не си требала да ја мрдаш главата, да трепкаш, да имаш коса или да дишеш. Насилно да те повлечат за ти да ги допреш кај што им текнало. Да ти зборуваат што сè сакаат или што сè ќе ти прават. Да си дозволуваат да ти зборуваат за твоето тело, со намерно нагласување „безобразни“ зборови, делови од тело, зборови што ги означуваат најинтимните нешта, за да се почувствуваш што појезиво и што позагрозено и што повеќе да се смалиш. И не само непознати луѓе, туку и луѓе со кои си опкружен секој ден. Другари, другари на другари, луѓе од школо, од факултет, луѓе од маало. И да, да има и други луѓе, и не, никој да не изреагира, иако често забележуваат што се случува.

Ми се има случено и еден да направи гестикулација како да ме плука затоа што носев долг фустан и го кревав до/над колена за да можам да одам, додека неговата, претпоставувам, сопруга беше покриена од глава до пети (иако ова е можеби малку друга приказна). Да, имаше луѓе, не, никој не изреагира. На автобуски, во друштва, во маало, во дискотеки, на поминување некаде, накај школо, на факултет, во библиотека, во продавница. На некои жени (за жал и на некои девојки и девојчиња) им се случува и по дома. И не само вакви релативно поблаги форми на сексуално малтретирање, злоставување, понижување.

Се случуваат и силувања. Ова се вика и обљуба на македонски, ама мислам дека втората деценија од 21 век е супер време за ова да се отстрани од речникот како значење на зборот, да му го смениме значењето, нека значи да претрупаш некој со љубов, бидејќи во силување нема ништо љубовно и никаква љубов. А овие одвратни насилства се случуваат насекаде и често не зборуваме за нив. Лично знам такви примери. Не еден. Знам за силувања, за сексуални уцени, за секакви типови малтретирања, изживувања, понижувања. И ова им се случува на наши другарки, наши колешки, роднини, познанички, комшики.

И во речиси сите случаи, и помалку страшните и најстрашните, неизбежно малтретираната личност – жртвата, или се чувствува виновно или барем се преиспитува дали е виновна.

Знаете што? НЕ Е.

Дури и да си носела „тесно“, или деколте, или сукња, па дури и во некој момент да си помислила дека тој што подоцна те нападнал вербално, физички или на каков било начин, бил симпатичен, или дури и да ти бил дечко или другар или што и да е. Или каква и да е твојата приказна. Не си ти крива. Крај.

Толку.

А кој е крив? Да, крив е напаѓачот, апсолутно. Но криви се и многу други нешта.

Проблемот, барем во нашите генерации, беше што никогаш не ни зборуваа за овие работи, за што пак пак ни тие не се баш криви, бидејќи мислам дека просто сметаа дека не постојат. Сметаа дека се случуваат таму некаде далеку, во некои далечни земји што се појавуваат на страшните и грозни филмови. Проблемот е и што немавме нормално сексуално образование. Што не знаевме да зборуваме за овие работи. Што не знаевме што е, а што не е нормално однесување. Што треба, а што не треба да трпиме. Што е дозволиво, што не е дозволиво. Самото тоа што се чувствуваме непријатно, никогаш нема да биде причина да зборуваме за теми што систематски се избегнуваат. Особено кога сме деца или тинејџери. Теми што се срамни, безобразни или што знам јас какви.

Ова важи и за малтретираните и за малтретирачите. Криви ли се, на пример, момчињата што како малечки нè „закачале“? Колку слатко звучи зборов, а мора да признаам дека воопшто не е слатко, ни пријатно, ни симпатично. Не зборувам само за „невините“ штипкања по газ или не знам си што. Ваквите закачкања особено губат слаткост кога детето што пипка, штипка, плеска свои другарчиња го фалат дека е мажиште или слични гадости.

И не зборуваме ни само за вакви нешта, зборуваме за многу поодвратни работи, што сакале да признаете или не, се случуваат насекаде. И на секоја возраст. Никој(а) не е безбеден(на).

Децата не се криви. Децата треба да се воспитуваат. И не само со зборови, туку и со дела. Да им се покаже како треба да се однесуваат спрема другите луѓе околу себе. И да се образуваат. И да се разговара со нив. За сè. Зашто кога веќе ќе порасне и кога во тинејџерски години закачкањето девојчиња ќе стане малтретирање девојки, затоа што е мажиште, или, пак, за да се почувствува како да е, искрено не знам веќе дали има спас.

И кога веќе зборуваме за што сè треба, треба и да се реагира кога ќе се види вакво нешто, колку ситно и небитно и да ни изгледа. Да, понекогаш ваквите малтретирања се суптилни, скриени, но иако се случуваат и во тајност, се случуваат и јавно. И треба да се зборувува и за тоа. За сведоците.

Затоа што многу често ваквите нешта се случуваат пред сведоци и тие сведоци не реагираат. Овие се глувонемо-слепи сведоци. Некогаш само ќе се насмевнат просто, за да се избегне непријатност. Некогаш ќе се направат дека не виделе што се случило, дека не ги слушнале зборовите на малтретирачот и сл. Некогаш дури и кога жртвата на малтетирањето предочува дека ѝ се случило тоа и тоа, сведоците прават фаца „што да се прави, светот е грозен“ и продолжуваат со животот, а дури и често дека „не било до толку страшно, девојката е многу осетлива, претерува“. НЕ!
Не соучествувајте во малтретирањето, реагирајте! Знаете ли колку често девојката што некој пред сите ја фатил за цицка, на пример, од никаде, и се искезил ко тоа да е најнормално нешто и вие сте го изигнорирале, зашто тој е будала, откачен или зашто се зезал само или зашто какво било друго оправдување, уште се тресе од помислата, и уште се чувствува дека и кога би била појезива ситуацијата никој не би изреагирал. Реагирајте. Не дозволувајте некој да се чувствува толку уплашено, понижено и безвредно.

Друг, уште поголем проблем е ако малтретирачот е нечиј другар. Ваквите сведоци, сведоците-другари, стануваат често и соучесници, од што не знаат како да изреагираат во некои ситуации, бидејќи се поделени помеѓу чувството дека тоа што се случува не е во ред, и дека нивниот другар, мажиштето, нема веќе да ги почитува. И ова може да се санира со едукација.

Малтретирачите имаат способност да направат на сите да им е непријатно. Да ги заќутат и сведоците. Не бидете манипулирани. Не им ќутете. Вакви примери има и во јавниот живот. Овие ќе ги наречам „не реагирам јас, нека изреагира некој друг“ сведоци. Ако некој пред ваквите сведоци (во еден конкретен скорешен пример пред цела една културна публика на извесен настан), на жена ѝ рече „Курво, не ти е место овде“ и потоа зборува на микрофон за цицките на таа жена и не престане да ја навредува по вакви и слични основи, не треба да се игнорира и да му се вика „Престани да зборуваш за тоа, почни за тоа што си дошол“. Не. Извинете, ама не. Треба да му се покаже дека вакви нешта не се толерираат. А ова е вистинска приказна. Нема да спомнувам каде, како, кој-кому-што рекол, бидејќи не бев таму, ама се случило. Кај нас. И не треба да се реагира само со мавтање со глави и негодување и со срам што се знаете со личноста, ама сепак упорно да ја толерирате таа личност. Ова е малтретирање. И тоа на сите женски личности што утре треба да бидат во иста просторија со конкретниов малтретирач. Бидејќи сега кој да верува дека не е можно пак да се случи, и пак никој да не изреагира? А оттаму и така си поаѓа и си тера кругот на жртвата: чувството на пониженост, на ситност, на безвредност, па дури и чувството на вина. Не го дозволувајте ова!

Мора да почнеме да зборуваме за овие и за многу други работи! Затоа што постојано се случуваат, и затоа што се преважни! И затоа што треба да се знае дека не се сексуално злоставувани и малтретирани, па дури и силувани, само јавно споменувани жени, глумици, модели или само преубави жени, туку многу обични жени, девојки, девојчиња, луѓе што сите ги знаеме. И насекаде. И постојано. Па, мислам дека е доста.

Извор: Фејсбук профилот на авторката

ОкоБоли главаВицФото