Трска што мисли на јадење

18.10.2017 01:43
Трска што мисли на јадење

Животот така ми тече, што во моето слободно време, кога другите одат на Витоша или пијат со пријателите, јас чувам дете. Детето има само еден месец и одбива да се грижи само за себе, а сѐ остава на моја грижа. Најчудното е што сака и да јаде - не само преку ден, туку и навечер. Ноќното хранење е мојот кошмар. Кога си потонал во најслатките бездни на сонот, одеднаш те стресува бебешки плач, стануваш како месечар, за да ги измериш во обележано шише со лажичка за мерење потребните 60-70 грама. Јaс во принцип имам изострено око за милилитри - без проблем разликувам мала вотка од голема. Така му сервирав и на детето, од око - мало педесетграмско млеко, а ако продолжи да плаче - му сипувам сто грама. Но, оптималната доза на моето бебе се покажа дека е на средина - некаде околу 70 грама. Многу тешко ги погодувам тие 70 грама од око, со заспано око навечер.

-Откажете се од ноќното јадење! - ме посоветува една познаничка.

Лесно е да се каже: откажете се! Како да му објасниш на едномесечно бебе дека не е здраво да гнете навечер. Познавам човек на педесет и осум години, кој не може да се откаже од ноќното јадење, а камо ли бебето! Тој човек дури станува по двапати ноќе, за да го отвори фрижидерот - еднаш околу полноќ, вторпат - по првите петли. Ноќната исхрана му е разновидна и ја вклучува целата содржина на фрижидерот - од македонски колбас до слатко од дуњи, од свински нозе, до конзерва лупени домати.

-Животот - вели тој човек - ми е многу обичен: преку ден си ја заработувам храната, а навечер ја јадам... Единствениот светол зрак во животот ми е светлината од фрижидерот во темната и ноќна кујна!

Во интерес на вистината, тој човек вложи бескраен напор да го победи ноќното јадење - дури си стави катанец на фрижидерот. Но, се чини дека инстинктот е посилен од разумот - една ноќ не можел да го најде клучот од катанецот и го скршил фрижидерот со хебла.

Декарт беше рекол дека човекот е трска што мисли. Ако е вистина, тогаш во денешно време доста мислечки трски мислат главно со стомакот. Мислат не само дење, туку и навечер.

Склоноста кон ноќното јадење може да започне сосема невино. Еден пријател еднаш се вратил од работа и седнал да вечера со жена му. Седнал на масата и чекал, а вечерата ја нема.

-Тоа е вечерата - му рекла жената - и му покажала еден морков, кој осамено стрчел во чинијата.

Потоа му објаснила дека семејството преминува на одделна исхрана, зашто и двајцата ја покаличе килажата. Мојот пријател покорно го изгризал морковот и си легнал, но преку ноќта морковот така му го застругал стомакот, што било потребно трипати да станува до фрижидерот, а кога станувал уништил половина „штафета“ салама, кутија руска салата, три полнети пиперки, две дебели кришки леб со маргарин, дванаесет маслинки, четири парчиња сирење „Президент“, едно кисело млеко, двесте грама кашкавал и седум чоколадни бонбони.

Следната ноќ сѐ се повторило, со единствена разлика што овој пат киселите млека биле две и наместо полнети пиперки преку ноќта од нога сркал со лажица конзерва свинско со зелка.

Така се заплетка нивниот семеен живот - започнаа да се хранат одделно, а мојот пријател и навечер.

Сега се хранат сосема одделно (снабдени со документ за развод) - таа во Брисел, тој во Аризона, но освен тоа, мојот пријател се навлече на ноќно јадење и не може да се откаже. Се откажа од цигарите, престана да пие алкохол, но ноќното јадење е непобедливо. Ете, оваа поучна приказна му ја раскажав на моето бебе, за да го предупредам на опасноста од ноќното јадење, но тоа дури и не ја ислуша, а се даде во уште посилен среденоќен плач.

-Не слушаш сега - му велев, додека ја размешував порцијата млеко во шишето - но еден ден ќе зажалиш, памти ми го зборот!

Превод од бугарски: Иван Шопов
Извор: Повелителят на осите, Ciela, 2012.
Слики: Алекс Солис

Михаил Георгиев Мишев, познат под псевдонимот Михаил Вешим, е бугарски писател и сценарист. Во 1982 година дипломирал на Софискиот универзитет на студии по новинарство. Истата година почнува да работи во сатиричниот весник „Стршлен“, каде од 2003 година станува главен уредник. Поважни книги: „Австријците доаѓаат“ (1991), „Писма од Нашингтон“ (1999), „Англискиот сосед“ (2008), „Смеа во салата“ (2008), „Рускиот сосед“ (2013).

ОкоБоли главаВицФото