Македонско сценарио, нови продолженија

19.10.2017 00:17
Македонско сценарио, нови продолженија

Политичката структура на чело со Груевски се руши како кула од карти, а до неодамна се чинеше дека е силна како гранит. Додека сè уште имаше монопол над силата и ресурсите, врвот на Вмро-Дпмне успеваше да обезбеди релативно мнозинство гласови на неодамна завршените македонски парламентарни избори. Сепак, тоа не беше доволно партијата после повеќе од деценија на власт повторно да формира влада. Заев и неговиот Социјалдемократски сојуз успеаја да добијат онолку гласови колку што беа потребни за составување нова коалиција, без Вмро-Дпмне. И, тоа беше крај за Груевски, а како што изгледа сега, можеби и за неговата партија.

Во штотуку завршениот прв круг од локалните избори во Македонија, сојузот на Заев извојува победа во 50 места, додека организацијата на Груевски освои мнозинство само во три места. Победата на социјалдемократите на Заев во Скопје е симболична, каде нивниот кандидат доби 15 проценти повеќе гласови од кандидатот на Вмро-Дпмне. И сето тоа за неполна година после предвремените парламентарни избори и само три месеци по составувањето на владата. Да повториме, во декември минатата година Груевски освои повеќе гласови од Заев. Кога ќе се погледне оваа изборна хронологија, прашањето се наметнува само по себе: што се случи во изминатите десет месеци или само во овие три месеци од новата влада за луѓето волку да ги променат политичките определби?

Одговорот е едноставен: во овие три месеци не се случи баш ништо. Сè што требаше се случи во моментот кога социјалдемократите во Македонија оформија коалиција и формираа влада. (Меѓу другото, затоа со недели се водеше огорчена борба за власт помеѓу двете македонски партии, на раб на физички конфликт.) Тогаш поразената Вмро-Дпмне остана без ресурси и капацитет да ги условува и уценува гласачите, да манипулира со нивната гласачка волја, а веројатно и да краде гласови. Впрочем, Груевски не беше на чело на партијата, со него Вмро-Дпмне не ни беше партија: тој водеше една група од интерес која се служеше со неполитички средства за стекнување политичка моќ, за истата да ја користи за задоволување на сопствените, себични апетити на своите членови. Кога тој монопол беше разбиен, голем број граѓани се ослободија да гласаат според сопственото уверување и волја.

Од тоа произлегува дека децениската власт на Вмро-Дпмне била лишена од каква било автентична лојалност или доследно идеолошко убедување на страната на своите следбеници. Како врвот на самата партија, така и нејзините гласачи гласаа водени од крајно себични, прагматични причини. И да се разбереме веднаш, тие причини сами по себе воопшто не мора да се лоши. Лошо е кога тие се наметнуваат преку притисоци и уцени, кога луѓето егзистенцијално се загрозени од закани за да се изнуди глас и лојалност. Без тие закани, уцени и принуди – Вмро-Дпмне практично и не постои на политичката сцена, што покажуваат тековните локални избори во Македонија.

Зошто тоа би ни било важно? На прв поглед, изборите во Македонија воопшто не нè интересираат. Треба да се обрне внимание на тоа како овдешните медиуми ги покрија тамошните изборни резултати и како тоа да се спореди со ликувањето заради победата на Народната партија на Себастијан Курц на парламентарните избори во Австрија. Само, нема на што да се посвети внимание. Изборите во Македонија денес веќе не се вест. Додека македонското сценарио се провлекуваше низ домашните медиуми уште долго по завршувањето на нивните парламентарни избори, локалните избори ненадејно престанаа да ѝ бидат интересни на домашната јавност кога пристигнаа првите резултати за поразот на Груевски.

Тоа неколкупати го кажавме тука: кога се гледа од Србија, Македонија личи на кристална топка за претскажување. Карактерот на режимот на Груевски според сè наликува на карактерот на режимот на Вучиќ. Според сè изгледа дека крајот ќе им биде сличен. Како и власта на Груевски, власта на Вучиќ се одржува со уцени и закани. Токму кампањата за претстојните локални избори на Косово и (криминалната) промоцијата на Српската листа на штета на сите други „српски“ кандидати покажува за каков политички метод се работи. Кога еднаш ќе остане без ресурсите за закани и уцени, таа структура исто така ќе се распаде како кула до карти. Прва можност да го видиме тоа се изборите во Белград. Не зачудува тоа што СНС на големо најавува и парламентарни избори заедно со градските, и уште измислува глупави причини за ново гласање за парламент – божем, сето тоа е заради опозицијата.

Сепак, пресметката е побанлна од тоа. Ако изгуби Белград, сегашниот режим воедно го губи и важниот лост за изнуда на лојалност од своите следбеници. Тоа би бил почеток на нивниот крај. Затоа, постоечките капацитети за притисокот врз гласачите режимот мора да ги инвестира во зачувување на власта на ниво на републиката и така себеси да си го продолжи политичкиот живот и да си обезбеди уште една шанса. Од аспект на опозицијата, баш затоа белградските избори треба да останат единствениот фокус, дури и ако се распишат парламентарни избори.

Слики: Свирачиња

Извор: http://pescanik.net