Семејството организира изложба по повод 100 години од раѓањето на Борко Лазески

20.10.2017 13:32
Семејството организира изложба по повод 100 години од раѓањето на Борко Лазески

На 22 октомври се навршуваат 100 години од раѓањето на македонскиот ликовен уметник Борко Лазески (Прилеп, 22 октомври 1917 - Скопје, 16 јуни 1993), еден од темелниците на македонската ликовна култура.

Како стипендист на француската влада по војната заминува за Париз каде во ателјето на Андре Лот создава значајен циклус на дела. Во периодот од 1960 до 1967 е професор на ликовната академија во Багдад од каде произлегува обемен опус на слики поврзани со животот во таа земја.

Покрај фреските и муралите, во земјата, Борко Лазески ја имаше ретката можност да биде поканет да изработи два мурали во Мексико сити, центарот на светскиот мурализам. Тој е автор на големата фреска (225м) во старата железничка станица, подоцна обновена во неговиот роден град Прилеп.

Сликар и муралист кој достојно ја продолжи традицијата на нашето фреско сликарство.

Вредните фрески на Лазески, што беа поставени во Македонска пошта, изгореа во пожарот што го зафати објектот во 2013 година. Уништени се пет големи кубистички фрески со мотиви од Народноослободителната борба во Македонија, создадени во 1981 година. Големиот мурал беше направен во акрил техника. Фреските на Лазески на површина поголема од 200 квадратни метри, беа поставени на ѕидовите на главната сала во поштата.

Како педагог, Борко Лазески целиот живот несебично им го пренесувал знаењето на своите студенти од што произлезе учебникот „Ликовна култура“, со кој се образуваа генерации на ликовни уметници.

По повод овој значајен јубилеј, на 24 октомври, во 19 часот, во ателјето на авторот, на ул. „Отон Жупанчич“ 15, во Скопје, ќе бидат изложени негови дела од колекцијата на семејството.

 

 

ОкоБоли главаВицФото