Време за промена

20.10.2017 15:27

На речната површина растат острови мраз,
отвораат и затвораат премини, ветровите

ги метат насипите и се закануваат со преселби.
Нема оправдание часовите по мајчин јазик

да ги арчам, кога да повикам не знам тело,
меко како крзното на неродените ласици,

послано врз слабините и врз долгите,
долгите нозе. Кога на семафорот се менува

светлото, напнатата кожа се зажарува и голото рамо
се испакнува и прстите на флејтистката се издолжуваат

во движење кое би било само поздрав меѓу
обичните луѓе: светлината од уличните

бандери се цеди врз дрвјата и се прашувам,
каде исчезна ставата на онаа девојка,

која со мракот кокетира, придушено модро,
веќе одамна не зелено. Трева, зелена трева,

зелената на свилената блуза, со склопени веѓи и
џамлии на сонце на игралиштето меѓу домовите,

каде гулабите првнуваат, не разликувајќи го Арарат
од ридот во близина, со гробишта на камени души,

кои ноќва ќе ни позајмат уво, сигналите слаби
да знаеме да ги дешифрираме за еден час,

да ја искористиме пукнатината во миграцијата на мразот
и со непознати можеби да скршиме погача.

Превод: Лидија Димковска

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото