Господарот на реалноста

20.10.2017 15:36
Господарот на реалноста

„Сега сме империја“, се раскажува дека во 2004 година, ова му го кажал Карл Роув на Рон Саскајнд. „Нашето дејствување создава сопствена реалност“. Се сетив на оваа изјава кога изби скандалот со Харви Вајнстин. Сите прикази сведочат за модел на предаторско однесување и сексуално злоставување што како лошо сценарио се повторува на безброј примероци. Колку здодевно! Но, тука има и подлабока тема за злоставувањето, која како да предизвикува поголемо задоволство кај сторителите.

Сите знаеме дека сексуалното злоставување е најтесно поврзано со моќта. Физичкиот чин е еден вид злоупотреба на моќта, а вториот аспект е контролирањето на самата стварност. Тоа е оној вид моќ што Роув добро ја разбирал. Дали Вајнстин стремел кон сексуална моќ и сексуално задоволство? Или сексот му бил само уште еден потег во подолгата игра што почнува со поставување стапица (деловен состанок во хотелска соба, со присуство на асистентката како мамец), потоа се преоѓа на секс, потоа на заташкување кое пружа подолготрајна возбуда на чистото задоволство заради поседувањето моќ над стварноста?

Сцената во хотелската соба е злоупотреба на моќта на еден маж врз една жена. Но забошотувањето на тој настан подразбира моќ врз светот. Вообичаениот јазик на тоа злосторство јасно покажува за што се работи: „Не го отфрлај моето пријателство заради пет минути“. Можеш да бидеш ѕвезда, а можеш да бидеш и никој и ништо. Или: Никој нема да ти верува. Многу жени се исплашиле дека никој нема да им поверува. Речиси ниту една не знае колку моќно се чувствува оној што ја изговара реченицаа: „Никој нема да ти верува“.

Таквите закани ја означуваат контролата на мажот врз стварноста, а уживањето што произлегува оттаму, очигледно е засилено кога некој друг (жртвата, асистентките, соработниците или целата компанија) го гледа како го прави тоа. Можеби затоа оној ден во 2004 година, Роув ја сподели својата мала тајна со Саскајнд. Сосема е извесно дека Доналд Трамп токму заради тоа му се пофали на Били Буш: „Кога си ѕвезда, тоа ти е дозволено.“

Но помеѓу Трамп и Вајнстин има клучна разлика. Вајнстин е стара школа. Неговите реакции, деновиве, јасно покажуваат дека се плашел од скандал. Тој негира дека сексуалните чинови се случиле без согласност, но признава дека перспективите можеби се разликувале. Таквите отстапки некогаш биле потег во играта на контрола врз стварноста. Прашајте ја Анита Хил. Но во времето на Трамп, оној што разменува обвиненија со тужителките тврди дека не ја контролира стварноста – туку дека ѝ се покорува.

Се чини дека медиумите, кои Вајнстин ги сметаше за свои послушници, се осамостоиле. Некогаш тоа беше патот кон среќниот крај. Поуката од приказната беше дека новинарството има моќ да ги обелодени злоупотребите на моќта и да ги урне моќниците. Патријахатот изумира кога ќе се изложи на дезинфекциската светлина на денот. Тоа е добра приказна.

Затоа сите и ја следиме. Не се работи само за сексот, кој очигледно бил здодевен: бадемантил, масажа, наговарање набрзина со кое Вајнстин ги намамува жените од јавното предворје во приватната соба. Не се работи ниту за злорадост заради падот на човек што заслужува презир, туку за повеќемината од нас тоа е приказна со поука, за која се надеваме дека ќе ги исплаши сличните на него од појавување на нивните имиња на насловните страници. Секако, тоа е и носталгија по времето кога новинарските откритија имаа силно дејство и кога постоеја структури што ги поддржуваа: вистински слободни медиуми, јавност што е во состојба да биде шокирана од нешто, гласачи што сакаат да ја искористат силата на своето ливче, гласање што не е изманипулирано и навистина влијае на резултатите од изборите, вистинската можност некој моќен човек да се казни со вистината.

Користејќи ги структурните промени, Трамп ги промени правилата на играта. Тој никогаш не би понудил да оди на лекување за да ја задржи работата. Никогаш не би молел да му се даде уште една шанса. Ако им праќаш мејлови на пријателите, ако ветуваш дека ќе одиш да се лекуваш, ако се надеваш на уште една шанса, тогаш според тинејџерскиот светоглед на Трамп, веќе си губитник: жртва на реалноста, а не нејзин творец. Играта е завршена. А со неа и задоволството зашто тоа се состои од моќта да се владее со реалноста. Затоа минатата година, кога се појавија веродостојни извештаи за жените што го обвинуваат Трамп, барем 14 од нив, тој на втората претседателска дебата, донесе три жени кои тврдеја дека ги нападнал сопругот на неговата противкандидатка. Наместо да се дистанцира од темата што ја покрена објавувањето на снимките во телевизиската емисија „Access Hollywood“, Трамп алчно ја приграби и создаде стварност во која тој, без трошка срам, ја презема улогата на бранител на оштетените жени. Хилари, која уште игра според старите правила, сигурно не помислила дека би било добро да се опкружи со жртвите на предаторските активности на Трамп.

Расчекорот помеѓу старите и новите правила работеше во полза на Трамп: обвиненијата против него да беа точни, тој секако би се засрамил по објавувањето на своите недела, зарем не? Отсуството на срам многумина го сфатија како не како сведоштво за новиот вид застрашувачка бесрамност, туку како потврда дека обвиненијата не се вистинити или барем дека се работи за многу галма за ништо. Всушност, за Трамп тоа беше уште една охрабрувачка победа над самата стварност.

И Обама играше според правилата на стариот свет кога го предупреди Трамп: „Не можеш да побегнеш од вистината“. На другата страна е Трамп кој верува дека може да се владее со стварноста. Не дека таа може да се обликува, или продава, или одрекнува, па дури ни дека може да се произведе како во серијата „Mad Men“, туку дека со неа може да се владее. Во таа смисла, без оглед на сите протести на неоконзервативците, Трамп е суштество што се испили од републиканизмот на Роув. Господар на стварноста.

Извор: Boston Review