Swinging Macedonia

20.10.2017 15:57
Swinging Macedonia

Легендата и Оливер Белопета велат дека сè почна од реченицата на Александар Герасимовски од Музичката младина на Македонија „Ако Нови Сад има џез фестивал, тогаш можеме да имаме и ние“. Александар Герасимовски вели дека вистинскиот иницијатор на почнувањето на Скопскиот џез фестивал е Мирко Стефановски, тогашен директор на тогашниот Дом на млади „25 Мај“. Мирко Стефановски вели дека, едноставно, џез-фестивалот беше логична последица на енергијата што владеела во тоа време.

А тоа е време две години по смртта на Тито. Навистина е тешко од денешна перспектива да се разберат некои работи што се случуваа во тогашниот „гнил социјализам“, тешко е да се објасни дека во Домот на младите во тоа време, во таканаречената „македонска рок-лига“, вежбаа и свиреа, над 60 рок-бендови (од „Триангл“ до „Леб и сол“), дека работеа 18 театарски групи (од „Црв“ до „Пралипе“), дека Младиот отворен театар, иако на почетокот на своето битисување беше еден од најзначајните театарски смотри не само во тогашна Југославија, туку и во овој дел на Европа, дека секој викенд имаше свирки, дека постоеа синеастички вечери каде што филмовите се менуваа секој втор ден, дека младинските хорови и мандолинскиот оркестар при Домот на младите постигнуваа сојузни и меѓународни успеси, дека во Домот на младите работе осум мајстори на фотографија (од Роберт Јаки до Горан Арнаудовски), дека се отвораа неверојатно посетени изложби, дека во Домот на младите функционираше и сериозна акустична сцена (Џина Папас Џокси со „Макакус“, Јаков Дренковски, Жаклина Стефковска), дека се одржуваа и џез џем-сејшни... Тешко денес може да се разбере дека дури и на институционално ниво имаше обезбедени гостувања на овдешните рок-групи низ цела Југославија, преку таканаречените „Поздрави од...“. Поздрави од Скопје одеа во Суботица, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана... Во Домот на младите гостуваа „Лајбах“, „Боргезија“, „Азра“, „Филм“, „Електрични оргазам“, „Елвис Џи Куртовиќ“, „Доријан Греј“, „Екатерина велика“... Мирко Стефановски, онака уредно и прецизно, ги чува своите дневници од тоа време, каде што се забележени главните податоци за, како што тоа денес се нарекува, ивентите што се случувале во Домот на младите – значи што се случувало, кој настапувал, колку публика имало, евентуално фотографија од настанот и новински текст што го проследил. Во тоа време, можете ли сега тоа да го замислите, се одржуваат трибини за, на пример, акустичната музика во Македонија, за џезот итн. Домот на младите и Музичката младина организираат концерти и други хепенинзи во аулите на Универзитетот „Кирил и Методиј“, во студентскиот дом „Гоце Делчев“ свира Бошко Петровиќ, еден од најголемите југословенски џез-брендови во тоа време...

За потребата од џез-фестивал, како што вели Александар Герасимовски, се говорело подолго време. Имено, речиси сите главни градови на тогашните републики и покраини имаат јаки џез-фестивали: Љубљана (каде што се одржува најстариот џез фестивал на Балканот), Загреб, Нови Сад, Белград, каде што во 70-тите дојдоа најголемите ѕвезди на светската џез-сцена: Лајонел Хемптон, Дјук Елингтон, Сачмо, Мајлс Дејвис... Мирко Стефановски вели дека во тоа време често одел во Белград да го следи фестивалот, но дека една таква авантура во скопските консталација била речиси невозможна, зашто, се разбира, бара многу средства. Како и да е, љубовта кон џезот останува. Самиот Стефановски во тоа време има мошне сериозна колекција на плочи, пред се' од џез музиката, околу 2.500 изданија. Тука се и Оливер Белопета и Велибор Педевски, кои тогашните хонорари ги арчат на посета на европските џез-фестивали. Тука се и Драган Абјаниќ, и Кирил Темков, и студентите Љубомир Фрчоски и Митко Хаџи Пуља (автори на првите два плакати за џез фестивалот), а и многу други како поддржувачи на оваа идеја.

Таму некаде во почетокот на 80-тите години од минатиот век, по покана на Музичката младина на Војводина, која е организатор на џез-фестивалот во Нови Сад, Александар Герасимовски заедно со Гоце Димовски, тогаш веќе одговорен за музичката програма во Домот на младите, одат во Нови Сад. Герасимовски вели дека постоела неверојатна атмосфера на Фестивалот „вистинска џез-комуна“. Таму се направени првите контакти со Манфред Шоф и со Лала Ковачев, главните ѕвезди на првиот Скопски џез фестивал. „Кога сфативме дека луѓето практично ќе дојдат за дневници, односно за ич пари, тогаш му се јавивме на Мирко и му рековме дека правиме фестивал. Манфред Шоф имаше слободен термин во октомври и затоа џез-фестивалот се одржа во октомври“, вели Герасимовски. Во хотелот „Парк“ во Нови Сад во тоа време држи тезга Лепа Брена, сосема непозната пејачка за тогашните југословенски простори. „Можеби беше подобро да ја донесеме неа, отколку да правиме џез-фестивал“, се шегува Герасимовски.

Фестивалот, според сведочењата на основачите, е направен речиси без пари „со прелевање на средства од шупливо во празно“, што би рекол Герасимовски, „со стиропор и станиол“. Не постои соодветно озвучување, нема сериозен светлечки парк. Нема (како впрочем и денес) сериозни сали. Но, има волја и ентузијазам. „Тогаш се работеше 24/7, што би рекол Груевски. Беше пренапорно, но бевме пресреќни“. Белопета се сеќава дека со Гоце Димовски, а можеби и со Герасимовски биле кај сега починатиот Киро Буровски, тогашен секретар на СИЗ-от на град Скопје. Белопета го опишува Буровски, како духовит човек, чии афинитети биле врзани за спортот. „Останавме можеби околу еден час, кај него во канцеларија, а никако да ја фатиме темата. Тој веднаш почна да кажува вицеви, а потоа се префрли на спортот. На крај го прашавме дали е во ред нашето барање, тој рече дека е во ред, а јас, да бидам искрен, не разбрав дали ќе добиеме пари или не“. Герасимовски вели дека на некоја трибина за културата во Скопје, го искритикувал Буровски. „Потоа бев викнат на пеење и ми стана јасно дека финансиите за џезот се во прашање. Се извинив. Реков нешто како погрешно сум се изразил и слично. Следната недела побарав прием да барам пари за џезот и Буровски ме прими. Ги одобри средствата како ништо да не се случило“.

Плакатот за првиот Скопски џез фестивал, изработен од Љубомир Фрчкоски и Митко Хаџи Пуља

Двете институции, Музичката младина и Домот на младите, ги користат своите „компаративни“ предности, па преку едните доаѓаат пари од градскиот СИЗ, а преку другите од Републичкиот (тогаш секретар на РСИЗ за култура е Мирјана Митевска).

Веќе на третото издание се појавуваат првите Американци, групата „Орегон“. Интересно е да се каже дека веднаш по инаку извонредниот скопски концерт, „Орегон“ заминува на турнеја во тогашна Источна Германија, а перкусионистот Колин Волкот гине во една сообраќајна несреќа. Излегува дека нивниот концерт во Скопје е еден од последните официјални настапи на оваа неверојатна американска постава. За нивниот концерт во Скопје е врзана уште една анегдота. Имено, групата е договорена за извесен износ пари, а нивниот менаџер, според сведочењето на Герасимовски, при исплатата побарал значајно помала сума.

Таа година доаѓа и првиот црнец, трубачот Вуди Шо. Герасимовски и живи сеќавања за овој речиси целосно слеп музичар. „Ми бараше џоинт. Едвај се убедивме дека не можам да му најдам. Сепак, идниот ден по концертот му набавивме и ’тревка’“. Оливер Белопета се сеќава дека Џими Смит за малку ќе го откажел концертот, поради тоа што некои слични барања не му биле удоволени. „По концертот го растури бифето во сегашен ’Холидеј Ин’“, вели Белопета. Слични проблеми имало и со Фреди Хабард, но тука проиграло и балканското лукавство. „Го пречекав на аеродром и знаев дека омилено хоби му е NBA. Ја пуштив приказната за некои кошаркарски тимови и некој играчи и Хабард, едноставно, не запре да зборува за тоа. Едноставно, ги заборави своите ’непристојни барања“, вели Белопета. Интересна е и приказната за бразилскиот перкусионист Хермето Паскал. Имено, Паскал удира на рачно изработени удиралки: направени од тенџериња да машини за шиење. Тој и неговиот бенд доаѓаат со авион, а инструментите пристигнуваат со комбе. Меѓутоа, комбето го – нема. Во договор со Паскал, сите одат дома и носат тенџериња, вреќи со песок и слични „инструменти“. Концертот успешно завршува, кујнскиот прибор на организаторите е дефинитивно уништен, а возачот на комбето се појавува следниот ден и вели дека се успал во хотелот. Во хотелот имало смена на рецепцијата, и по некаква забуна гостинот воопшто не бил запишан во книгата на гостите, па така и не можеле да го пронајдат. Освен за уништените тенџериња, на Паскал се сеќава и Герасимовски по – киселото млеко. Отидовме на ручек во „Пантелејмон“, но Паскал не дојде. Неговиот син, кој свиреше во бендот, рече дека татко му сака кисело млеко. Побаравме две канчиња кисело млеко, а од ресторанот ни дадоа четири. Иако вечерта не требаше да се појави на концертот што тогаш се одржуваше, Паскал дојде специјално да се заблагодари и да го искаже своето воодушевување од питата и млекото“, сведочи Герасимовски. Сепак, Белопета вели дека наспроти приказните во јавноста, ѕвездите немаат некои специјални потреби. Дури ни проблематичниот Џемс Браун немал никакви особени побарувања. Напротив, станува збор за професионалци кои знаат дека не смеат на сцена да се појават ниту пијани, ниту издрогирани, а уште помалку да го доведат својот кредибилитет во прашање, ако случајно не бидат во состојба да го откажат концертот.

Како и да е, еден од значајните моменти за манифестацијата се случува во 1987 година кога Пивара од Скопје станува спонзор на Фестивалот. Крајот на 80-тите го вивнува Скопскиот џез фестивал во редот на сериозните европски фестивали. На почетокот на 90-тите доаѓа до распаѓањето на Југославија, па југословенските џез-фестивали од тие или од некои други причини, едноставно престануваат да постојат. Опстојуваат само Љубљана и Скопје, кој станува најголем џез-фестивал во овој дел на Европа. Во 1994 година Скопје џез фестивал се одвојува од Домот на младите и се осамостојува како приватна институција.

Но, џез фестивалот, никогаш не бил само џез. Тој секогаш бил еден изблик на урбаната култура, од начинот на неговото организирање, па сè до плакатите што ја најавуваат програмата. Веќе осум години се организира и Оф фест, односно Фестивал на таканаречената world music. Тука е и музичката продукција, 26 албуми, главно некомерцијални, но своевидна антологија на зачувувањето на урбаната музика во оваа средина. Тука првите албуми ги објавија „Фолтин“, „Синтезис“, Гаро, „Сет“, Шаревски, Тони Китановски...

Како и да е, се чини дека Македонија не успеа да го фати чекорот со Скопскиот џез фестивал. И сега нема сали, а професионалноста не ни е на некое особено ниво. Напротив, ако ги погледнете подемите и падовите на другите фестивали од типот на Струшките вечери на поезијата и на Охридско лето, ќе сфатите дека и покрај професионалната поставеност на џез фестивалот, тој и денес се прави со огромна доза на ентузијазам и добра волја.

Скопскиот џез фестивал, за кој никој не сонуваше дека ќе доживее вакви размери, беше еден вид брана пред напливот на таканаречената „сељачка“ култура. Останува прашањето колку на ова слободно и плуралистичко Скопје се' уште му е потребен џез, а колку на пример цркви и џамии. Во право е Мирко Стефановски кога вели дека сега е тешко да се објасни дека некаква креативна енергија врзуваше некои млади луѓе во некое темно едноумие, за разлика од денес кога ги врзува некаква партиска програма и препукување по „комитски“, „предавнички“ и не знам какви се' не линии. Некои од соговорниците за оваа тема велат дека Скопскиот џез фестивал го урнал македонскиот Берлински ѕид. Ние велиме дека џезот допрва треба да го урне овој ѕид. За да може Македонија да се ниша во европскиот ритам. Ако успее Фестивалот да не ја скрши главата удирајќи се во тој ѕид, тогаш и ние имаме шанси да преживееме.

Учесници на првото издание на Скопскиот Џез фестивал

Манфред Шоф Квартет (Манфред Шоф, Јаспер ван Хоф, Зиги Буш, Џое Тенес); Квинтет „Џез 82“ (Гоце Мицанов, Љупчо Мирковски, Дамир Имери, Љупчо Трајковски, Мирко Донев); B.P. Convention (Бошко Петровиќ, Марио Маврин, Дамир Дичиќ); Lala Kovacev Internationale Ensemble (Јован Мирковиќ, Ненад Јелиќ, Гинтер Клат, Пол Грабовски, Воин Драшкоци, Лала Ковачев); „БТ Топ“.

Љубомир Фрчкоски, професор на Правниот факултет „ЈустиниЈан Први“

Џез фестивалот го следев од самите почетоци. Јас и Митко Хаџи Пуља ги направивме првата и втората плаката за фестивалот. Ги имам уште во по една копија во датотеката кај мене. Тој почуваше во тогашниот Дом на младите „25 Мај“, и го правеше поширока група луѓе од сега. Тоа беше апсолутен Марс во Скопје. Како острво на светот во нашата крчма .Тоа беше одслик на една измешана генерација луѓе и нивната одлука за „неприпаѓање“ кон својата земја и место, а сепак битисување во неа! И беше фантастично. Имаше скриена иронија и радост. Беше мошне, мошне осамено, субверзивно дејствување и чуствување. Сите тие „црнчуги“ во Скопје, кои се појавија во просторот на недоумица и испразнетото место на ликот „Црна Арапина“ од нашите приказни.

Потоа Фестивалот успеа ! Ние го прифативме и се радувавме и на таа етапа која трае се до денес! Ќе се потпрам под оградата на Ложа 2 во Универзалната Сала и го гледам сиот тој свет. Немам „презир“ кон стискањето околу џезот денес, напротив ме радува неговата сегашна борба, блесок и секако херојството на луѓето кои го подготвуваат. Се обидов да направам уште една иронија со џезот кога го финансирав во сериозен дел, како министер за внатрешни. Тоа предизвикуваше и сега предизвикува чудење и дистанца од сериозните суртуци на политиката. Но, тоа беше моја мала тајна поврзана со неговата почетна иронија на „не-место“, на место од друго време во Скопје . Потстанат, и далеку повозрасен му одавам почит повторно на Фестивалот.

Гордан Калајџиев, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Улогата на џезот во моето семејство

Со години наназад, месец октомври во градов се слави како месец на добрата музика, одбележан со традиционалниот Скопски џез фестивал. Јас лично, џез фестивалот впрочем го гледам како фестивал на современата креативна музика. Џезот денес е меѓународен феномен кој с? повеќе содржи елементи на безмалку сите останати музички форми, а посебно блузот, современата „класична“ музика и што е за нас посебно интересно - фолклорот. Можеби токму заради тоа џезот и е многу близок и на нашата публика.

Она што џезот го прави посебен е необичната спојка на традицијата со експерименталното, ритамот со импровизацијата, емоциите со интелектот. Токму посебниот вид на слобода и естетика го одликуваат овој музички правец. Не дека сите го сакаат. Една моја драга колешка од факултет убаво ме изнасмеа пред некоја недела, опишувајќи го модерниот џез како „двајца свират, третиот им пречи“, а друг мој пријател и колега џезот што го слуша од мојот дом додека разговараме по телефон го опишува со зборовите „што ти чкрипат врати?“.

Нејсе, не мора сите да ги сакаме истите работи и уметности, зошто тогаш концертите ќе треба да се држат на стадиони, а џезот е сепак музика за клубови и помали сали. Сепак, мора да се признае дека не постои друга уметност која кај нас е присутна со толку врвни светски имиња и проекти како што е тоа џез фестивалот, што секако треба да се почитува и поддржува. Ова е една од ретките манифестации која нас како музички вљубеници не' прави граѓани на Светот, а не некакви провинцијалци, како што не ретко се чувствуваме.

Освен што е празник на музиката и уметноста, фестивалот е секогаш место каде ќе сретнете прекрасни луѓе и стари познаници од кои некои во оваа бркотница на секојдневието веќе и не можете да ги сретнете на друго место. Фала Богу, тоа што пушењето е забрането во салата ги набрка оние посетители кои со набавените „гратис“ влезници доаѓаа само за пиво и муабет, па со влегување и излегување од салата им пречеа на оние дојдени заради секогаш одличните концерти.

На крајот, но не и најмалку значајно, на џез фестивалот се запознав со мојата сегашна сопруга Лина, а малиот Јан го крстивме по еден од најпознатите европски џез музичари кој гостуваше во Скопје, Јан Гарбарек.

Програма на годинашниот Скопски Џез фестивал

22 октомври

THE SKOPJE CONNECTION

(Македонија/Италија)

Дом на АРМ, 20:30h

23 октомври

Жени во џезот

AKI TAKASE plays Fats Waller

(Германија)

MARILYN MAZUR GROUP

(Скандинавија)

Универзална сала 20:30h

MICHELE POLGA QUARTET (Италија)

Клуб Хард-рок 24:00h

24 октомври

BRAD MEHLDAU TRIO (САД)

JAMES CARTER QUINTET (САД)

Универзална сала, 20:30h

JOSE JAMES (САД)

Клуб Хард-рок 24:00h

25 октомври

40 Years of ECM

ARVE HENRIKSEN / JAN BANG (Норвешка)

JON HASSELL и MAARIFA STREET (САД)

Македонска опера и Балет, 20:30h

CHICO PINHEIRO E BANDA (Brazil)

Клуб Хард-рок, 24:00h

26 октомври

CHICK COREA, STANLEY CLARKE и LENNY WHITE

„POWER OF THREE“ (USA)

Универзална сала, 20:30h

Слични содржини

Книжевност / Култура / Теорија / Музика
Балкан / Култура / Музика

ОкоБоли главаВицФото